Пантомима – превод за меѓуетничкиот дијалог

Судејќи според последните настани излегува дека никако не може да се разбереме. Тоа што едни го кажуваат, други не го разбираат. Во нашата секојдневна комуникација, според стручната јавност влегоа таканаречени "пиромани и пожарникари". Зарем само уште пантомимата ни останува, како единствениот начин на разбирање?!

Анализа на Весна Коловска

Група од дваесетина деца, на возраст од три до шест години, од македонска и албанска националност заеднички игра, учи и пее, но секој на својот мајчин јазик. Кога се учи или раскажува повторно секој на својот јазик. Такви се правилата во групите познати како Мозаик, што функционираат во градинки во осум градови со мултиетничка средина. Една таква група неделава повторно ќе биде формирана во градинката 25-ти Мај во скопската населба Методија Андонов - Ченто.

 

Воспитувачките Ана и Валбона, во исчекување на новата група, објаснуваат како децата успеваат да се разберат.

„Не ги тераме децата да го учат едниот или другиот јазик. И јас и мојата колешка Албанка парафразираме, надополнуваме. Кога таа ќе каже нешто, јас не преведувам, туку парафразирам и така децата учат сами, го учат едниот или другиот јазик. При тоа Албанчињата полесно го учат македонскиот јазик. Македончињата го разбираат албанскиот јазик, но не одговараат, вели Ана.

Нејзината колешка Валбона вели дека кога нешто нема да разберат, децата се прашуваат меѓу себе, а не воспитувачките. Децата, според неа, не прават разлика дали другарчето е од македонска или од албанска националност.

 “Претежно стереотипите ги среќаваме кај родителите Македонци. Но, тие тоа не го изразуваат отворено. Барањето нивните деца да одат на чисто македонска група покажува дека има некаков стереотип “, вели Валбона

Повеќе исклучок отколку правило

Мултиетничките групи во мултиетничка држава како Македонија повеќе се исклучок отколку правило. Веќе со тргнување на училиште завршува институционализираното повеќе-етничко дружење. Ретките проекти на невладини организации се обид да ги доближат младите од различни етнички групи.

Во Струга, градот познат по повеќе меѓу-етнички инциденти меѓу младите, невладините Езерка, Толеранца и Пунте работат на зближување на младите Македонци, Албанци и Власи. Заедно го славеле Божиќ и Бадник, заедно влегле во црква и џамија, посетиле македонско и албанско кафуле. Според Драгица Попоска од Езерка проблемот не е во нив.

„Постои меѓусебно почитување, особено кај постарите генерации, што традиционално се познаваат и се почитуваат. Треба да се работи со средните генерации, со родителите на младите што се сега средношколци. Или не сакаме нешто да разбереме или прифаќаме туѓи идеи од надвор што се штетни не само за Струга, туку и за целото општество“, рече Попоска.  

Како децата знаат да комуницираат меѓу себе дури и кога зборуваат различен јазик, а возрасните не комуницираат, иако добро се разбираат? Комуникологот Климе Бабунски смета дека различните етнички заедници немаат проблем во секојдневната комуникација.

Во јавната комуникација, во она што го кажуваат политичките личности, во она што го кажуваат политичките организации, институциите односно раководствата на институциите... за жал сме сведоци на "пироманска комуникација" која многу повеќе спротиставува или оддалечува отколку што зближува.  И она што е интересно, други луѓе од истата институција, се јавуваат во улога на пожарникари, во улога на смирувача, што ќе ја обноват нарушената рамнотежа“, смета Бабунски

Без зборови

Кога царуваат лошите зборови и пироманската комуникација во која едниот не го слуша другиот, на сцена стапува пантомимата или уметноста на говорот на телото. Пантомимичарот Трајче Георгиев работи на претстава со студенти Македонци, Албанци и Бошњаци од униниверзитетот ФОН, со поддршка на УНЕСКО. Зборовите, како што вели, нема да ги има, па нема ни да бидат пречка.

Зборовите секогаш биле проблем, особено ако се искажат двосмислено, недефинирано. Мислам дека последните години се намножија толку многу лоши "зборувачи" меѓу нас, што на човек му доаѓа да побегне во пантомимата и да заборави“, вели Георгиев.

Пантомимата останува во театарот, додека во вистинскиот живот  доминираат зборовите. Комуникологот Климе Бабунски го препорачува примерот на развиените демократии како Германија и Франција, каде постои рамнотежа меѓу заедниците.

Тоа го направиле пред се’ со разбирање за другата страна и не инсистирајќи на она што лично го сметаат за свое –правилно решение. Така што мора да има и разбирање и трпение и толеранција. Да се обидеме да се ставиме во чевлите на другите или да употребам и една повоинствена формулација – да го разбереме својот „непријател„ за да можеме да соработуваме со него", порачува тој.

Проектот „Мозаик„што почна како проект на невладиниот сектор, од неодамна стана грижа на државата и влезе во воспитно – образовниот систем на државата. Децата ќе се учат на заедништво низ игра. Останува само уште родителите да ги разберат и да го применат истото.  

AddThis Social Bookmark Button