„Имаме високо образование, а ниски квалификации (вештини)ˮ

Темата на втората радио – дебата беше „Имаме високо образование, а ниски квалификации (вештини)ˮ. Таа се емитуваше во живо, од 13 до 14 часот на Радио МОФ, на 10 септември 2013 година. Радио – дебатата се организираше во рамки на проектот „Дебатирањето менуваˮ на Здружението Диверзити Медиа.

На темата дебатираа Ана Блажева од Институтот за општествени и хуманистилки науки, Мартин Алексоски, проектен координатор од Младинскиот Образовен Форум (МОФ) и Кирил Барбареев, проректор за развој, инвестиции и одржување на Државниот универзитет „Гоце Делчевˮ во Штип.

„Компетенциите се важни. Тие се во основата. Но, овде целосно се занемарува потребата од постоењето на факултетите. Од преголемото наметнување на тие претприемачки компетенции, денес има апсурдни ситуации каде на Филолошки факултети се бранат дипломски и магистерски од областа на претприемништвотоˮ, рече Барбареев.  

Алексоски пак, смета дека решението не треба да се бара само кај факултетите:

„Нашиот пазар на труд не е толку голем да ги опфати сите високообразовани. Никој не прашува каков е квалитетот!?ˮ

Според Блажева, која соработува со Бирото за развој на образованието на проект за зајакнување бна капацитетите и на квалификациите кај учениците во земјата смета дека во образованието во Македонија досега се случиле многу промени кои донесле хаос во овој сектор.

„Многу промени се случуваат, но тие многу споро „фаќаатˮ корен и создаваат хаос во високото образованиеˮ, коментираше таа.

Решението за ситуацијата со многуте високообразованите, а нискоквалификувани дипломци, магистри и докторанти во земјава според гостите на радио – дебатата е поставување и уште поважно, спроведување на една ефективна стратегија во најскоро време. И деполитизација на образовниот процес.

Оваа радио – дебата е една од вкупно дванаесетте кои што ќе се емитуваат секој вторник, од 13 до 14 часот, на нашиот партнер – поддржувач Радио МОФ, во периодот од септември до декември годинава.

Радио МОФ и ИДЕА Југоисточна Европа се партнери – поддржувачи на Диверзити Медиа во овој проект, финансиран од Националниот Фонд за Демократија од Вашингтон (National Endowment for Democracy (NED)).

Недостигаат конструктивни дебати помеѓу политичари, академици, интелектуалци, студенти, млади професионалци…Тоа можеби е така бидејќи земјава во последните неколку години се соочува со ситуација на подвоено општество и поради присуството на страв дека е многу негативно да се биде критичен.

Затоа, решивме малку да ги „поттурнемеˮ работите. Да им дадеме можност на дебатите. Согласно нашата цел и стратешка задача како организација која ја промовира различноста и се залага за развој на медиумите во Македонија, посебно на радиото како медиум, одлучивме битката на јасната, критичка, „ЗАˮ и „ПРОТИВˮ  мисла да ја водиме токму на радио.

Повеќе за проектот може да прочитате тука:http://new.diversitymedia.mk/index.php/407