Пазарот на опасните лекови

Триесетгодишната Сузана С. Од Гостивар со запрепастување го отворила сирупот против грчеви за да ги смали болките на нејзиното бебе, кога сфатила дека сирупот кој го купила во локалната аптека бил со изминат рок. Нејзиното изненадување било поголемо кога увидела дека не може да најде никакви други информации на шишенцето сируп кое немало ниту бандерола, што е инаку задолжително согласно законските одредби. Сузана успеала да најде само упатство напишано на англиски јазик. 
Од Џељаљ Незири и Жаклина Хаџи-Зафирова

Сепак, ваквата појава не е невообичаена. Лекови со сомнително потекло или несоодветно пакување, за жал, можат да се набават и во други места во Македонија. Понекогаш лековите се продаваат нелегално во аптеките, а кои се со изминат рок или пак се забранети за употреба во соседните земји. Во други случаи, лековите се продаваат и на зелените пазари, каде се изложени на екстремно високи или ниски температури со што се намалува ефикасноста на лекот или пак може дури и да го загрозат здравјето на луѓето.

Бирото за лекови како и Министерството за здравство тврдат дека има редовни инспекциски контроли и дека досега не се забележани лекови со сомнителен квалитет или пак фалсификувани лекови. Сепак, истражувањето на СКУП Македонија го покажа спротивното.

Препакувањето

Македонија, по примерот на другите земји има листа на одобрени лекови за употреба во земјата-секој лек што не е на оваа листа не може да се продава нелегално. Сепак, на „црно“ може да се купат лекови дури и од најпознатите европски фармацевтски куќи.

Многу вакви лекови се фалсификат и доаѓаат во рацете на луѓе кои не се сомневаат во нивниот квалитет. Иако, тие се со послаб квалитет и често содржат супстанци кои можат да им наштетат на луѓето кои имаат потреба за лекарства. Во други случаи, лековите се со истечен рок или пак се препродаваат илегално во други земји за да се избегнат давачките кон државата.

Во интервју за СКУП Македонија, еден од трговците на вакви лекови објаснува како се тргува на овој пазар.

„Скоро секој месец патувам за Германија и други места во Европа за да порачам роба. Купуваме лекови пред крај на истекот на рокот и потоа ги продаваме во Македонија и останатите земји во регионот“, вели човекот од кого купивме неколку видови шверцувани лекови.

Средбата едвај успеавме да ја договориме поради тоа што се плашеше да не биде разоткриен. Додека ја договаравме средбата со него се слушнавме најмалку пет пати, а тој секогаш ја менуваше локацијата за нашата средба.

По долги телефонски убедувања на крајот успеавме да договориме средба во еден ресторан во Гостивар, град во Северозападна Македонија. Полека почна да ни ја објаснува целата шема. Во текот на разговорот ни објасни дека лековите кои имаат рок на употреба од 3 до 6 месеци се дистрибуираат по аптеките во Косово и Македонија, додека тие со помал рок се складираат во посебни простории. Во одредени печатници се изработуваат фалсификувани пакети, каде се втиснува подолг рок на употреба и се дава упатство на локалните официјални јазици. Откако ќе заврши препакувањето, лековите се пуштаат во промет во земјите од регионот.

Според него, присуството на лекови без бандероли е резултат на илегалната трговија, а со цел да се избегнат давачките кон државата. На пример, лековите за извоз, главно, на Косово, откако ќе ја преминат границата, на илегален начин се внесуваат во Македонија, при што нивната цена е најмалку 20 отсто поевтина од истите тие лекови кои се со македонска бандерола.

„Наоѓаме начин како да ги внесеме. Некогаш на коњи, а некогаш натоварени преку нелегални гранични премини“, вели дилерот на лековите.

Магичните апчиња

Најголем профит се прави со таканаречените „магични апчиња“, вклучувајќи ја Вијаграта, кои се наменети за подобрување на машката потенција. Вијаграта-некогаш фалсификувана, некогаш внесена илегално, вообичаено доаѓа во Македонија преку илегални гранични премини, на коњи.

„Често селаните не знаат што превезуваат. Тие се занимаваат со ова бидејќи немаат што друго да работат“, вели трговецот со лекови.

Според експертите, во Македонија и земјите од регионот само мал број пациенти со ерективна дисфункција се обраќаат кај матичниот доктор за да побараат помош.

Фактот што апчињата за потенција се популарни на црниот пазар не е само одбегнувањето на докторот, туку пониската цена. Ова од причина што легално, пакетче Вијагра би чинело 40 евра, додека на „црно“ се купува за околу 20 евра, додека „ривалските“ лекови Камагра и Левитра чинат околу 10 евра за пакетче.

Докторите предупредуваат за потенцијалните фатални последици доколку овие лекови се употребуваат без соодветна контрола, посебно кај оние со срцеви проблеми. Иако, нивната продажба на црниот пазар е во постојан пораст.

Поради пониската цена наспроти Вијаграта, во последно време најмногу се продава Камаграта. Дилерот се кој се сретнавме ни понуди Камагра гел по цена од 4 евра или пакуванје од 10 таблети за 25 евра.  

Лекови на тезга

Се обидовме да набавиме лекови на зелените пазари. На еден од нив најдовме човек кој редовно продава дребулии на тезга, а за кој ни посочија дека, меѓу другото, продава и лекови.

„Добар ден! Дали имате нешто за регулирање на висок притисок?“

„Од бугарските или…?“

„Да видиме што имате…“

„Еве овие ги имам. Тие се за висок притисок..“

Вака течеше нашиот разговор со средовечниот продавач, додека ја вадеше лентата со лекови за висок притисок од платнената торба која му висеше под чадорот со кој се обидуваше да се заштити од вжештеното сонце и високите температури. Го прашавме дали има и други лекарства, а тој ни кажа дека од него може да земеме и „билни“ лекови за дијабетес, како и капки за инхалација за деца, но за тие треба да почекаме, бидејќи, како што ни појасни, нив треба да ги нарача од Бугарија, од каде му беа донесени и другите лекарства кои ги нудеше.

Беше внимателен со одговорите, постојано внимавајќи наоколу додека зборуваше. На тезгата на која продаваше не можеа да се видат лекови, туку само дребулии. Ни рече дека најчесто лековите му ги носат од Бугарија, па кога сакаме, може да навратиме и да порачаме нешто од него.

Се обидовме да провериме дали лекови се продаваат и на другите зелени пазари…На еден од нив во централното градско подрачје нема кој не ги познава „бугарките“ кои велат дека редовно доаѓаат тука во четвртоците. Сепак, дента кога го посетивме пазарот ги немаше на вообичаеното место, иако тезгаџиите ни кажаа дека тие редовно доаѓаат на една од тезгите и продаваат лекови кои ги носат од Бугарија. Тоа ни го потврди и еден од таксистите кој вели дека понекогаш се присутни и на тротоарите на улиците, каде, наводно, на граѓаните им нудат најразличен вид лекарства.

Сепак, ова не е единствениот начин како може да се набават лекови на „црно“ посебно за оние кои не сакаат да чекаат долги редици во аптеките или кај матичниот доктор за рецепт. Постојат информации дека лек „под рака“ може да се нарача и по добро разработени канали, преку контакти со луѓе кои ги шверцуваат од соседните земји.

Продажбата на лекови е под контрола, тврдат институциите

Официјалните институции, како и првите луѓе на Бирото за лекови и Националниот Центар за фармаковигиланца тврдат дека продажбата на лекови е под строга контрола, а дека тие не виделе ниту пак имаат сознанија дека лекови се продаваат на зелените пазари кај нас. 

Спротивно на нив, доскорешниот директор на Бирото за лекови, Илчо Захариев потврди дека сепак, кај нас се пронајдени фалсификувани лекови и дека во неговиот мандат дел од аптеките биле затворени поради продажба на вакви лекови. 

 „Најголеми фалсификати се оние за еректилна дисфункција кај мажите. Факт е дека во Западна Македонија тие лекови се користат. Тоа е лекот Вијагра Цијалис и Левитра. Откривме неверојатни фалсификати идентични на оригиналот кои не можат да се забележат со голо око. Аналитичката постапка покажа дека нема воопшто активна компонента во лекот. Кој ќе биде ефектот ако се земе лекот? Тоа е да изостане ефектот и да се појават сериозни несакани реакции по здравјето на пациентите“, вели Захариев.

Тој додава дека во неговиот мандат во Косово, Србија како и во Македонија преку анализа пратена од Косово е пронајден фалсификат серум антитенекум.

„Знаете ли што значи тоа? Ако пациентот кој ризично може да добие тетанус, прими таков лек ефектот ќе изостане и може да добие тетанус“, коментира поранешниот директор на Бирото за лекови.

Од неговиот седумгодишен мандат, Захариев се присетува на примери со фатени фалсификати од Италија, а се работи за лекот Диклофенак, влезен од Косово како и лекот Нитроглицерин од Црна Гора, инаку лек кој се користи за превенирање на инфаркт на срцето. Захариев го наведе и случајот со фалсификат лек Гестормоне-хормон кој се применува во гинекологијата и акушерството но е без активна компонента. 

Според Захариев, фалсификувањето лекови е глобален процес и дека во неразвиените земји постои обид за фалсификат на 30 отсто од лековите, додека во развиените земји тој обид се сведува на 10 отсто. Најголемата афера со фалсификувани лекови во последниве години, според него, е регистрирана кога од Холандија во Франција бил увезен препарат наменет за рускиот пазар во износ од 10 милилјарди долари. „Ако како држава не се заштитите преку коректни и транспарентни постапки за регистрација, и доколку не се прави анализа на лековите и не постојат сертификати за квалитет, имате проблем“, коментира Захариев.   

Го прашавме дали кај нас може да се купат лекови без да се знае потеклото на лековите. Захариев демантира, велејќи дека во легалниот систем тоа не е можно, иако додава дека е можно нешто да се продава „на црно“.

„Во легалниот систем не можат да влезат фалсификувани лекови преку царина. Ако нешто се шверцува, па на црно да се продава тогаш тоа може да се случи, но ако се затекне таков лек во аптека, глобата за аптеката е 25-50 илјади евра, а за одговорното лице-фармацевтот од 10-20 илјади евра. Имаме затворено аптеки по тој основ“, дециден е Захариев.

За продажбата на зелените пазари, екс-директорот на Бирото за лекови коментира:

„Зелените пазари се нешто друго. Како тоа сега се контролира не знам, не сум таму со месеци. Но, дури јас бев директор, зелените пазари беа дел од нашата контрола и тоа формиравме екипи од пет инспекторати кои ги проверуваа пазарите. На пример, во делот на контрола на очилата со корективна функција каде нестручното користење може да го оштети видот“ вели Захариев. Тој исто така, предупреди дека лековите можат да бидат помалку ефикасни ако не се складираат како што е пропишано, или пак се оставени на сонце или влага и ако не се соодветно контролирани. Поради тоа, купувањето лекови на зелените пазари или на „црно“ е далеку поопасно за граѓаните.  

Негетивните ефекти од лековите се следат во Националниот центар за фармаковигиланца, кој е сместен на Институтот за претклиничка и кличинка фармакоголоција со токсикологија. Директорот на оваа установа, Никола Лабачевски вели дека редовно соработуваат со матичните лекари за нус појавите од лековите. Лабачевски им порачува на граѓаните да купуваат само лекови од аптеките или да ги примаат во здравствените установи. Секое купување на лек надвор од институциите според него може негативно да се одрази на здравјето на луѓето. Сепак, тој објаснува дека и најдобрите лекови можат да имаат несакани дејствија, кои се сметаат за нормални.

„Несаканите дејствија може да бидат во рамките на она што е вообичаено за некој лек бидејќи не постои лек што нема несакано дејство. И лековите со најдобар квалитет имаат несакани дејства. Некои лекови што немаат несакани дејствија треба да се прашате дали вооптшо делуваат“, вели Лабачевски.

Квалитетот на лековите при регистрација и продажба се следи во Институтот за јавно здравје. Во моментов на Институтот се проверуваат лековите кои беа земени како примероци во рамките на големата акција за контрола на лековиге кои се во продажба од страна на Министерството за здравство. Во лабораторијата на Институтот се донесени вкупно 168 лекови, чии спецификации се проверуваат. Досега велат дека не е утврдено дека се продаваат лекови со лош квалитет.  

Катерина Старкоска, специјалист по испитување и контрола на лекови од Институтот за јавно здравје  објаснува кои лекови најчесто се фалсификуваат:

„Тоа се вијагрите, седативите, обично тие производи се носат. Кај нас минатата година најчесто се доставија за испитување вијагри и седативи..Кај овие лекови наведен е оригиналниот производител. Ние не знаеме од каде е и кој е вистинскиот производител. Тоа е наведено на кутијата. Ние само испитуваме дали има таква активна супстанца и во колкава количина таа е присутна во лекот. Ако е фалсификат имате половина од декларираната количина“, потенцира Старкоска. Таа предупредува дека фалсификатите не го постигнуваат ефектот иако потрошувачот го плаќа како да е вистински лек.

На прашањето постои ли црн пазар на лекови во Македонија директорката на Бирото за лекови, Катерина Алексоска вели:

„Во Република Македонија нема во промет фалсификувани лекови. Причина што во РМ не се откриени фалсификувани лекови во промет се интензивните контроли на инспекторите од Бирото за лекови и контролите на квалитет на лековите по случаен избор, на добрата соработка со Царината, поштата (пратките подлежат на проверка), како и одличната соработка со агенциите за лекови од соседството“ вели таа. 

Таа тврди дека сите лекови строго се контролираат, како и лековите кои се увезуваат од странство со редовни и вонредни контроли од страна на инспекторите.

„Инспекторите од Бирото за лекови вршат редовен надзор на работата во аптеките, согласно Законот за лекови и медицински помагала и останатите правилници. Пример при последната поширока вонредна контрола, извршена во над 200 аптеки во повеќе градови низ Македонија, констатиравме дека аптеките ги почитуваат законските прописи за чување, издавање и препишување лекови на рецепт. Инспекторите од Бирото за лекови во последната засилена акција, по случаен избор земаа повеќе лекови од најразлични серии директно од полиците на аптеките. Целта беше да се провери квалитетот на лекот што се продава во аптеките и да се се спореди со стандардите што се земени за испитување од соодветниот производител на  конкретниот лек, односно дали се совпаѓа со карактеристиките наведени во спецификацијата во документацијата. Резултатите покажуваат дека квалитетот на лековите за овие генерики е во согласност со пропишаните стандарди на квалитет и констатиранa е усогласеност на квалитетот на лекот со условите од одобрението за ставање во промет на лекот“ вели Алексоска.

За тоа како ги коментира шпекулациите за продажба на лекови со сомнителен квалитет, директорката на Бирото за лекови потенцира дека во текот на годината сите граѓани и здравствени работници имаат можност да пријавуваат несакани дејства, што постојано се следат во центарот за несакани дејства, со што континуирано се следат сите пристигнати пријави преку посебна софтверска програма за континуирано следење на податоците.

„Во системот на фармаковигиланца годишно се собираат и проценуваат околу 600 пријави за несакани ддејства, од кои дел се резултат на спонтано пријавување, а останатите се регистрирани во тек на клиничките испитувања“ додава Алексоска. 

„Истражувањето е поддржано од ЦИН СКУП Македонија во рамките на проектот Подигнување на јавната свест за корупцијата преку истражувачко известувањеˮ

Оригиналниот текст може да го прочитате тука: http://scoop-mk.blogspot.com/2013/10/blog-post_30.html