Приштина и Тирана сакаат стабилна Македонија

Случувањата со меѓуетничките инциденти во Македонија предизвикаa реакции и во земјите во регионот. Во неколку случаи имаше и екстремни реакции, како што е палењето на македонското знаме или нападот со молотови коктели врз амбасадата на Република Македонија во Приштина.

Но, какви се општите чувствата и како во Косово и во Албанија се доживуваат случувањата во Македонија?

Анализа на Назим Рашиди

Емисијата која се емитува на телевизиската станица АС во Тирана и која во својот фокус ја има Македонија е само една од многубројните емисии во последно време во медиумите во Косово и во Албанија. Интересот за соседната држава наеднаш се зголемил.

Но, како се доживуваат случувањата во Македонија кај нејзините албански соседни држави?

Александер Фурџи, автор на емисијата Призма, чија последна тема беше Македонија вели дека чувствителноста кај гледачите се зголемува кога во центар на случувања се сонародниците Албанци во Македонија.

“Јавноста, воопшто земено, е многу заинтересирана и со голема загриженост ги следи случувањата, особено тие од насилен карактер. Интересот е поголем кога жртвите или повредените лица се Албанци. И во печатените и во другите медиуми, како и кај луѓето постои едно патриотско чувство и сето тоа се доживува како еден насилен бран или пак омраза кон нивните сонародници”, вели Фурџи.

Секогаш во фокусот

Официјална Тирана, но и Приштина ги осудуваат инцидентите, посочувајќи дека сакаат стабилна Македонија.

А, какво е поширокото мислење?

Хасан Салиху е педагог по новинарство во Приштина, кој по потекло е од Македонија и добро ја познава ситуацијата и во двете земји.

“Институциите на Косово апелираа за смиреност и решавање на проблемите, повикувајќи се на Охридскиот договор. Јавноста, пак, продолжува да ја обвинува актуелната власт за незаинтересираност и зголемување на национализмот кон сите сите соседи, дури и кон своите граѓани Албанци иако е опкружена од две албански држави”, коментира Салиху.

Албански набљудувачи велат дека Македонија секогаш кога има меѓуетнички проблеми, секогаш ќе биде во фокусот на интерес на Тирана и на Приштина. Поврзаноста меѓу луѓето, посебно од денешен аспект, кога комуникацијата е поразвиена и подостапна, реакциите ќе бидат поголеми на сите нивоа на општеството во Албанија и Косово.

Хасан Салиу објаснува зошто се случува сето ова на Косово.

“Албанците на Косово поминале низ едно државно насилство и луѓето кои доаѓаат од едно такво општество, не би сакал да кажам дека се фрустрирани, но се почувствителни кога слушаат дека други Албанци, или ако можеме, без некој патетизам, да ги наречеме нивните браќа Албанци, се предмет на државно насилство. Поради ова и чувствителноста на граѓаните и на јавноста е поголема”, вели Салиху.

Јавноста во Тирана пак, се чуди зошто нивната соседна држава не ги затворила етничките прашања. Така, Александер Фурџи додава:

"Претежно се анализира или се поставуваат хипотези дали Македонија едноставно се наоѓа во еден деликатен момент или пак, уште полошо, во уште еден опасен можен конфликт", вели Фурџи.

Фобија

Но, не сите во Македонија така лесно го прифаќаат ова “внимание” на Приштина и на Тирана. Одредени сегменти на политиката, но и други во општеството велат дека реакциите на соседите не влијаат позитивно врз нивните меѓусебни односи. Ова посебно се однесува на Косово поради регионалниот контекст.

Жидас Даскаловски, од Центарот за истражување и развој на политиките од Скопје вели дека ова мора да се промени.

“Во Македонија, воопшто, постои една фобија од сеалбанско соединување и поради ова во медиумите, посебно оние на македонски јазик, секоја политичка активност во Приштина или во Тирана се следи со вознемиреност, а не реално. Во Тирана на сите им е јасно дека Македонија треба да биде стабилна и дека тие треба да преземат една смирувачка улога. Која и ја преземаат”, коментира Даскаловски.

Официјалните политики на Тирана и Приштина се против насилство и Македонија ја гледаат како земја партнер. Регионалните политики овие две земји ги градат во согласност и со меѓународниот фактор, посебно Албанија која е членка на НАТО. Набљудувачите велат дека Македонија ќе треба да ги надмине тензиите, да покаже поголема етничка чувствителност и да искористи од новата геополитичка реалност, бидејќи аспирациите на сите се исти.

AddThis Social Bookmark Button