Притискање на разумот на локално ниво

Локалните избори треба да бидат процес во кој граѓаните ќе ги избираат нивните лидери, кои пак, својата работа ќе ја стават во функција на решавање на проблеми на граѓаните во градовите и во селата. Но, овие избори поттикнуваат националистички дебати канализирајќи ја кампањата кон други „водиˮ.

Анализа на Назим Рашиди 

Премиерот Никола Груевски со својот говор во Струга и во Кичево наместо да се фокусира на секојдневните проблеми на луѓето на локално ниво, тој ја канализираше кампањата во сферата на меѓуетничките односи.

Неговиот говор следеше по изјавите на Фатмир Дехари и на Изет Меџити, и двајцата кандидати за градоначалници, едниот во Кичево а другиот во Чаир во Скопје.

„Лидерите на партиите треба да носат историска и општествена одговорност. Да седнат на маса и да најдат решение за заедничките листи и заедничките кандидати. Ова е во корист на сите Албанци и сите Македонци во Македонија“.

Наблудувачите велат дека дискусиите за локалните проблеми сега веќе преминале во втор план. Во меѓувреме, проблемите на луѓето се реални.

Марко  Трошановски од Институтот за демократија вели дека во многубројните анкети, направени во изминатиот период, приоритетите на луѓето се сосема поинакви од оние во политичката реторика.

„Политичарите со својата националистичка реторика ги допираат емотивните сегменти на ставовите на граѓаните. Ова го засенува или поттиснува разумниот дел на нашите ставови и затоа националистичката реторика функционира и осигурува гласови“, вели Трошановски.

Крај на идејата за мултиетничка партија

Од друга страна, соединувањето на партиите довело скоро до згаснување и на внатреетничката дебата. Според Марко Трошановски, ако за Кичево ситуацијата беше појасна, затоа што од самиот почеток имаше еден кандидат Македонец и еден кандидат Албанец, тогаш, во Струга критиките на ривалите омекнале, што не носи ништо прогресивно за граѓаните.

„Националистичката реторика само не оддалечува од решенијата за суштинските проблеми, како оние инфраструктурни, комунални…Одбегнувањето на истата, нормално, би ја фокусирало дебатата кон посуштинските проблеми и би нудела поконструктивни решенија за нив“.

Но, вака наелектризирани, тешко дека ќе успее да доминира нешто такво.

Овие ситуации дефокусираат и од други идеи, како на пример, можноста за една постабилна и кохезивна политика преку соработка меѓу партиите, преку етничноста, а врз идеолошка основа.

Алберт Хани вели дека политичката реторика веќе долго време ја забетонирала невозможноста за постоење мултиетничките субјекти.

„Ме плаши фактот што овој процес создава една традиција која подразбира целосна поделба на албанскиот и македонскиот блок. Подоцна, ќе биде невозможно еден Албанец или еден Македонец да размислува за мултиетнички партии, како долго разговарани процеси“, вели Хани.

Гласањето в недела ќе покаже какви се ставовите на граѓаните за употребената реторика од политичарите, која, во некои случаи ги плаши граѓаните со оние „другите“. Но, во Македонијата по Охридскиот договор, тоа што треба да ги помири сите страни е владеењето без доминација.