Страстите горат, институциите “касно палат”

По серијата инциденти во Македонија дел од македонската јавност излезе со критики до институциите за бавната и несоодветна реакција што државата ја довело до раб на анархија. Експертската јавност е поделена во ставот дека и останатите во општеството треба да придонесат во решавањето на конфликтната состојба. Граѓаните пак бараат поголема сигурност. Сите се согласни дека во Македонија не смее да се повтори 2001-та.

Анализа на Весна Коловска

Искршени стакла, а некаде и ограбени дуќани. Момчиња во трк и полициски комбиња во итање во Лондон беше сликата што лани во август ја затекна дел од екипата на Диверзити медија. Меѓутоа, она што најмногу тежеше е стравот што речиси физички можеше да се почувствува во возовите, на тротоарите и во дуќаните. Кратко откако полицаец уби осомничен за шверц на дрога избија немирите во Велика Британија, тие полека преминаа во социјални, за на крај да бидат алиби за дивеење и за кражби. Полицијата дури неодамна се извини за убиството. Августовските немири од Британија немаат некоја позначајна сличност со последните настани во Македонија, освен во бавната реакција на институциите, па, и на заедницата.

Полицијата досега приведе триесетина осомничени за учество во инцидентите, но, според политикологот Артан Садику, институциите паднаа на испитот.

Во случајот на Македонија кога имаме отсуство на правото во системот,  институциите се стават во услуга на политиката или на политичките партии, кои пак, со помош на институциите прават политика. Така се остава голем простор за различни верзии, различни коментари и реакции за инцидентите и додава:

Институциите ја губат својата важност во очите на народот и губејќи ја така довербата, се создава ризик од ситуации како тие во последните денови,  кога граѓаните сами преземаат сопствена акција за решавање на ситуацијата„.

Дестаблизација

Овој однос, според професорот Љубомир Цуцуловски, ја доведе земјата на работ на анархија. Според него проблемот е подлабок и почнува од времето на донесувањето на Охридскиот рамковен договор.

Рамковниот договор беше донесен под присила на оружјето, а штом еднаш успеете со сила, тогаш силата останува легитимно средство за остварување на одредени цели. На тој начин, насилството се легализира и се покажа дека преку него може да се постигнат одредени цели„ вели Цуцуловски, кој смета дека рамковниот договор наместо граѓанска држава, создаде држава каде доминира етничкиот принцип, а институциите се недораснати.

Институциите се создадени како конгломерат на припадници на различни етнички заедници и оттука, во самите институции не може да постои единство, туку секој влече во корист на сопствената нација. А, единственото единство што постои меѓу луѓето од институциите е да се задржи власта. Тоа не е доволно да се одржи стабилноста во Република Македонија, бидејќи тој етнички конгломерат води кон дезинтеграција на државата, не водејќи сметка за крајниот резултат„ заклучува Цуцуловски.

Инцидентите делумно ја дестабилизираа државата, но не може да се каже дека е на раб на анархија, е ставот на професорот на факултетот за детективи и безбедност, Методија Ангелески. Од професионален аспект нема забелешки на полицијата.

Репресивниот орган, како што е полицијата, си ја работи работата, како што гледаме успешно. Меѓутоа, мора да се вклучат и другите субјекти„.  

Власта повика на поголема грижа од родителите, наставниците, невладиниот сектор, меѓутоа граѓаните бараат заштита од институциите.

Граѓаните позрели од институциите

Ги прашавме граѓаните на Скопје дали се чувствуваат заштитени од полицијата.

Што може полицијата да направи со инцидентите?! Ништо! Има некоја позадина, со која полицијата има малку врска“ – изјави еден граѓанин.

Друг вели: „Полицијата ги штити граѓаните, само треба да има соживот„.

Не штити, се случуваат инциденти, а никој не реагира. Имам три ќерки одат на забава, излегуваат и сум исплашена. Ги чекаме ноќе, по цели ноќи седиме или мора со автомобил да ги носиме„, изјави една скопјанка.

Тие не се свесни колку се неактивни и колку не се вистинските луѓе за тие места да ги штитат луѓето, кога знаеме како се избираат„.

Во инцидентите во Скопје, Гостивар и Тетово прв страдаше соживотот. Во изминатите дваесетина години неколку стотици илјади долари беа потрошени на проекти за поттикнување на соживотот.  И покрај тоа, во деновите на инциденти  отсуствуваше реакцијата на невладините организации и интелектуалците, а наместо домашните се огласија странските, главно од Косово и Албанија.

Петрит Сарачини е долгогодишен граѓански активист и еден од иницијаторите на мултиетничкиот мировниот марш закажан во сабота.

За жал, сите други општествени актери и политичарите и медиумите и системот сам по себе е тој што продуцира нестабилност и омраза. Граѓанските организации беа единствените кои во изматите дваесетина години работеа на оваа тема. Можеби може да се критикува граѓанскиот сектор затоа што доцна реагираа на ова што ни се случуваше. Но, никогаш не е доцна. Мислам дека со тоа што граѓанските организации масовно ја подржуваат оваа акција покажуваат дека сакаат да ги покажат своите капацитети„. 


Околу 50 невладини организации, петнаесетина колумнисти, познати пејачи, актери, спортисти ја најавиле својата поддршка на маршот што во сабота ќе се одржи во Скопје. Многумина велат дека всушност граѓаните излегоа најдораснати на инцидентите кои не успееја да ги извлечат на улица.  


AddThis Social Bookmark Button