На вистинската фреквенција

Телевизија, Интернет, радио, весници. Голем е изборот на медиуми од каде што може да се дојде до информација. Дали во изборот или леснотијата за пристап се кријат причините поради кои едни медиуми се поатрактивни од други? Дали радиото ја губи популарноста во однос на другите медиуми? Некои граѓани велат дека слабата понуда на радио станиците ги тера повеќе да гледаат телевизија. Од друга страна пак, експерти оценуваат дека радијата се економски слаби за да инвестираат во добра програма.

Се слуша музика од радио станица во кафетерија на Широк Сокак во Битола. Музиката е, велат битолчани, една од главните причини поради која слушаат радио.

„ Заради музиката. Само што има еден проблем што не ми се допаѓа моменталната музика што ја пуштаат на радио. Недостасува блуз, рок радио. “

„ Дали слушам радио? Не слушам. Нема ниту квалитетни радија во Македонија. “

„ Радиото е многу покорисно, има добра музика, а има и вести. Телевизијата има многу програми што не се препорачуваат за сите. “

Жителите во помалите градови ги интересираат локални вести

Радио новинарот Анета Блажевска се согласува дека локалните радија се во криза зашто како што вели, нудат слаба информативна програма.

„ Ако не се локалните телевизии граѓаните од помалите општини буквално ќе бидат осакатени.  Затоа што не сакаме да слушнаме што се случува во Скопје, што кажал Премиерот или што кажал претседателот. Не интересира нешто што е од наше опкружување, нешто што не засега. “, вели Блажевска.

Има две страни на приказната, вели Душко Арсовски, новинар кој подолго време ги следи случувањата во медиумите.

„ Новинарите многу повеќе сакаат да работат на телевизија сметајќи дека така ќе станат популарни за кратко време. А, од друга страна проблемот е и економски затоа што најголем дел од маркетиншкиот колач отпаѓа на телевизиите, а за радијата останува малку за да може да се инвестира во квалитетна програма. “, смета Арсовски.


Над 20 проценти од граѓаните се информираат од радио

Според последните истражувања над 20 проценти од граѓаните во Македонија добиваат информации слушајќи радио. 

Во Македонија има 81 радио или во просек по едно радио на 25 илјади жители. Оние што уживаат да работат во радио станица велат дека на овој медиум се нуди музика, информации, едукација во етерот.

„ Тоа е магијата на радиото која не може да ја замени ниту телевизијата, ниту Интернетот, ниту пак кој било друг медиум. “


Од Битола известува Цветанка Григорова. Барајте не’ на вистинската фреквенција.

AddThis Social Bookmark Button