До легитимации тешко, до попусти уште повеќе

Со оглед на стандардот и условите за живот, за студентите од универзитетот „Гоце Делчев„ од Штип од голема важност се попустите предвидени со студентската легитимација која ја добиваат со запишувањето на универзитетот. Меѓутоа, до студентска легитимација и понатаму тешко се доаѓа, а до попусти уште потешко.

И по три години членување во студентската организација, студентите од универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип не ги добиваат погодностите на вистинскиот начин, а за кои им имаат кажано дека ќе ги добиваат при купување или за услуга за која треба да платат. Всушност, тие само слушнале дека ја имаат таа привилегија, а некои од нив и покрај тоа што платиле, не можат да си ја земат студентската легитимација.

„Немам  студентска легитимација, а за неа плаќам веќе три години. Не сум ја зел. Минатиот семестар отидов да прашам, ми рекоа дека не се готови“, изјави еден студент.

„Попусти? Знам дека има нешто за патување со автобуси и возови“, вели друг студент .

Студентка во прва година слушнала дека има попусти:

„Имам разбрано дека има попусти во некои продавници, ама каде, што, како .. не знаеме“.

Еден сопственик на угостителски објект, како и еден таксист велат дека се подготвени да овозможат попусти за студентите, доколку претставници од Студентскиот сојуз при универзитетот дојдат кај нив и склучат договор.

„Мислам дека минатата година имаше некаква иницијатива, ама немаше со кого можеше да разговараме, немаше некој овластен од факултетите или од универзитетот. Не можам сам да одредам таков лимит, туку за тоа треба заедно,сите угостители. Може јас ќе дадам 10%, 20%, ама соседот до мене ќе даде 30%“, рече угостител чиј ресторан е до Педагошкиот факултет.

„Досега никој не побарал попуст“, вели штипски таксист.

Студентско бифе со пазарни цени

Студентите немаат попуст ниту во бифето на Педагошкиот факултет, каде во нормални околности би требало да го имаат.

„Сите студенти си плаќаат со пари и никогаш не побарале попуст. Нема попуст.  Тоа е. Ова се цените. Бифето се води под универзитетот, ама под други сервиси  и тој попуст е воведен во цените, кои се поразлични од кафулињата и други објекти во градот. Ова се студентски цени„  изјави вработен во бифето на Педагошкиот факултет.

Претставникот на Студентскиот парламент Душан Миланов, вели дека попустите за студентите засега важат само во пет фирми во Штип и во Струмица. Вели оти вложувале напори да склучат договори и со други фирми. За издавањето на студентските легитимации, Миланов рече дека тоа е одговорност на службата за студентски прашања на секој факултет одделно. 

AddThis Social Bookmark Button