Тензиите засега не ги бркаат странците

Неодамнешните инциденти кои се закануваа да ги нарушат меѓуетничките односи засега се под контрола на полицијата. Првите последици се почувствуваа со откажување на туристичките аранжмани на странски гости за Велигденските празници и за летната сезона. Странци, пак, кои живеат во Македонија велат дека се чувствуваат безбедно но, и разочарано зашто, како што велат, не очекувале тензии од вакви размери.

Анализа на Душко Арсовски

Дали се случувале во Македонија или на пример, во Франција, уличните инциденти предизвикуваат немир кај повеќето граѓани. На ова се потсети Французинката Ауде Валсесиа по серијата тепачки и напади врз минувачи што се случија кај нас. Таа веќе шест месеци е претседателка на тетовската канцеларија на Француска Алијанса, организација која ги промовира француската култура и јазик.

Еве каква била нејзината прва реакција:

„Јас сум збунета и не ги разбирам многу добро односите меѓу Македонците и Албанците.Но, во исто време ние имавме иста таква ситуација во Франција. Се сеќавате на судирите помеѓу доселениците во предградијата и полицијата. Но, не разбирам зошто луѓето не можат да живеат во мир со своите соседи“

Луѓе во опасни игри се луѓе што не размислуваат

По осум години живот во Македонија, Италијанката Марианџела Бјанкофиоре Амети не е изненадена од ситуацијата. Таа е мажена за Албанец од Македонија со кого често разговара на оваа тема и вели дека разбира што се случува.

„Луѓето што паѓаат на овие опасни игри се сепак луѓе што не размислуваат многу. Се работи за млади луѓе кои, претпоставувам, уживаат да прават проблеми. Засега не сакам ни да им давам премногу важност“ вели таа.

Универзитетскиот професор по германски јазик Петер Рау живее во Македонија петнаесетина години. Предава на студенти во Скопје, Штип, Битола и во Тетово. Вели дека не е загрижен за последните инциденти од една причина:

„Моето искуство говори дека има многу места и институции каде младите Албанци, младите Македонци, младите Роми и така натаму, заедно шетаат, учат, живеат и нема ниедна трага на агресивност. Или дури и бруталност“, посочува Рау.

Диверзити Медиа ги праша дали се чувствуваат безбедно во Македонија?  

„Да, засега бидејќи не сум вклучена во конфликтот. Тој е само помеѓу Албанците и Македонците, што значи засега се чувствувам безбедна. Жал ми е за жртвите и во исто време се плашам малку и загрижена сум бидејќи ако конфликтот се интензивира, би имало повеќе жртви и повредени“, тврди Ауде.

Марианџела пак, дополнува:

„ Се чувствувам безбедно во Македонија иако работите покажуваат нешто друго. Се уште не го чувствувам тој ризик. А, како реагирав? Сигурно разочарано.Не го очекував ова, ама не се загрижив многу. Сепак сметам дека и Италија е многу понебезбедна земја отколку Македонија. Се случуваат пострашни работи“

Македонија побезбедна од Германија

Честите инциденти на улиците во Германија го довело професорот Рау до заклучок дека во Македонија е побезбедно да се живее.

„Кај нас многу луѓе се плашат да патуваат со трамвај затоа што има ужасни сцени на убиства што од аспект на бруталност се од многу поголем размер од тоа што се случи тука“

Овие ставови, се чини, се смирувачки пораки во ситуација кога вестите за тензиите стигнаа до странските туристи кои имале намера да ја посетат  Македонија. Снежана Јовановска Трајковска од Здружението за туризам и угостителство во Стопанската комора на Македонија деновиве изјави дека бележат откажувања на аранжмани.

„Сите поголеми групи што беа најавени во текот на Велигденските празници и во текот на летото чекаат да видат како ќе се одвива политичката ситуација. Има најавено Израелци, руски туристи…Некои колеги работат со скандинавски туристи.“


Од осми до единаесетти месецов, за три деноноќија беа регистрирани дваесетина инциденти во кои поголеми групи млади луѓе напаѓале или се нападнати без некаков посебен повод и причина. Поголем број од нападите се случија во Скопје, Тетово и еден во Прилеп. Беа тепани триесетина граѓани од кои дел завршија во болница. За среќа немаше жртви.


AddThis Social Bookmark Button