Албанците – патриоти за инвестиции

Албанците се поголеми патриоти за инвестирање зашто во нивниот генетски код е претприемаштвото, сметаат економски аналитичари. Ова е возможно да се смени откако масовно почна вработувањето во јавната администрација. Некои експерти сметаат дека македонскиот патриотизам кој се манифестира со љубов кон Александар Македонски, Гоце Делчев или кон Даме Груев треба да се трансформира во бизнис. Од друга страна, патриотизмот се злоупотребува кога од домашен инвеститор се бара мито.

Анализа на Душко Арсовски

Лето во Кичево. Порано важел за град со средна економска развиеност, но, по транзицијата од многуте стопански капацитети што порано функционирале, денес повеќето се затворени. Сега насекаде се забележливи трговски дуќани, обложувалници, казина и таксисти. Ова, според некои аналитичари, е знак за економска депресија.

Поранешниот градоначалник Благоја Деспотовски вели дека правел обиди да ги привлече  инвеститорите со изградба на слободни економски зони, но, со тоа се обидувал да ги врати и бројните иселеници од овој крај.

„Друга беше нашата предност. Во Скопје никој не би работел за 200 – 300 евра. Овде работат и за плата од 9.000 и за 6.000 денари“.

Со промената на локалната власт, Деспотовски вели е избегано од тој пат.

„Во Кичево сите други проблеми сега што ги имаме се наметнати и не знам кому му служат и кому ќе му служат во иднина. Нека размислат сите што работат поинаку од она што јас го имав замислено и тоа што Советот го работеше во тоа време“.

Од претприемачи до службеници

По пролетните локални избори, градоначалник е Фатмир Дехари, кадар на ДУИ. Членот на општинскиот совет, Ванчо Србаковски е критичен кога зборува за економската политика на новата власт во Кичево.

„Не тераме бизнис и не правиме проекти за бизнис. Сега работиме кого да смениме, каква комисија да направиме, да ги раскараме луѓето, што да направиме нешто лошо за градот за да се дораскараат луѓето“.

Од политички причини, но и од страв од неуспех, вели тој, ретко кој се одлучува да инвестира.

„После Стража доаѓаат печалбарите, ги фаќаат едни луѓе, тоа што го носат им го собираат и го трошат и ги испраќаат нашите печалбари, може и некој мобилен телефон треба да продаде за да се врати назад. Овде не им се даде на печалбарите некое задоволство дека тој треба овде да вложи и да направи некоја фабрика. “, вели Србаковски.

Албанците велат дека поради политички причини Кичево е оставено на страна. Последните години немало интерес за Кичево од државата. За време на кампањата за локалните избори се обеќаваше дека како потенциални инвеститори ќе се повикат емигрантите.

Токму печалбарите треба да бидат дел од процесот за заживување на локалната економија, смета Синиша Наумоски, доктор на економски науки од Кичево. Но има дефект. 

„Патриотизам треба да постои. Но, не во таа форма во која поголем дел од граѓанството го замислува. Таа енергија што се создава, од условно речено, Александар Македонски, спомениците, Гоце, Даме, Питу, Киро, таа синергија треба да се трансформира во бизнис. Тоа албанската популација многу поуспешно го прави“.

Економскиот аналитичар Висар Адеми, објаснува дека етничките Албанци се поголеми патриоти поради генетскиот код за семеен бизнис. Но, постои голема веројатност ова да се смени.

„Работата е што Албанците пред 1990 година и до 2001 година беа помалку застапени во државна администрација и повеќе беа склони да се фокусираат на претприемаштво. Мене ми пречи што после 2001 година на Албанците им го земаа претприемаштвото и ги направија државни службеници“.

Централизиран бизнис

Патриотизмот, во бизнис смисла, се злоупотребува, оценува Адеми. Еве како:

„За компании во Бунарџик ги ослободуваш од даноци, па им овозможуваш да биде обучена нивната работна сила, за секој извоз се ослободени од давачки. Патриотизмот на дијаспората го употребуваш така што велиш треба да дадат пари под маса. Тие луѓе имаат емиоции и им велиш за вас се други правилата“.

Кичево и генерално, внатрешноста на Македонија, страда од централизираност на бизнисот. Еве како размислува еден локален жител: 

„Каде е производството на струја во Македонија? Скопје нема.  Во Битола е 80 % а, 20% е во Кичево. Каде е централата на компанијата? Каде има 200 – 300 вработени? Среде Скопје, а таму киловат час струја не се произведува. Па, вака Германија не се развива“.

Но, затоа електраната Осломеј вработува најголем број Кичевци. Фактот што резервите на јаглен се исцрпуваат, ја зголемува веројатноста овој капацитет за неколку години да се затвори или да користи гас што секако би го намалило бројот на вработени. Така, со или без бизнис – патриоти, градот има иднина само ако сите капацитети ги вложи во привлекување инвеститори, согласни се нашите соговорници.


Статистика

Транзицијата остави 5.500 невработени Кичевци

– По транзицијата без работа останаа 5.500 луѓе

– Според последниот попис Кичево има 27.000 жители

– Од нив, 7.146 невработени.