Ромите останаа со „кратки ракави”

На две години пред крајот на Декадата за вклучување на на Ромите, животот на оваа заедница во Македонија видно не се подобрил. Ова го велат ромски активисти и политичари, кои немаат позитивни примери, освен малите поместувања во образованието на Ромите. Каде е проблемот? Во неинформираноста, доминацијата на стереотипиите и дискриминацијата или во економската криза? Одговорите ги побаравме на осмата дебата од проектот „Дебатирањето менуваˮ.

Подготви Весна Коловска

Сејнур Шаиновски е магистрант на Правниот факултет. Со гордост соопштува дека е првиот магистрант од кумановската ромска населба Средорек, која јавноста главно ја знае по поплавените ромски домови и по двете ромски деца кои исчезнаа пред три години. Сејнур за себе вели дека е продукт на Декадата за вклучување на Ромите 2005 – 2015.

“Примав стипендија во сите четири години од гимназиско образование. Па, дури и последната, петта година од моите магистерски студии се покриени од Ромскиот едукативен фонд. Ако не беа стипендиите можеби немаше да завршам високо образование“.

Сејнур студира со странски пари, прецизира советникот во општината Куманово, Ашмет Османовски. Тој број на образовани Роми би бил далеку поголем, вели, доколку државата се заземеше за образованието на младите припадници на ромската заедница.

„Образованието е благодарение на средствата кои доаѓаат од надвор. Помалку средства како државни стипендии им се доделуваат на Ромите кои студираат овде. Дел функционираат, но дел се злоупотребени од не – Роми.“

Образованието е една од четирите области, која Декадата како меѓународна иницијатива ја има земено како приоритет во подобрувањето на условите за живот на Ромите. Домувањето е област која е најтешка за решавање. Скоро 70% од Ромите немаат документи за сопственост. Во Куманово,  населбата Средорек каде што претежно живеат, во Деталниот урбанистички план не е исцртана како населба, туку е предвидена зелена зона.

Политички акт

Публицистот Рамо Рушидовски вели дека тоа е политички акт на една власт.

„Кој го направил тој урбанистички план? Пак кумувала политиката! Таа населба постои пред 1900 година. Таа постоела таму, Ромите живееле таму, а тие со урбанизацијатата направиле зелена зона. Што зборува ова? Значи, политиката директно кумувала за сиромаштијата и Ромите да немаат имот“.

Невладината организација Национален ромски центар работи на проект за правна помош во процесот на легализација на дивоградбите. Меѓутоа, според советникот Османовски, невладините организации не смеат да ја заменат државата.

„Од невладиниот сектор колку ромската заедница има бенефит од тие проекти, толку има и штета. Сето на што го работи НВО секторот треба да го работи државата и општината. Дотука можеа да завршат работа НВО, но ако не си политички ангажиран, ако не си дел од власта, ако немаш влијание во законите, малку ќе постигнеш“.  

Така вели Османовски, според кого, невладиниот сектор не се покажал во решавањето на проблемите на Ромите. Но, со тоа не се согласува ромскиот активист Шаиновски.

„Невладиниот сектор не мора да има политичка боја за да успее во проектите и активностите. Имаше и можеби допрва ќе има проекти со кои ќе се зголеми бројот на учениците во образование. Можеби организацијата ќе успее да вработи други невладини активисти или ќе ангажира волонтери“.

Во време кога на сила е Охридскиот рамковен договор со кој се обезбедува рамноправно учество на малцинските заедници, ромската останува со кратки ракави, вели членот на кумановскиот совет Османовски.

„Факт е и вистинае , дека од 6.000 Роми во локалната самоуправа немаме ниту еден вработен Ром. Не само во локалната самоуправа како јавен службеник, немаме ниту во службите на јавните претпријатија. Имало огласи, меѓутоа се вработуваат членови на одредена политичка партија, но се гледаше да не биде Ром“.

На маргините

Во услови на економска криза, нееднаков пристап до работните места и проблеми со обезбедувањето на покрив над глава, единствената алтернатива е напуштање на државата.

Сејнур Шаиновски вели дека повеќе од половината жители на Средорек заминале во европските земји како азиланти.

„Луѓето заминуваат, доаѓаат и пак одат. Се иселија над 60 отсто од жителите на Средорек. Самата држава треба да го увиди проблемот. Проблемот е во економијата, во ниските примања. Луѓето се приморани да ги напуштат своите домови“. 

Меѓутоа, во некои од европските земји Ромите се дочекани со фашистички пораки или се убивани на улица, вели Рамо Рушидовски.

„Тие практично се на маргините на самите општества. Замислете што се случува во поранешните социјалистички земји Словачка, Чешка, Романија… Таму јавно ги убиваат луѓето на улици без одговорност. Во Унгарија дури една фашистичка организација бараше да се врати законот од 15-16 век да ги убиваат Ромите без одговорност. Замислете во 21 век што се случува!“

Декадата за вклучување на Ромите почна во 2005 година и завршува скоро по две години. Според ромските активисти, Македонија некогаш беше лидер во права на Ромите и условите за живот. Сега, на крајот од Декадата, тоа место полека го зазема Србија и некои други земји во регионот.