Пишуваат: Дајана Лазаревска и Рита Бехадини
Живеејќи во општество во кое дискриминацијата и стереотипите се секојдневие, активизамот на невладините организации станува предводник на борбата до еднаквост. Една од нив е и Коалиција Маргини, првично формирана во 2007 година како неформана платформа на повеќе организации. Прва голема активност беше заштита на правата на сексуалните работнички опфатени во акцијата на МВР од 2008 година – „Сузбивање на улична проституција“. Денес, меѓу главните цели се унапредување на здравјето и добросостојбата на маргинализираните заедници, како и човековите права и заштита од дискриминација.
За општествените предизвици и актуелната состојба разговаравме со извршната директорка на Маргини, Ирена Цветковиќ, долгогодишен активист и доктор од областа на родовите студии.
– Голем дел од активностите на Маргни се посветени на младите. Според вашето искуство од работата на терен, кои проблеми помеѓу младите би ги посочиле како доминатни?
„Значителен дел од активностите на Коалицијата се однесуваат или се апликативни за младите, иако наш фокус се сите возрасни групи. Програмата за образование на Коалицијата е најмногу насочена кон младите, а во истата се занимаваме со превенција и заштита од родово засновано насилство и булинг во училишта.
Според најновите истражувања, разните форми на малтретирање меѓу учениците, но и помеѓу учениците и наставниците, се во пораст. Малку, ако воопшто, се обрнува внимание на родово заснованото насилство поради високиот праг на толеранција кон насилството воопшто, како и традиционалните норми и очекувања, што успешно го маскираат овој тип на насилство станува прифатлива реакција на неконформните родови однесувања. Малку се води сметка дека таквата практика сериозно ја нарушува атмосферата за учење и развој и широко ги отвара вратите за родова дискриминација и нееднакво учество на мажот и жената во заедницата, додека за ЛГБТ луѓето не останува ништо друго освен маргинализација и (само)изолација, како единствени форми на (само)заштита.
Во адолесценцијата, младите сè поинтензивно се интересираат за сопственото тело, кое бргу се менува, за релациите (телесни и емотивни) кои ги градат со своите врсници, за нивниот изглед, држење, сликата за себе и за другите. Не/прифаќањето на родовата улога, сексуалните преференци, односно сексуалните ориентации влијаат врз градењето на слика за себе, но и врз социјалниот статус на детето меѓу врсниците и пошироката околина. Токму затоа, нашите напори се насочени кон градење на безбедна училишна средина, во која личниот раст и развој се поттикнувани наместо забранувани“.
-Во еден дел од HBSCM студијата „Однесувања поврзани со здравјето на децата од училишна возраст 11-15 години” се обработува и сексуалното здравје и родовиот идентитет кај LGBTIQ+ млади. Алармантни се податоците кои говорат дека дури 36% од машката и 16% од женската LGBTIQ+ популација има сериозни намери за самоубиство. Каде ја адресирате причината за овој податок ?
„Процентот се однесува на сериозно размислување за самоубиство, а не за намера, но сепак и ова е алармантен податок. Причината веројатно лежи во сите претходни наоди презентирани во студијата кои говорат дека ЛГБТИ младите се подложени на вербално, психолошко, па дури и физчко насилство, форми на социјално исклучување, а поддршката од врсниците и семејството е мала.
Сите овие податоци се нечие животно искуство. Тие се аларм кој повикува на итен интерес и фокус на релевантните општествени чинители и преземање конкретни мерки кои на среден и долг рок ќе резултираат со креирање на побезбедна и поеднаква училишна средина. Во коренот на негативната слика која ни ја даде ова истражување лежат токму традиционално усвоените обрасци на сексуално изразување и однесувања.
Образованието во Македонија мора да почне да се реформира суштински, а не преку бесполезни проекти. Вклучувањето на сеопфатното сексуално образование во училиштата е првичнот чекор. Зајакнување на стручните служби, отворање фронт против стереотипите и предрасудите и менување на дискриминаторските содржини од учебниците, мора да бидат наши појдовни точки. Воспитната компонента на образовниот процес не смееме да ја игнорираме. затоа што и оние млади кои ќе останат во земјава ќе ги претвориме во зомбија. Дури тогаш ќе претстанеме да постоиме како луѓе, како општество, како држава“.
– На кое ниво треба да се почне делувањето за се реши проблемот ? Дали имате соработка и дали добивате институционална подршка во решавањето на проблемите на младите со сексуалноста и родовиот идентитет?
„Според мене, институционалното, односно системското ниво на решавање на овие проблеми е единствено ефективно. Во последние години соработката со институциите е подобрена, а особено со Бирото за развој на образованието. Со наш силен ангажман, успеавме да внесеме амандани во новиот Закон за основно образование, кои гарантираат еднаквост и заштита од дискриминација и насилство. Врз основа на овие амандани, заедно со релевантните институции, Коалицијата помага во процесот на изготвување на подзаконски акт – Правилник за уредување на постапката за пријавување и заштита на ученик-жртва на која било форма на насилство, злоупотреба и занемарување во основните училишта. Понатаму, Коалицијата е дел од работната група за ревизија на учебници од областа на родовата еднаквост и недискриминација. Како што се гледа, првичните чекори се насочени кон обезбедување на легислатива. Сепак, клучна е имплментацијата на овие закони и политики, ако навистина сакаме да го решиме проблемот“.
-Еден податок покажува дека дури 70% машки и 13% женски 15 – годишни испитаници одговориле дека се сексуално активни. Зошто се’ уште нема сексуално образование во училиштата?
„За среќа, започната е процедра за пилотирање на сеопфатно сексуално образование кое се надевам наскоро ќе започне и да се реализира. Верувам дека за кус рок овие пилот училишта ќе докажат колку е суштински важно образование од овој тип да е достапно на младите“.
-Една од последните вести во јавноста беше и групата на социјалната мрежа Телеграм – Јавна соба. Дали имате информации за постоење и на други групи на социалните мрежи од ваков тип?
„Вакви и слични групи постојат, но, можеби не во толкав квантитет како Јавна соба. Истражувањата покажуваат дека младите (и момчиња и девојчиња) искусуваат и доживуваат позитивни емоции во процесите на размена на сексуални содржини со своие интимни партнери/ки. Сепак, кога станува збор за секундарна размена на овој тип на содржини која е не-консензуална, односно кога содржините со сексуална конотација без знаење или согласност се испраќаат до трети лица, тогаш емотивниот одговор е сосема различен. Па така, кога во интимна комуникација се споделуваат овој тип на содржини, младите кажуваат дека чувствуваат позитивни емоции, декаларираат дека добиваат чувство на живост, активност и растење на самодовербата и кај овие емоции немаме разлики според род (односно момчињата и девојчињата речиси подеднакво декларираат позитивни емоции). Но, кога овие содржини почнуваат да се споделуваат до трети лица, тогаш емотивниот одговор е сосема различен и вклучува депресивни и/или агресивни чувства и е различен според род. Со други зборови, кога интимни содржини се злоупотребени емотивниот одговор кај момчињата и кај девојчињата е различен и тоа на начин што девојчињата сериозно многу повеќе искусуваат негативни емоции и последици по менталното здравје во споредба со момчињата. Самите истражувања, но и искуства во поразвиените системи покажуваат дека решението не може да се лоцира во забрана на онлајн комуникација меѓу млади, промовирање на апстиненција од овој тип на однесување или строги контроли“.
-Од досегашните информации за случајот Јавна соба, има неколку пријави на жртви во МВР. Која е причината за сепак присутната осуда, кај значителен дел од општеството кон жртвите?
„Стравот, срамот и недовербата во институциите. Мора да покажеме еден успешен случај на добивање правда на жртвите на овој тип на насилство и криминал за да ги охрабриме и останатите“.
-Кои се следните поректи и активности на Коалиција Маргини ? И како поеднците би можеле активно да се вклучат во решавањето на овие општествени проблеми?
„Коалицијата продолжува да работи на системска промоција и заштита на правата на маргинализираните заедници, а ние сме отворени за сечиј интерес и влог во нашата заедничка борба за поправедно општество“.
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.