Немаме менаџери за „монополи„

Тутунот и тутунските преработки имаат стабилна побарувачка на светскиот пазар, додека македонските тутунски комбинати или не работат или редат загуби. Зошто до сега тутунскиот бизнис  на ниедна влада не и тргна од рака?

Анализира Весна Коловска

Меѓу стечајците на осмомартовскиот протест во Куманово, беа и вработените на Тутунскиот комбинат. Монополци, како што ги нарекуваат, официјално се вработени, но се без плата, социјално и здравствено осигурување. Официјалниот сопственик е во затвор, а судот се уште ја нема поништено приватизацијата. Лидерката на стечајните работници Лилјана Ѓеоргиевска вели дека монополци се ни на небо ни на земја.

„Не примаат плата, не одат на работа, а се водат како вработени лица, значи се со нерешен, никаков статус. Многумина од нив што доаѓаат во нашето здружение за тоа ги обвинуваат власта и судот, зашто мора некој одговорен да се најде или да ги отпише или некаков статус да им се даде“, вели Ѓеоргиевска.

Кога Бајруш Сејдиу го презеде, во тутунскиот комбинат имало околу 400 работници. Сејдиу во комбинатот влезе со купување на контролниот пакет акции (над 51 отсто) за кои плати над 250.000 евра. Тој заврши во затвор за нелегално здружување. Тогаш кога судот ќе ја поништи приватизацијата, комбинатот ќе се врати во државна сопственост.

Прашање е колку државата ќе успее со него да менаџира, ако се суди по примерот од прилепскиот Тутунски комбинат. Вториот од трите некогашни тутунски гиганти, сопственост на државата, според податоците од Македонска берза, заврши со загуба од 20 милиони евра.

Седми во светот, последни во државата

Поранешниот министер за финансии , сега професор на Економскиот факултет, Никола Поповски, смета дека комбинатот е неефикасен. 

„Владата лошо менаџира со него, се трупаат се поголеми и поголеми загуби. Понекогаш пред избори тој се претвора во социјална институција, која ветува повисоки цени на тутунопроизводителите, што потоа на може да ги плати, па и наредната година има последници, а тутунопроизводителите воопшто не може да ги добијат побарувањата. Нема да изненади ако и Тутунски комбинат, како и повеќето други државни компании, постојано да е под притисок за прелевање на дел од доходот во приватни џебови по разни корупциски канали, па сето тоа овозможува Тутунскиот комбинат да е крајно неефикасен“, смета Поповски.

Поради ова, Македонија која се уште се смета за седма тутунска сила во светот на домашниот пазар на цигари е речиси целосен аутсајдер.

„Потполно се загубени позициите на домашниот и на надворешниот пазар за продажба на цигари. На домашниот пазар кој изнесува над 4.500 тони цигари, учестувува со седум до десет отсто. Водечка компанија во Македонија е мултинационалната компанија „Империјал тобако компани„ – АД Тутунски комбинат Скопје“, вели доктор Љубен Поповски, тутунски експерт од Прилеп.

Поповски, пресметал дека од 2000-та година па наваму прилепскиот комбинат направил вкупна загуба од фантастични 100 милиони евра. За последните прикажани 20 милиони евра загуба вели дека тоае „импозантен износ„.

Потребни се моќни инвеститори

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски го фали раководството на Тутунски.  Во писмен одговор на пратеничко прашање за состојбите во комбинатот вели дека последниот менаџерски тим веројатно е најдобриот менаџерски тим во изминатите 15 години.

„ Ако реално се погледне се што е постигнато во изминатиот период, тешките состојби во Тутунскиот комбинат Прилеп, што во изминатите години беа многу потешки од овие што се сега, навистина се движат во вистинска насока“, напиша вицепремиерот Пешевски.

Прилепскиот тутунски комбинат е на продажба, а Владата ќе се обиде да го продаде и тоа што ќе остане од кумановскиот комбинат. Дел од поранешното раководство смета дека проблем се сопственичката структура и работниците, за кои во меѓувреме се натрупале обврските. Три до шест месеци, велат,  ќе бидат потребни за повторно да започне производството на цигари во Куманово. Ќе треба голем, моќен инвеститор, кому натрупаните обврски нема да му претставуваат пречка. Македонската влада инвеститорот би можела да го побара меѓу моќните компании како Бритиш Американ Тобако, компанија што го купи комбинатот во Врање, Филип Морис која влезе во некогаш моќната тутунска индустрија од Ниш. Или Империјал тобако, чиј капитал стои зад Тобачна од Љубљана, која, пак, со купувањето на Тутунскиот комбинат од Скопје, успеа да освои околу 90 отсто од македонскиот пазар.

Државата, според нашите соговорници, не се покажа како добар менаџер во тутунскиот бизнис. Состојбата и загубите со прилепскиот комбинат се најдобра илустрација за тоа. Но, дали владата ќе биде добар преговарач со големите инвеститори? Од тоа ќе зависи и иднината на неколкуте десетици илјади ситни производители на тутун. 

 


МКГ: Како корупцијата ја влече земјата надолу

Угледната Меѓународна Кризна Група во извештајот насловен како „ Македонска јавна тајна: Како корупцијата ја влече земјата надолу“, од  2002 година, напиша:

„ Големи пари можат да се заработат од пласманот на цигари, без оглед на тоа дали станува збор за лиценциран производ или за незаконски произведени фалсификати, на пазарите во Западна и во Источна Европа. Според една проценка, само еден шлепер незаконски цигари вреди речиси 100.000 американски долари (наводно царинските службеници обично добиваат процент). Трговијата со незаконски тутун е облик на организиран криминал. Меѓутоа, за разлика од организираниот криминал на Запад, криминалните мрежи на Западен Балкан често работат преку државните институции, а не околу нив. “

AddThis Social Bookmark Button