Во рок од десет дена Македонија ќе ја посетат премиерите на Албанија и на Косово, Сали Бериша и Хашим Тачи, а книга ќе промовира и поранешниот премиер на Албанија, Александер Мекси. Претходно, Македонија ја посетија и други високи функционери од соседните држави. Но, колку се менува надворешната политика на Македонија во однос на соседите и колку треба да се искористат тие нови ситуации во полза на развојот на земјата?
Анализа на Назим Рашиди
Промотивниот спот за настанот кој на 25 ноември ќе се одржи во Скопје најавува еден спектакл, како музички, така и политички.
Стогодишнината од независноста на Албанија, 28 Ноември, создаде една културна, социјална и политичка динамика кај сите Албанци во регионот. Пред 100 години, Албанците од регионот беа вклучени во низа движења, во обид да се ослободат од Отоманската империја. Сегашните граници во тоа време, не постоеја и владееше еден период наречен „Албанска национална преродба“.
Токму поради оваа причина, Албанците во целиот регион ја слават независноста на Албанија, затоа што таа го претставуваше моментот кој поттикна идеи, култури и вредности кои што важат до ден денес. Во време на славење на овој историски момент, кој од Албанците не се смета за хегемонистички, значајни албански личности ја посетуваат Македонија.
На 25 ноември, премиерите Сали Бериша и Хашим Тачи ќе учествуваат на една празнична манифестација. Но, пред тоа, во вторник поранешниот премиер на Албанија и историчар, Александер Мекси, ќе го промовира историскиот албум со фотографии „100 години национална независност“.
Отвореност и дефинирање
Но, колку овие посети ќе влијаат во создавање на нови ставови во надворешната политика на Македонија?
Александер Мекси никогаш не ја посети Македонија во својство на Премиер, заради проблемите на почетокот на деведесеттите.
„Јас барав да се исполнат правата на Албанците коишто живеат во Република Македонија, правата за образование, вработување и друго за кои знаеме сите дека се до 2000 година беа нецелосни и за нив се уште се зборува. Ова е причината поради која не сум можел да ја посетам Македонија. Сега го имам задоволството да ја посетам. Особено, поради една друга причина, како што е промовирањето на книгата“, вели Мекси.
Тој во вторник ќе биде во Скопје за да ја промовира неговата и книгата на неговиот коавтор Џеваир Леши. Дали може ова да се смета како еден вид на хегемонија кон другите?
„Не ми паднало на памет. Денес, во овој период на глобализација и чекорење кон соединета Европа, за некои балкански народи кои не се нејзини членки, да помислат дека имаме такви намери. Ова едноставно, е илустрирано претставување на историјата на Албанците“, вели Мекси.
Аделина Марку од Министерството за надворешни работи вели дека дошло време да се ослободиме од минатото и дека во регионот треба да им се даде можност на прогресивните сили.
„Прогресивизмот сега треба да се стави на тест и да се поддржи. Не треба да се отфрли влијанието на европската и на американската политика во Балканот. Мислам дека една таква мрежа треба да се држи. И да се прегрне уште повеќе, за овие сили да се обратат на една што поотворена и што подефинирана демократија на Балканот“, вели Марку.
Стереотип
Албанците во регионот создаваат една поинаква динамика во споредба со таа од минатото. Албанија е членка на НАТО, Косово е независна држава и Албанците во Македонија имаат поголемо влијание во државата од кога било порано.
Александар Чомовски, новинар кој со години ги следел случувањата во надворешната политика на Македонија вели дека земјата треба да се ослободи од стравувањата за нејзиниот опстанок од закани од соседните земји. Според него, соседните земји на Македонија се таму каде што Македонија посакува да биде, во НАТО и во ЕУ, едно големо семејство во кое, според него, овие стравувања се нерационални.
„Надворешната политика на Македонија не излегува од стереотипот кој го постави поранешниот претседател Киро Глигоров – политика на еквидистанца. За својата политика кон соседите, македонската дипломатија треба да изгради еден нов став на приближување и на кохабитација“, вели Чомовски.
Посетите на албанските високи функционери од соседните држави во наредните денови, како и книгата чија промоција е во вторник, се дел од многубројните активности за 100-годишнината на независноста на Албанија. Книгата е на два јазика, на албански и на англиски јазик и се смета за една илустрирана историја на Албанците во овие 100 години, со личности од целиот регион. Книгата со ретки фотографии, некои од нив објавени за прв пат, како и посетите се можност повеќе да се види историјата, така како што ја раскажуваат Албанците. Но, и момент кога може да се создадат можности за нови прогресивни случувања во регионот.



