Македонија ја гради стратегијата за проблемот со бегалците во согласност со она што како политика го води Европската Унија. На овој проблем треба да се гледа од хуманитарен аспект зашто бегалците се луѓе. Ова се некои од заклучоците од јавната дебата што се одржа во Куманово во рамките на проектот „Глокални дискусии“. Разменуваа мислења безбедносни ескперти, хуманитарци и локални новинари. Универзитетскиот професор Владимир Пивоваров посочи дека кризата не беше неочекувана. Според него Македонија не е држава која сама може да се справи, но за она што го направи до сега треба да и’ се оддаде признание.Доколку се ценеше хуманоста и човечноста на рутата на бегалците, мислам дека македонија доби чиста десетка. Со исклучоци на некои луѓе кои ги малтретираа, но тоа беа исклучоци, вели Пивоваров кој е и советник на министерот за внатрешни работи. Новинарката Светлана Антиќ Јовчевска сепак не се согласува… Ова не е од сега, а Македонија не беше подготвена за вакво нешто. Македонија слепо се однесуваше кон проблемот. Згора на се’ локалните жители, вели, со текот на времето го менува односот кон бегалците.Населението во Македонија во овој крај, дали е Липковско или Кумановско, е сиромашно. И кога ќе видат дека бегалците добиваат многу банани, многу сокови и други работи, почнуваат да ги гледаат поинаку. Нема ксенофобија, нема анимозитети, но знаете дека во секој народ има и поинакви, има криминалци кои можеби сакааат да профитираат. Интересно беше пред неколку дена на Табановце што локално население почнува да се однесува како бегалците, па и тоа да зема хуманитарна помош. Значи сега има една многу интересна ситуација. Од една страна ги жалиме, од друга страна сакаме да заработиме, од трета страна велат дај и ние да земеме нешто од таа помош. Хуманитарците имаат поинакви искуства со обичните луѓе.Преку медиумите се запознаени со маките на бегалците. Секојдневно имаме контакти кои сакаат да донираат, сакаат да дојдат да помагаат и да волонтираат. Генерално помошта е тука и луѓето се подготвени, сакаат да им се олесно на овие бегалци, оценува Кастриот Реџепи, од здружението „Нун“ кое е активно во камповите во Гевгелија и Табановце. Посочува дека откако се смени законот со кој им се легализираше престојот на бегалците, состојбата е драстично сменета на подобро. Ситуацијата не е одржлива на долг рок, оценува професорот Пивоваров, укажувајќи на безбедносни ризици.Доколку оваа криза потрае подолг временски период, имајќи предвид психологијата на масите, многу мала искра е потребна да се случи инцидент со домашните власти или во самата заедница во која тие живеат. Во такви ситуации се создава една генерална слика за ваквата категорија лица. Тоа доведува до состојба каква што имаме од нова година наваму, да читаме извештаи како оној од Шведска дека оваа земја планира годинава да протера 80 илјади бегалци. Активистот Реџепи на ризиците гледа од хуманитарен аспект.Македонија со овие центри што ги има, не е подготвена за подолг престој. Овие центри се само за транзитирање. Нема услови луѓето да престојуваат подолго, дури и капацитетот е многу ограничен. Пивоваров решението за глобалниот проблем го гледа во мировна конференција и на политичка маса. Дава интересен предлог.Мислам дека е најдобро меѓународната заедница да направи една слободна територија, секако ќе биде на штета на некоја држава, ама таа да биде хумана. Тоа да биде просторот до завршување на војната и до создавање на услови за нивно враќање, тие луѓе да живеат еден нормален и цивилизиран живот на тој простор. Како пример го посочува ненаселените грчки острови на кои би се подигнале привремени градови со сите услови за привремен живот.Сите се согласни дека во меѓувреме не треба да се лицитира со проценти за инфилтрирани терористи меѓу страдалниците од Сирија и другите кризни држави. Во дискусијата во Куманово учествуваа и граѓани и претставници на локалните медиумите. Еве некои од прашањата и коментарите.Македонија засега е подготвена само да ја координира оваа работа до ниво на транзитирање ( на бегалците) но не и ако тие одлучат да останат повеќе во Македонија. Имаме правено анкета меѓу граѓаните на Куманово. 80 проценти од локалното население бегалците ги смета за терористи, можеби тоа не е добар збор да се употреби. Како можеме да направиме да им го смениме мислењето. Панелистите одговорија дека еден од начините да се смени перцепцијата во јавноста е и преку почести вакви јавни дискусии. Заклучија дека состојбата ќе зависи од развојот на настаните во Сирија. На крајот повеќе од јасно е дека Македонија ќе ја дели судбината на останатите држави од бегалската рута. Но оваа судбина не е ни приближно трагична колку на оние коишто се приморани да бегаат илјадници километри од своите домови за да спасат жива глава.