Го критикуваат ли Албанците албанскиот национализам?

Изливот на национализам и екстремизам во последниот период во јавноста поттикна неколку критички текста од новинари, аналитичари и на граѓани за феномените во општеството. Некои од текстовите беа и во фокусот на нападите. А, имаше и пример каде пратеник од актуелната власт етикетирише новинар за изразените ставови.
Но, во неколку текстови, критички насочени кон навредите, пцовките и нападите имаше и заклучоци дека албанските интелектуалци не ги критикуваат Албанците за феномени кои се негативни во нивните општества.

Колку е вистинска оваа констатација?

Туна e пејачка од Скопје која во последно време кариерата ја гради во Косово и во Албанија. Таа е дел на жирито на познатото телевизиско шоу Икс Фактор Албанија. Слично како Туна и многу други професионалци од различни професии, инаку Албанци од Македонија, ги фокусираат нивните активноси во Приштина и во Тирана.

Слична е ситуација и кај медиумите. Повеќе личности, интелектуалци, аналитичари се присутни во медиумите кои се емитуваат на регионално ниво и кои се занимаваат и дебатираат за општествените феномени на Албанците.

Ова е таков вид емисија на една од телевизиите во Тирана, во која се поканети се и аналитичари од Македонија.

Артан Садику, еден од младите коментатори, во еден негов текст отворено ги критикуваше навредувачките навивања и на албанските и на македонските навивачи кажани на спортските терени. Според Садику, освен јазичната бариера, македонската јавност има потешкотии да ја следи дебатата на албанските аналитичари и интелектуалци на разни регионални теми бидејќи тие се организираат од медиуми кои се надвор од Македонија. Тоа како што вели тој, е нешто што е загрижувачко за кохезијата во земјата.

„Имајќи го предвид супер брзиот развој на албанските медиуми, пред се во Албанија, на Албанците од Македонија им се даде можност да се вклучат во овој медиумски свет. Претходно немале рамноправен пристап да бидат дел од медиумскиот свет во Македонија. Затоа, денес тоа што преставува тема за Албанците, било тоа да е културна, спортска или политичка, таа е целосно различна од тоа што е важно за Македонците. Овие два медиумски света воопшто не комуницираат, и ова е еден од проблемите кој треба да се третира„ коментира Садику.

Тој во еден негов текст напиша „За да си изградиме јасен антинационалистички дискурс мораме длабоко и сериозно да си расчистиме со сопствениот шупак“.

Албанското знаме како визит-картичка за политичка кариера?

Леарт Кола е автор кој често пишува и зборува против национализмот. Тој е политички активист. Неговите текстови се објавуваат во Тирана, Приштина и во Скопје. Во еден негов текст тој пишува за употребата на националното албанско знаме како визит-картичка за политичка кариера наспроти реалните проблеми на луѓето, како сиромаштијата и животниот стандард.

Тој објаснува дека во медиумите кои се следат од Албанците во регионот, меѓу аналитичари или личности кои што имаат влијание има такви кои слободно зборуваат против нацинализмот.

„Кај албанската елита, посебно кај дел меѓу анлитичарите има негативен пристап за националистичките феномени. Овој став има позитвна страна бидејќи не дозволува раст на национализмот кој пак, утре, задутре може да прерасне во фашистички феномен“, смета Кола.

Критиката на албанските автори за власта и албанските феномени во регионот е многу посурова од тоа што се случува во Македонија. Ова го велат неколку набљудувачи кои ги следат медиумите на албански и македонски јазик. Но, според Леарт Кола оваа констатција сепак не значи дека медиумите во Тирана се идеални, иако нема притисоци или јавни осуди од власта ако се осудуваат националистички феномени, како што е примерот со Македонија.

„Не постои идејата за притисок ако го браниш или осудуваш национализмот. Притисок во Албанија може да имаш ако зборуваш за корупција и ако ги "загрозуваш" политичарите и тоа по џебот„ вели Леарт Кола.

Но и ако се смета дека има друга слика за албанскиот медиумски простор, од таа што ја знае македоснката јавност, соговорниците на Диверсити Медиа, сметаат дека македонската јавност нема пристап до овие дебати.

Институциите (не)јасно против национализмот

Бранко Героски е еден од тие автори  кој бараше реакции и од албанските интелектуалци за феномени во албанското општество. Тој признава дека не може да ги следи дебатите на Албанците и како уредник на медиум вели дека треба да има поголома отвореност за немакедонските ставови.

„Да ги отвориме нашите медиуми за присуство и за дебата на луѓето од другите етнички заедници. Исто така, отворен сум да ги слушнеме, објавиме и прераскажеме ставовите на албанските интелектуалци на оваа тема“ вели Героски.

Но, неколку албански набљудувачи сметаат дека треба поголем напор од само добрата волја кај неколку медиумски личности. Тие се загрижени за новиот бран на национализам велејќи дека освен како медиумски проблем, каде нема претставување на ставовите од сите страни, фокусот треба да биде кај институциите, дали има нивна реакција. Од друга страна, тие треба да се перцепираат како заеднички, и кога има настани кои можат да предизвикуваат тензии, треба да реагираат брзо.

Неприфатливо е велат тие, челници на институциите кои треба да се пример, да не ги осудуваат инцидентите, а уште полошо се прават дека не ги виделе или слушнале, како што за навреднувачките повици од страна на македонските навивачи за време на европското првенство во ракомет изјавија и Премиерот Никола Груевски и вице-премиерот Муса Џафери. И двајцата челници на битни институции, наместо први да ги осудат нациналитичките скандирања и двајцата решија да ја надминат ситуацијата со млаки изјави што според набљудувачите е неприфатливо!  

AddThis Social Bookmark Button