Третата по ред радио – дебата во живо на Здружението Диверзити Медиа на Радио МОФ беше на тема „Занемарени се лобистите, активистите, медијаторите во Македонијаˮ. Дебатата како и секој вторник, така и на 17 септември 2013 година, се емитуваше од 13 до 14 часот. Радио – дебатата се организираше во рамки на проектот „Дебатирањето менуваˮ на Здружението Диверзити Медиа.
На темата овој пат дебатираа Зоран Јанакиев, ЕУ лобист и Зоран Петковиќ – Бакли, медијатор.
И двајцата посочија дека во Македонија има солидна регулатива, како за лобирањето, така и за медијаторството. Но, оти нема свест за тие професии, како кај народот, така и кај институциите.
Според Јанакиев, во земјата има само еден регистран лобист. Додека пак, Петковиќ – Бакли рече дека меѓу медијаторите има многу обучени, но преморени кадри (според него, 60% од адвокатите, доброволно работат и како медијатори).
„Лобирањето во Македонија се подразбира како барање врски или нудење рушвет под маса. Но, тоа почнува во рана фаза. Се анализира, се создава мрежа и се седнува пред одлучувачот со аргументиˮ, рече Јанакиев.
Од друга страна пак, и Петковиќ – Бакли посочи дека поголемиот дел од луѓето немаат чувство дека медијацијата може да им помогне во решавањето спорови:
„Не може клиентите да ги седнеме на иста маса да ја користат медијацијата. Често велат: зошто да се заврши предметот, кога сме комотни во процесот кој инаку, знае да трае и со години? Затоа, потребно е да имаме практична медијацијаˮ, коментираше тој.
За разлика од Јанакиев, кој од искуство кажа дека во Европскиот парламент најбројни се лобистите, Петковиќ – Бакли кажа дека во Европа не постои вистинско медијаторство. Според него, вистинско медијаторство има само во САД, Канада, Австралија и во една земја во Африка.
И двајцата беа согласни дека Македонија има добри закони од двете области. Но, во пракса, според нив, тие малку се почитуваат.
Оваа радио – дебата е една од вкупно дванаесетте кои што ќе се емитуваат секој вторник, од 13 до 14 часот, на нашиот партнер – поддржувач Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава.
Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)).
Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци…Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен.
Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ мисла да ја водиме токму на радио.
Повеќе за проектот може да прочитате тука:http://new.diversitymedia.mk/index.php/407













