Домашен или индустриски, сите го мачкаат

Дали сме повеќе за домашен или за индустриски ајвар? Традицијата се повеќе го менува своето постоење. Во маркети велат дека ајвар најмногу се продава во зима, од ноември до февруари.

Прошетавме низ пазарите и маркетите во градот и разговаравме со продавачи и со домаќинки кои порано активно правеа ајвар. Секој на свој начин но, едно е заедничко - купување пиперки, миење, печење, лупење, мелење и на крај пржење во сезоната за ајвар. Тоа е целокупната работа за правење домашен ајвар. Тешко е, се согласуваат сите соговорници кои ги сретнавме на пазарот Буњаковец, макотрпна работа, но толку е вкусно, да ги изедеш прстите.

Наидовме на продавачка која својот домашен ајвар го пласира на пазарот. Вели, поисплатливо и е да го продава домашниот ајвар на пазар отколку да го нуди на дуќаните.

„ Тие сакаат малку пониска цена, а така подготвен ајвар не е како домашен. Овој се пече на шпорет на дрва и се лупи рачно. Тие, на пример не го ни печат. Печена пиперка кога ќе замириса на дрва и кога е барена, не е исто. “

Но, од друга страна маркетите се фалат со се поголема побарувачка на готов ајвар.

„ Од ноември, декември, јануари, февруари кај нас домашниот го земаат и летен период но, сега одат по минимум десет пакета неделно.“  

Порано сите правевме ајвар но, во денешни услови, како и поарди недостигот на време ни ја ограничува можноста за правење во домашни услови, ова е дел од споделените мислења на домаќинките со нас.

„ Па нормално домашен, но јас еве си купив, кој ќе го прави? Тешко е - купи, носи, бриши, пери, печи, лупи”.

„ Јас одам на купечки ајвар.“

„ Семејството ми се намали. “

„ Тоа одамна било (правење домашен ајвар) .“

За помладите домаќинки еве рецепт од поискусните.

„ Чиста пиперка печеме, значи никаков додаток. И ставаме малку и лута пиперка за да биде попикантен и така е и посладок. Соседот ќе го испече и потоа сите се собираме да го лупиме и утредента го пржиме”. 

Не знам за вас, но, јас отидов кај баба ми  да јадам ајвар.

AddThis Social Bookmark Button