Ако нема предвремени локални, тешко на граѓаните

Речиси еден месец трае отчетот на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ во дел од националниот печат. Опозиционерите критикуваат, но и тие се рекламираат но, локално на билборди и во ТВ емисии. Комуниколози коментираат дека ова личи на кампања за избори и дека може да биде контрапродуктивно за нарачателите. Локалните власти од Балканот тоа го прават поинаку.

Анализа на Душко Арсовски

Париз ги повикува туристите, Софија инвеститорите, а Букурешт и едните и другите. Македонските општини единствено се фалат што сработеле или кои проекти се во тек. Ваков заклучок се добива со само еден поглед на веб-страниците на светските и на домашните градови.

Ништо на сајтот на Скопје нема да привлече странци. Исто е и со Интернет-страницата на Куманово. Поважно е кој државен претставник ја посетил општината или кого примил градоначалникот. Нема ниту збор дека во градот и околината има што да се посети. Содржините не може да ги прочитаат странци зашто нема опција за друг јазик освен македонскиот.  

Политички маркетинг од сите страни

Македонија оди од крајност во крајност, коментира комуникологот Сеад Џигал. Вели дека порано, локалните власти не биле заинтересирани да се појават во медиумите, а сега граѓаните се бомбардирани со политички маркетинг од сите страни.

„ Премогу се инсистира на создавање некоја медиумска слика за работите, за разлика од користа што граѓаните ќе може сами да ја почувствуваат. И второ, таа слика не е искрена, директна или чиста комуникација, туку во неа има многу спинови. Работите се пакуваат така како што му одговара на тој којшто ја пласира информацијата“, вели Џигал.

 

Повеќе од еден месец трае серијата отчети на градоначалниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во националните печатени медиуми. Претходно, секој од нив се појави на прес-конференција во партиското седиште во Скопје.

Дали ова има ефект врз граѓаните и каков е нивниот став?

Еве што велат неколкумина прилепчани:

„ Би требало да се дава отчет, ама не знам дали тоа се прави“

 

„ Секако, да знаеме што направил и како направил. Не може само да се кажуваат голи вистини. Мора и да се документираат, треба да се види“

 

„ Јас првпат слушам од вас. Апсолутно не сум запознаен“

„ Треба, за се’ треба отчет, а не така да се работи фушерски.“

Прашавме и:

Дали го променивте вашето мислење за градоначалникот по отчетот?

„ Не го променив мислењето. Градоначалникот е супер. “

Отчет заради развој на туризмот?

Кампањата за отчет го критикуваше струмичкиот градоначалник, опозиционерот Зоран Заев во колумна објавена неодамна. Во изјавата за Диверзити медиа тој вели:

„ Не е важно оти непродуктивно се трошат народни пари. Важно е популистичкиот ефект да стигне кај луѓето. Тоа е апсолутно неприфатливо и никогаш нема да се сложам со вакви работи. “

Но, според неговиот колега од Крушево, Василчо Дамчески, секое споменување на градот е реклама. Дамчески објасни дека неговиот отчет во дневниот печат не е по налог на ВМРО-ДПМНЕ туку е идеја во која учествувале градоначалниците од оваа партија.

„ Со тоа придонесуваме на некаков начин сите тие инфраструктурни проекти кои ги гради општината на локално ниво, да може граѓаните да се запознаат, а тоа би помогнало за привлекување на туристите, запознавање со тие проекти се со цел развој на градот “, коментира Дамчески.

 

„ Се согласувам, но, презентирањето на туристичките вредности на Крушево, тротоарот или исчистениот канал во некое село во Крушево да биде примамливо за туристите е навистина лаичко и непринципиелно, одговара Заев кој и самиот практикува отчет во емисија на локална телевизија.

Граѓаните знаат, ама не е лошо и да повторат!?

Диверзити медиа го праша зошто е потребна реклама ако граѓанинот сам може да види што е направено, а што не.

„ Целта е токму таа, покрај тоа што знае, што е напишано, што е реализирано во неговото маало, во неговото населено место, да знае како и другите пари во општината се трошат, за да може да биде достоинствен коректив“, одговара Заев.

 


Во зависност од обемот на сработеното, некои од градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ добија една, други половина страница во некои од дневните весници. Како проекти се наведени и изработка на урбанистички планови, „ Развивање концепт за соработка со НВО“ , проекти кои ги финансирала Владата. Нема информација колку платила партијата за оваа кампања. Општина Центар на пример, отпечати брошура од 52 страници.


Сопартиецот на Заев, градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски своите успеси ги рекламираше на билборди. Но, не прифаќа дека ова е во функција на локалните избори идната година.

„ Не зборуваме за никаква изборна кампања. Вие гледате дека актуелната владејачка гарнитура , вклучувајќи го и Коце Трајановски и кога ќе купат канти за смет се рекламираат и дека потребно е да се потсетат граѓаните кој во оваа држава само се фали, а кој и ја работи работата, изјави неодамна Јакимовски.

Коце Трајановски пак, одговара:

„ Овој отчет не е само сега. Ние правиме отчет секоја година, од 2009 година наваму, а градоначалниците на ВМРО ДПМНЕ даваат отчет секоја година. Дали ќе побараме нов мандат има уште време. Важно е да го сработиме тоа што сме го ветиле.

 


Ако не е кампања за избори, што е?

Никако да си ги навијат часовниците на исто време

Деновиве СДСМ почна да оди на средби со граѓани насловени како „5 до 12“. ВМРО-ДПМНЕ пак, врати со иста акција но, со различен наслов „12 и 5“.


Рекламирање без мерка

Комуникологот Џигал оценува дека постојаното рекламирање без мерка може да донесе неуспех.

„ Кај нас една кампања која би траела една година со ваков интензитет би имала контраефект. Тоа е преголем притисок врз граѓаните со информации коишто или се видливи или се дел од нормалната, регуларната работа на локалните функционери“

Македонија е своевиден исклучок во ваков вид маркетинг. Џигал посочува како тоа се прави во соседството.

„ Особено тука се ефектни локалните радија кои се обраќаат на една општина или на неколку населени места, по некој оглас во весниците, но од овој обем мислам дека ние претеруваме, како и средби со граѓаните. Тоа е нешто што е вообичаено во Бугарија, Србија, Хрватска, Романија…“

Нестрпливото однесување на партиите личи на кампања пред избори, па прашање е што се’ ќе се случува во наредниот период од цела една година кога треба да се одржат локалните избори. Се чини дека најдобро за сите ќе биде тие да се случат порано. 

AddThis Social Bookmark Button