Општествена (не)одговорност

Ретки се примерите каде што фирми покажале општествена одговорност кон заедницата. Експертите оценуваат дека таквото вложување носи  корист и за самата фирма. Зошто поимот општествена одговорност е непознат за фирмите и за граѓаните?

Дваесетгодишниот Зоран Стефановски е каратист од Ресен, кој благодарение на спонзори, добил можност да учествува на државен натпревар надвор од својот град.

„Не беше некоја голема помош. Но, секоја помош е добредојдена, особено во заедница како што е Ресен. Јас сум од Ресен и таму спонзорства има малку и за натпревари. За нас од мал град е многу потешко да се учествува во Скопје, отколку тие што се таму“, вели Зоран.

Битолското училиште „Стив Наумов“ доби нови прозорци благодарение на донација од приватна фирма. Хотелот „Амбасадор“ пак, бесплатно ги смести учесниците на традиционалниот битолски аеромитинг.

Фирмите малку зборуваат, а уште помалку се запознаени со поимот општествена одговорност. Но, според Глигор Михаилов од Македонската развојна фондација за добите примери треба да се знае.

„Треба понатаму да ја шират приказната, да кажат што прават и да слушнеме како заедницата се чувствува во однос на бизнисите. Дали тие враќаат на потрошувачите, на доставувачите и како се однесуваат со вработените“ вели Михаилов.

Непознат термин

Граѓаните паметат времиња кога фирми правеле патишта, донирале во училишта и слично, но, за нив општествената одговорност е релативно непознат термин.

„Одговорно работење? Мислиш да ги почитуваат законите?“, со прашање одговори еден граѓанин на Битола.

„Треба Владата прво на фирмите да им обезбеди услови за да може да работат“, рече една битолчанка што ја сретнавме на Широк сокак.

Македонија е една од ретките земји што има Национална стратегија за општествена одговорност, која не наметнува, но инсистира фирмите да вложуваат во своите вработени и во заедницата.

Професорот Владимир Петковски е творец на оваа стратегија.

„Тоа не е трошок, треба да се вгради како составен дел во бизнис стратегијата на фирмата. Тоа е начин на создавање профит, долгорочно. Тоа не е само трошок кој треба да се издвои за донаторства, спонзорства, за убави гестови кон локалната средина, туку и кон вработените и нивните семејства“, изјави професор Петковски.

Позитивните примери на општествена одговорност треба да бидат поттик за македонските фирми во нивното натамошно работење. 

AddThis Social Bookmark Button