Српско-косовоски рецепт за македонско-грчкиот спор?

Во соседно Косово речиси повеќе од една недела има големи внатрешни политички турбуленции откако тамошната влада постигна договор со Србија. Сега, по регионални форуми Косово наместо уставното име, ќе користи име со фуснота, која ќе даде дополнителни информации. Ова решение беше прифатено од Србија. Компромисот беше наречен "болен", но сепак дали овој модел може да се искористи како решение за спорот на Македонија и Грција за името?

Анализира Назим Рашиди

Химната на Косово е мелодија која ретко кој ќе ја испее во земјата. Но, за Косово да стане држава мораше да се направат компромиси. Вклучително и тие од симболичка природа, што подразбираат избегнување на употреба на познати мелодии кои ќе асоцираат на песни од еден етникум.

Косовската држава не е призната целосно, иако компромисот е направен пред неколку години. Пред неколку дена, Косово направи друг компромис. Прифати нејзиното уставно име „Република Косово„ да не се употребува на регионални форуми и средби, иако за тоа како што велат, има огромна потреба.

Сефер Тахири, професор и аналитичар објаснува какви реакции предизвика оваа одлука:

“До името Косово ќе има фуснота која ќе објаснува дека не сите држави ја признаваат независноста на земјата. Ова решение е голем компромис за Косово и Србија и предизвика огромни реакци кај косовската опозиција„ објаснува Тахири.  

Но, иако одлуката е деликатна и ја „запали„ косовската политика, сепак таа се донесе. Дали овој модел може да се искористи за решавање на спорот за името помеѓу Грција и Македонија?

Амбасадорот на САД во Македонија, Пол Волерс вели дека може да се земе предвид:

„Договорот што се постигна меѓу Србија и Косово е позитивен и Вашингтон го поздрави. Мислиме дека двете страни се соочија со нивните предвизици и требаше да направат „болен„ компромис за поголеми цели. Секое такво решение може да биде пример што може да се следи и од други„, вели амбасадорот Волерс.

 

 

Прашање е дали македонскиот естаблишмент би прифатил такво решение?

Иван Блажевски е новинар што работи во Алсат ТВ, што ги следи настаните во Косово и добро ја знае сета деликатност на оваа одлука, но и на ставовите за името што доминираат во Македонија за спорот со името. Тој вели дека е тешко да се направи паралела:

“Србија и Косово се на исто рамниште во однос на тоа што им е цел, а тоа е интеграција во ЕУ. Додека во Србија нема целосон консензус во однос на НАТО. Во однос на Македонија и Грција станува збор за сосема различна позиција, бидејќи Грција е членка на тие две организации каде Македонија сака да влезе„, вели Блажевски.

Марко Трошановски од Институтот за Демократија, пак, вели дека вакво решение не би било прифатливо за Грција:

„Ова решение би ни одговарало во голема мера нас, но не би било прифатливо за Грција, бидејќи и многу посуптилни решенија досега не биле прифатени. Идејата е очигледна - да се оспори македонската претставка во нашето име, така што фуснотата сама по себе не би била прифатлива како решение за спорот на името„, вели Трошановски.

А како би реагирала Грција за овој предлог?

Никос Франгополус е новинар на Грчката Новинска Агенција АНА:

“Не верувам дека има амбиент во Грција да се направи таков договор за употреба на името со фуснота. Грција повеќе пати кажала дека решението што треба да се најде траба да биде јасно, за да нема повторно недоразбирање„, вели Франгополус.

Македонија веќе има искуство со употреба на фуснота и тоа во внатрешната комуникација на НАТО. Секогаш кога се пишува името на Македонија има и фуснота која на крајот на листот објаснува дека Турција ја признала Македонија под уставното име.

Некои наблудувачи велат дека ова искуство како и тоа меѓу Косово и Србија, со одредена “кампања„ моќеби можеше да донесе резултати за спорот со името што трае повеќе од десет години.

AddThis Social Bookmark Button