Пишуваат: Ивана Настеска,Дајана Лазаревска, Љубица Иванова, Маја Терзиова, Рената Пенчова и Теодора Новеска
Со пандемијата на новиот коронавирус ковид-19 дополнителен ветер во грб добија лажните вести, теориите на заговор, но и манипулативните вести, оние кои се базираат на неколку точни факти, но зачинети со фантастични детали за да го навлечат консументот уште повеќе. Пласирањето на вакви информации има различни цели, од корист на политички поединци и групи, до финансиска заработка на човек-медиум кој има за цел да оствари што повеќе кликови, а со тоа да заработи пари од автоматизирани реклами.
Веста што одбравме за анализа е „Дали чипирањето ќе биде следната голема работа во Европа?“ оригинално објавена на „Еуроњуз“, но кај нас пренесена од многу портали со сензационалистички наслови.
Иако, во телото на преведените вести на македонски јазик во поголем дел е содржана главната информација, насловите се тие што го носат во заблуда читателот како: „Започна чипирањето на луѓе“ или „Почна чипирањето на луѓето: Еве кој е следна мета“. Во оригиналната вест не станува збор за тоа дека почна чипирањето на луѓето, туку станува збор за биочипови кои преку старт-ап компанијата „Biohax“ се тестирани на Швеѓани, кои волонтерски се пријавиле за таа намена. Дополнително треба да се знае дека овие биочипови не се воопшто нови, туку со развојот на технологијата им се отовра врата за поширока примена.
Овие микрочипови ја користат блиската комуникација на терен (NFC) и идентификација на радиофреквенции (RFID) за да комуницираат со систем. Технологијата за идентификација на радиофреквенцијата (RFID) користи антена за да одговори на дојдовен сигнал со испраќање на појдовна порака. Оваа технологија се користи повеќе од 50 години и е вообичаена во секојдневните активности, како што се користење на кредитна картичка, идентификациски картички за да се отвори врата, да се плаќаат патарини на автопати како и во автомобилската индустрија за влегување во автомобилот без клуч.
Првиот човек на кој му бил имплантиран (RFID) микрочип е британскиот научник Кевин Ворвик (познат како „Капетан Киборг“) во 1998 година. Тоа го тестирал на Универзитетот во Ридинг, како своеден напреден експеримент.
Биочиповите во медицината
Агенцијата за храна и лекови на САД за првпат ја одобува оваа технологија во 2004 година, со наведени потенцијални ризици, вклучувајќи несакани реакции. Првиот микрочип одобрен во САД за медицински цели е наречен TheVEriChip и неговата цена првично изнесувала од 150 до 200 долари и истиот се аплицирал со помош на игла за 20 минтути. Но, колку и дали оваа технологија е безбедна е обработена во научниот труд од Сима Ајами и Ахмад Раџабзадех насловен како „Radio Frequency Identification (RFID) technology and patient safety“, достапен на електронската национална библиотека од Медицинскиот институт во САД.
Во нивниот труд објасуваат дека најмалку 44.000 луѓе, а можеби дури и 98.000 луѓе, умираат во болници секоја година како резултат на медицински грешки што можеби со напредната технологија би можеле да бидат спречени. Овие медицински грешки можат да се класифицираат во пет категории: погрешно одлучување, лоша комуникација, несоодветно следење на пациентите, погрешно идентификување на пациентите, неможност за брзо реагирање и слично. Според Joint Commission on Accreditation of Healthcare Organization (JCAHO) користењето на нови технологии може да придонесат во намалување на процентот на овие грешки.
Дезинформациите отсекогаш постоеле, треба да се научиме да се заштитиме
Специјалистот за медиумска писменост, Михајло Лахтов, вели дека феноменот на дезинформации, пропаганда и манипулации во медиумите не е воопшто нов. Стотици години наназад, вели Лахотв, оние кои ја имале можноста да им се обраќаат на народните маси, често ја злоупотребувале таа привилегија. Но, појавата на нов тип на медиуми, особено социјалните мрежи, овозможија информациите и медиумските пораки, меѓу кои и дезинформациите, да се шират со огромна брзина и да влезат во сите домови.
„Појавата на таканаречените весници за едно пени во Англија и Америка на почетокот на 19 век, освен што овозможилa информациите да стигнат до сите слоеви во општеството, понудилa и отворена врата за многу дезинформации и измислени содржини користени за зголемување на продажбата и бројот на спонзорства. Една од најголемите измами од тоа време се сториите на Њујорк Сан (The New York Sun) за чудните суштества кои живеат на месечината. Приказните донеле многу нови претплатници и зголемен рејтинг, а и кога весникот ја признал измамата, не многу луѓе му ја откажале довербата“, вели Лахтов.
Тој смета дека за да се заштитиме од дезинформациите прво мора да се едуцираме, да знаеме да препознаеме што е професионално и објективно новинарство, а што е манипулаторство и пропаганда.
„Еден од важните принципи е да бидеме многу скептични кон содржините кои ги консумираме во огромни количини секојдневно. Но, не подеднакво скептични кон сите. Постојат медиуми, еве ќе го спомнам Гардијан на пример, кои со својата професионалност ја заслужуваат нашата доверба многу повеќе од петпарачките, жолти портали“, додава Лахтов, кој одбива да го користи терминот лажни вести, бидејќи тоа најчесто го прават политички елити, кои сакаат да ги оцрнат медиумите со кои не се согласуваат.Според Лахтов, токму политичките и бизнис круговите се оние кои некогаш објавуваат информации кои се делумно точни или имаат точни информации, но контекстот е неточен или се целосно неточни.
„Тие тоа го прават поради свои интереси кои може да бидат најразлични. Но, многу често, ќе видите информации кои се неточни и медиумот ги објавил само за да заработи некој клик повеќе, а со тоа и некој динар повеќе. Нема многу теорија на заговор тука. За мене лекот е во едукацијата. Едукација од најмала возраст, која ќе го стимулира критичкото размислување. Сериозни реформи на образовниот систем, воведување на концептот критичко размислување низ сите предмети и медиумско описменување од најрана возраст, се успешните модели кои ги даваат вистинските резултати во Финска, Шведска и Холандија“, вели Лахтов.
На малинформацијата малку се посветува внимание
Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов вели дека малинформацијата, како еден од подвидовите на лажни вести е можеби и најмалку разработувана. Но, во исто време, таа претставува ако не најопасен, тогаш еднакво ризичен начин на ширење на лажни вести кои прават сериозен удар и штета врз демократските општества.
„Имено, малинформациите се најчесто целосно точни или делови од точни информации кои се шират или стават во одреден контекст со цел да се наштети на некоја личност, институција или било кој субјект кој е таргет. Креаторите на ваквиот тип на лажни вести се потпираат на навиките кај дел од граѓаните на читање само на насловите или контекстот кој се сака да се наметне преку наративот на веста, во комбинација со ботовите или хуманоидните тролови кои ќе „добијат задача“ таквата вест да ја шират со молскавична брзина и тоа најчесто преку социјалните медиуми како канал“, појаснува Кордалов.
Според него, во ваквите случаи една од клучните улоги играат и самите социјални медиуми, кои по огромните притисоци веќе преземаат конкретни мерки за идентификување и отстранување на лажни и други профили со пропагандна улога.
„Борбата со лажни вести е спрега во која треба да бидат вклучени сите фактори со цел да се постигне максимален ефект. А, работите секогаш почнуваат онаму каде што има повеќе моќ и можност да се менуваат работите, односно од институциите. Тие мора да бидат подготвени веднаш и во реално време да одговорат на одредени информации што се пласираат во јавноста, а кои можат за многу кратко време, да предизвикаат паника, страв и да направат сериозни погрешни размислувања, односно тези базирани на неточни или лажни дезинформации“, додава Кордалов.
Ковид 19 и 5Г
Со појавата на пандемијата од ковид-19 во интернет просторот со неверојатна брзина се шират теориите за поврзаноста на коровирусот со 5Г антените, како и дека позади пандемијата стои мултимилионерот Бил Гејтс. Така, често по одредени портали за кои нема транспарентни информации за тоа кој е сопственикот, како се финансираат, ниту имаат импресум и новинарска редакција, може да се забележат наслови како : „Глобалофашистите создадоа коронавирус за со вакцини да не чипираат и зомбираат сите нас, низ цел свет“ или „Трамп му удри шлаканица на Гејтс, ќе се стави рампа на масовното чипирање“.
Иако, зад таквите информации нема ниту докази, ниту логична поврзаност, според она што се гледа на социјалните мрежи тие се споделуваат по илјадници пати, а така стигнуваат до поголем број на консументи ширум светот кои ги доведуваат во заблуда.
Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.
This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.
Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.