Додека купувате нешто, можеби најмалку што помислувате во моментот е колку тоа вреди во светски рамки. Но, вашиот избор всушност придонесува тој производ да стане позната марка. И Македонија има свои заштитени марки или брендови но, дури допрва ќе почне да се мери нивната вредност. Експерти оценуваат дека ова е подеднакво важно и за компаниите но, и за потрошувачите да бидат на чисто, дали со право или не веруваат во квалитетот на некој производ.
Анализа на Душко Арсовски
На каса во супермаркет бројам колку од производите што се во корпата се домашни, а колку странски трговски марки. Заклучувам дека повеќето се со потекло од Македонија. Но, некои од експертите сметаат дека таквиот избор не е чест случај во земјава.
Ана Ќовкарова од Европскиот универзитет во Скопје ги проучува одосите компании- брендови- потрошувачи и заклучила дека потрошувачите не се лојални кон домашните познати марки.
„ Доколку сите останати фактори, како цена, квалитет, допадливост, модерен дизајн на пакувањето се позитивни, непроменливи и се исти, во тој случај македонските граѓани претпочитаат странски бренд“
Како пример таа посочува дека лојалноста кон домашните видови чоколади е еднакво на нула, што значи дека речиси секогаш избор на овдешните потрошувачи се чоколади од увоз.
Ќовкарова оценува дека токму лојалноста е еден од најзначајните фактори домашните производи да станат брендови. Тука, според неа лежи и одговорот на прашањето зошто некои домашни марки остануваат познати само во Македонија.
Ана Ќовкарова
Македонските брендови фокусирани кон дома
„ Мислам дека македонските компании малку се плашат бидејќи за фирми од Германија лесно е да се прошират во соседните земји.Но,тоа не е лесно за Македонија зашто и соседните земји се многу мали и обемот на извоз и увоз не е толку голем“
Трговска марка не значи скапа реклама
Но, примерот со индустријата за сувомесни производи ‟Пекабеско„ покажува дека во правилото има и исклучоци. Фабриката е еден од поголемите македонски извозници во земјите од поранешна Југославија.
Директорот Марко Кутревски за Диверзити медиа објаснува како го градат брендот на пазарите во регионот.
„ Одиме со доста ниска цена каде што го помагаме нашиот локален дистрибутер да инвестира во брендот. Во Босна имавме многу успешни кампањи. Нашиот дистрибутер нè промовираше многу добро “
Експертот за маркетинг од Австрија, Борис Бекер смета дека времињата се сменети и оти градењето позната трговска марка не значи само „истурање‟ пари за реклами.
„ Брендовите не мора да инвестираат во скапи сервиси. Може да бидат присутни на социјалните медиуми што не чини многу, а сепак да имаат силен емоционален ефект врз вас. Добар пример за тоа е Википедија“
Токму емотивниот ефект врз потрошувачите, објаснува Бекер, е факторот кој ја засилува довербата, престижноста на еден бренд. Тој е косопственик на агенцијата Chapter4 која во Македонија ќе истражува и ќе врши таканаречено емотивно вреднување на марките. Такво истражување за првпат се прави на Балканот.
Ќовкарова која е лидер на истражувачкиот тим објаснува кои се придобивките:
„Јавното искажување на вредностите на брендовите не значи загрозеност од конкуренцијата. Напротив, значи зголемување на кредибилитетот, довербата на брендовите кај македонските граѓани, зголемување за свесноста за името на брендот, изменување на негативните асоцијации доколку ги има, во позитивни“
Ангажирај државен консултант, добиваш 50 отсто субвенции
Од државната Агенција за поддршка на претприемаштвото велат дека постојано инвестираат во развивање на свеста кај фирмите за важноста на заштита и градење трговски марки.
Љубиша Николовски посочува на кој начин се прави тоа:
„ Претпријатието се интересира, бара некоја советодавна помош, еве на пример, во делот на брендовите, во маркетингот, ангажира консултант од нашата листа. На нашата веб-страница постои листа од 300 консултанти. Ангажира, го плаќа и од тоа државата субвенционира 50 проценти“
Во Македонија четири години по ред е присутен „Супербрендс‟ кој објавува листа на имиња без да одреди кое од нив е највреден бренд. На едно место се објавуваат и трговски фирми, фабрики, универзитети и банки. Во светски рамки постојат неколку агенции кои прават рангирање според финансиската вредност. На врвот на едно такво е името Кока Кола кое вреди без малку 72 милијарди долари. Ова е повеќе од бруто домашниот производ на Боливија, Кенија и Бахреин заедно. За да стигне дотука, оваа заштитена трговска марка се развива 125 години. Што значи тоа, покажува следниот податок – во 1886 биле продадени девет шишенца, а во 2010 една милијарда и 600 милиони шишиња од најпознатиот безалкохолен пијалак во светот.
Рангирање на Интербрендс во 2011
Кока Кола – кралица на светските брендови
Светски познатата консултантска куќа за светски брендови, работи на вреднување на марките познати производи. Нивното мото е дека тие не се заинтересирани да бидат само најголема куќа во светот која може да ги рангира брендовите, туку сакаат да бидат најцената. Интербренд почнуваат со работа уште во далечната 1974 година. Година, кога како што посочуваат луѓето од Интербренд на нивната Интернет страница – луѓето мислеле дека брендовите се синоним за логоа. На нивната ранг листа на највлијателни светски брендови за 2011 година се наоѓаат 100 производи од разлилчни дејности и индустрии. Еве кои се првите десет на оваа листа за минатата година:
| 1. | Кока Кола | 71,861 ($m) |
| 2. | ИБМ | 69,905 ($m) |
| 3. | Мајкрософт | 59,087 ($m) |
| 4. | Гугл | 55,317 ($m) |
| 5. | Џенерал Електрик | 42,808 ($m) |
| 6. | Мек Доналдс | 35,593 ($m) |
| 7. | Интел | 35,217 ($m) |
| 8. | Епл | 33,492 ($m) |
| 9. | Дизни | 29,018 ($m) |
| 10. | Хјулит Пакард | 28,479 ($m) |



