Зошто да се остане во Македонија?

И покрај тенденцијата на иселување, во Македонија има и млади што ги држи оптимизмот дека работите и тука можат да тргнат на подобро и што нудат решение. Некои се активни како блогери и го користат овој медиум гласно да ги коментираат состојбите со кои не се согласуваат. Диверзити медиа организираше конкурс за најдобар NEWS Bloger Блогер и деновиве ги награди најдобрите.

Душко Арсовски разговараше со нив

Тие се четворица млади луѓе со став. Доаѓаат од различни градови во Македонија со иста цел - да ја сменат реалноста која многу нивни врсници ги натера среќата да си ја бараат или да ја најдат во странство. Се согласуваат оти не треба да чекаат помош од никого, туку дека самите треба да стигнат до тоа што им следува како граѓани на европска држава.

Новица Наков е економист од Скопје, активен во невладиниот сектор.

„ Ако живееме во време кога секој треба да мисли сам за себе,  што е доминантна реторика во последно време не само во Македонија туку и пошироко, а и се наметнува низ образовниот процес, тогаш апсолутно нема никаква причина да се чека работите во Македонија да станат подобри. Секој што има прилика да си направи подобро за себе, било да е тука или на некое друго место, треба тоа да го направи“, вели Наков.

Но постојат реални пречки за тоа, анализира кичевчанката Фатлуме Дервиши, студентка по новинарство на Државниот Универзитет во Тетово.

„Проблем кај младите е тоа што не се мотивирани да работат и да бидат креативни. Ги завршуваат студиите и не се заинтересирани да работат успешно во нивната професија. Општеството треба да направи нешто за да ги мотивира младите и да го стимулира нивниот професионален ангажман“, смета Дервиши.

Недостасува храброст

Освен мотивот, често недостасува и храброст да кажат што мислат, се надоврзува идната новинарка од Тетово, Моника Петровска.

Повеќе се затворени во кругот - што ќе каже другиот, што мисли тој до мене, ќе мислам и јас. Не се доволно отворени да го кажат своето лично мислење и своето лично видување на работите“, вели Петровска.  

Која е причината за тоа?

„ Можеби недоволната потреба самите нешто да направат, за сами да излезат од овој некој сплет на мислења и на манипулации“, тврди таа.

Од неодамна дипломираната новинарка Маја Пероска, пак, смета дека оваа појава е особено изразена во мултиетничка средина каква што е нејзиното родно Тетово.

„ Народот нема храброст да почне да се дружи, се плаши да не избие некој конфликт, а тоа секако не е поради карактеристиките на луѓето - дека Македонците не можат да се дружат со Албанците и обратно. Мислам дека се се тоа политички манипулации. Се разбира дека ние сме ги избрале нив, меѓутоа сето тоа влијае и ми се чини дека немаме шанса тоа што го чувствуваме да го презентираме во јавно дружење“, констатира Пероска.

Политичарите ги матат сметките

Во период на зголемени меѓуетнички тензии по неодамнешниот инцидент во Гостивар, Фатлуме Дервиши за ваквите проблеми покажува со прст кон политичарите.

„ Тие ги потикнуваат граѓаните што не се воздржуваат да направат инциденти, бидејќи веруваат дека некој друг (политичарите) ја преземаат одговорноста, а со тоа тие нема да одговараат и повторно прават нови инциденти. Помеѓу младите има многу малку што се слободоумни. Има повеќе такви што се поттикнати и што сакаат да се одмаздат оти чувствуваат некаква неправда“, вели Дервиши.   

Тензиите влечат корени од конфликтот во 2001, оценува Моника Петровска и додава дека етничкиот соживот нема алтернатива.

„Едноставно треба да се ослободиме од тие надворешни влијанија и од  историјата во нашето однесување. Треба да разбереме дека тие работи се случувале поради некоја повисока страна со која немаме буквално никаква врска“, рече Петровска.

Во ваков сплет на околности со економска криза, повремени политички и економски тензии станува предизвик да се остане во Македонија. Или како што вели Новица, станува навика.

„Можеби по некое време стануваш жртва на „стокхолмски синдром“ кога заложноците стануваат благодарни на оние што ги киднапирале. Така што, по некое време се навикнуваш во ситуацијата во која се наоѓаш. Веројатно кога би имал прилика да одам некаде би ја искористил, меѓутоа во последните неколку години не сум се занимавал со тоа прашање воопшто“, вели Наков.

Некои од искажаните ставови овие млади луѓе трајно ги запишаа на своите блогови. Конкурираа и ги добија наградите на Диверзити Медиа за најдобар NEWS Bloger. Новица беше оценет како најдобар, Фатлуме ја доби втората награда, а заедничкото дело на Маја и Моника беше третонаградено.

 

AddThis Social Bookmark Button