Според извештајот на организацијата „Репортери без граници”, што се однесува на слободата на медиумите, за само една година, Македонија паднала за 22 места. Иако веќе позната ситуација, оваа состојба сепак, го вклучува алармот не само за новинарството, туку и за демократијата и за слободата како едни од основните вредности на развиените општества.
Анализа на Назим Рашиди
Американскиот ТВ серијал „Newsroom” го третира прашањето на модерното новинарство. Меѓу другото, еден од ликовите во овој серијал вели дека новинарството има потреба од Донкихотизам. Проблемите на новинарската етика на светско ниво се големи, но во Македонија тие се алармантни.
Пред четири години според „Репортери без граници” Македонија беше на 34 место според слободата на медиумите, додека пак во извештајот за 2013 година таа се наоѓа на 116 место. Последна во регионот.
Но, какви се коментарите за ваквата состојба?
„Новинарството, како професија која дава критики за случувањата во општеството е мртво или е во клиничка смрт. Мислам дека треба да се артикулира заеднички отпор. Знам дека е тешко и е тешко да бараш од другите да се доведат во една ситуација во која можат да ги изгубат своите работни места. Но, на крај на денот треба да се изведе една заедничка реакција“, вели Тамара Чаушидис од Синдикатот на новинарите.
Новинарството – суштина на демократијата
Причините за ваквата ситуација се политички – врските на сопствениците на медиумите со политиката, влијанието на пазарот со владини реклами, притисоците, правните норми…
Но, дали станува збор и за еден период кога општеството треба да им се врати на основните дебати на демократијата, каде што слободата на изразување е од суштинско знашење?
„За жал оваа влада мисли дека може да го контролира новинарството како што ќе посака“, смета Билјана Петковска од Македонскиот Институт за Медиуми.
Што би било решение?
Реторички сите се залагаат за една поголема слобода на медиумите. Владата дури се вклучи и во преговори со Здружението на новинарите на Македонија. Една идеја беше зајакнувањето на Македонската Телевизија, за потоа истата да ги диктира стандардите.
Дали е можно тоа?
Харун Ибрахими е заменик – директор на оваа институција:
„Ако се земе како барометар, фактот што политичарите секогаш настојуваат да ги придобијат јавните сервиси, тогаш и Македонската Радио Телевизија не може да ја избегне оваа појава. Но, сепак, кога станува збор за професионализам, политичките притисоци може да се избегнат”.
Во Македонија, во меѓувреме има една експанзија на нови медиуми. Интернет-страници каде може да се најдат професионални известувања. Но, нивното влијание не е како влијанието на традиционалните медиуми.
Од друга страна пак, иако со помал дел од колачот за рекламите, албанските медиуми го покачиле нивото на критицизам и известуваат под помали притисоци.
Сепак, општата слика е далеку од посакуваната и ова покренува загриженост не само за новинарството, но и за основниот концепт на демократијата и на слободата.



