Веќе неколку месеци поминаа откако Светската здравствена организација (СЗО) го прогласи коронавирусот за пандемија на светско ниво, но сепак , некои од верниците на различни религии во земјава се’ уште го ставаат под знак прашалник постоењето на коронавирусот и мислат дека нивната религија ги штити од овој вирус. Од друга страна, експертите продолжуваат да апелираат за следење на препораките на Владата и СЗО бидејќи вирусот е тука, реален е и одзема човечки животи.
Верските институции и верските водачи во Македонија ја одиграа својата улога во градење на недоверба за постоењето на вирусот од нивните следбеници. Тие излегоа со „заблудувачки“ изјави, кои предизвикаа сомневање кај истите. Верниците се сега поделени во две групи: оние кои ги почитуваат владините мерки за да се заштитат од коронавирусот, и оние кои дури ни не веруваат дека постои.
Граѓаните кои не веруваат дека постои вирусот велат дека не се плашат и дека целата ситуација е лага:
„Не му верувам воопшто на овој вирус, затоа не држам маска и ракавици“, „Апсолутно стојам зад мислењето дека воопшто не постои, Но маската ја држиме бидејќи бара државата“, „Кај нас нема епидемија, да не го лажат народот“.
Од друга страна, социолозите ова го објаснуваат како детско и бесмислено однесувањето на верниците кои ја сметаат својата вера како доволна за да се заштитат од коронавирусот. Социологот Али Пајазити истакнува дека одредени религии значајно придонесуваат кон справувањето со вирусот, но тоа не значи дека верата е „Кинески Ѕид“ меѓу верникот и болеста.
“Ова е крајно инфантилен, детски пристап. Значи да се поврзе една пандемија, глобална болест, со религијата, со Бога, дека Бог нè штити само затоа што сме верници на една категорија или религија е бесмислена мисла која нема никаква основа. Не се разболуваат само неверниците, атеистите, агностиците, христијаните, Евреите… секој од нив се разболува. Дури и натуралистите се разболуваат, луѓе кои веруваат во природни појави. И политеистите, оние што веруваат во многу Богови, исто така се разболуваат, како и монотеистите, оние што веруваат во еден Бог, се разболуваат. Дури и муслиманите… сите! Ова го забележуваме и од картата која се објавува од меѓународни инстанци, како што е Светската здравствена организација, но и други светски институции“, изјави Пајазити.
Според Али Пајазити, никој не е имун. Болеста не прашува за адреса или верско убедување. Дали сте помалку религиозни или повеќе е друго прашање, кое има врска со односот човек-божество, човек-Бог, додека овој проблем е чист здравствен проблем, истакнува тој.
Според него, секако дека одредени религии помагаат, даваат посебен придонес во справувањето со оваа болест, што се однесува до прописите за лична хигиена, во однос на чистотата и обредите што ги извршуваат верниците пред молитвите, кои се важни чекори. Но, тоа не значи дека меѓу вас и болеста имате „Кинески Ѕид“, подвлекува Пајазити. Затоа, метафизичките и физичките теми не треба да се мешаат. Небесните работи не треба да се мешаат со земните, е став на Пајазити.
„Тука, сега и со присутна болест, јасно е дека секој од нас може потенцијално да се разболи, вклучувајќи ме и мене“, рече Пајазити.
Дури и лекарите и експертите продолжуваат да апелираат за почитување на мерките, но и да ја подигнат свеста кај населението дека вирусот е реален и е меѓу нас.
Лекарот Лиридон Диша посочува дека големиот број заразени луѓе колку толку ги натера луѓето да видат дека вирусот постои.
“ Гледајќи ги сите овие случаи на пациенти кои се борат за живот, мислам дека е јасно дека луѓето се убедени дека вирусот постои. Точно е дека има и едно малцинство недостижни кои секогаш имаат тенденција да ги обвинуваат другите за нивните неуспеси. Тоа се истите оние кои одат од крајност до крајност, заборавајќи дека меѓу крајностите постои реален свет кој денес се бори против најголемата закана што досега ја видел современиот свет “, истакнува Диша.
Собирањата на луѓето по различни места продолжуваат да бидат места со висок ризик за проширување на вирусот. Дури и собирањата по цркви и џамии. Инфектологот Фадил Цана кој секој ден се соочува со заразените пациенти мисли дека собирањата по било кој мотив може да влијаат на проширувањето на вирусот, затоа и треба да се внимава.
“Собирањето под било кој мотив е потенцијален извор на зараза, без разлика дали е религиозно, политичко, семејно или погребна церемонија. Во оваа фаза, каде се гледа дека имаме локална трансмисија, секаков вид собирање може да влијае на проширувањето и зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19“, изјави Цана.
Која е вината на верските институции?
Сомнежите и збунетоста на верниците во врска со ова прашање, исто така, произлегуваат од неодговорноста на верските институции првично. За време на пандемијата, кога беа на сила и владините мерки, во Струга традиционално се одржуваше верска литија каде се собраа стотици верници, од кои голем дел не ги почитуваа мерките. Луѓето од организацијата на настанот – црквата „Свети Георгиј“, тврдат дека црквата неколку дена однапред ги подготвила верниците поинаку да го одбележат настанот и дека апелирале до луѓето да се придржуваат кон мерките на владата. Но, објавените фотографии и снимки го докажуваат спротивното. На нив се гледа дека учесниците не одржувале дистанца додека свештениците низ градот ги држеле светите икони.
Од друга страна, поранешниот претседател на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Македонија, Реис Сулејман Реџепи, пред џамијата Мустафа Паша во Скопје, честитајќи го Фитр Бајрами, рече дека вирусот Ковид-19 е мртов.
“Очекуваме да во периодот што следи секогаш да победиме над злото и да знаете дека Ковид-19 може слободно да го прогласиме за мртов од денеска, земајќи во предвид дека сме го победиле и затоа сме овде“, рече реисот Реџепи.
Овие настани и изјави предизвикаа не само јавна дебата, туку и дезориентација и збунетост меѓу верниците кои се потпираат на одлуките на верските институции.
Македонија ја примени мерката полициски час за време на верските празници во земјата: за викендот за Велигден, Задушница и празникот Фитр Бајрам, да барем малку се ограничи собирањето на луѓето по верски објекти или јавни места.
Иако џамиите останаа отворени за време на празникот на Фитр Бајрам за да може да се извршат бајрамските молитви, имамот Максут Абази не ја отвори џамијата во Порој, бидејќи според него, во вакви случаи треба да се слушаат лекарите и да се почитуваат мерките. Тој рече дека коронавирусот постои и ги повика луѓето да избегнуваат групирање, дури и за семејни пригоди, како што се свадби или погреби. Тој отворено се спротивстави на изјавата на поранешниот претседател на ИВЗ, Сулејман Реџепи дека короната е мртва, велејќи дека дури и верските книги велат дека вакви проценки треба да дадат само експерти.
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.