Кои се македонските Бил Гејтс и Марк Зукерберг?

Во време кога сите зборуваат за последиците од светската економска криза, во Македонија има неколку компании кои пазарот го бројат во милијарди потрошувачи. Нивните продукти се создадени од македонски умови и потенцијали, а ги употребуваат луѓе од целиот свет. Како изгледа светот од нивна перспектива?  

Анализа на Весна Коловска

Доза возбуда во бизнис заедницата внесе веста дека Карлос Слим, најбогатиот човек на светот доаѓа во Македонија идната недела. Мексиканецот чие што богатство се проценува на 69 милијарди долари ќе го дочекаат неколку понуди за инвестирање. Така најави Иво Ивановски, министерот за информатичко општество и администрација.

„На листа ги имаме најголемите капитални проекти на Владата. Од аспект што него најмногу го интересира е енергетика. Го интересира експлоатирање на минерални суровини. Дел од хотелиерството и пред се, телекомуникациите. На оние што ќе дојдат со него ќе им предложиме да ги разгледаат сите овие проекти подетално“.

Инвестициите на Слим се интересни и за македонските приватни компании иако има и такви кои без големи инвестиции, самостојно создале свој производ, го пласирале на пазар и успеале да освојат милиони потрошувачи.

Апликација од Македонци за Сони Ериксон

Веројатно ретко кој во Македонија знае дека спортската апликација на телефоните на Сони Ериксон „Спортипал“ е комплетно македонски производ. За повеќе од три години, апликацијата е симната над пет милиони пати, а вградена е во околу четири милиони уреди. „Спортипал„ ја исцртува патеката на човекот што спортува преку сателит, дава статистика за брзината, поминатата должина или за потрошените калории.

Апликацијата ја создал Глигор Дачевски со неговиот тим од „Криејшанпал„, во време кога неговите колеги тврделе дека на македонскиот пазар на труд нема квалитетни програмери.

„Отсекогаш сум се противел на тоа и сум сметал дека треба да се работи со луѓето. Во тоа време имавме двајца практиканти кои го кажаа истото тоа – дека Македонија била здодевно место за програмирање, бидејќи се програмирал само бизнис софтвер. Продуктот е правен со млади луѓе. На сите вработени во „Спортипал“, освен мене, првата работа им била тука и сите се од ученички клупи и без работно искуство. Тука го градевме тимот„.

Иако Спортипал е целосно македонски производ, статистички гледано, нема македонски корисници. Над 60 отсто се Американци, над 30 отсто корисниците се од Европа, а останатите, од другите земји. Дачевски вели дека ова е показател колку Македонците сакаат да спортуваат. Затоа, пазарот на една компанија, како што е Криејшанпал, е од неколку милијарди, односно целокупниот светски пазар.    

„Интересно ни е да се натпреваруваме со најголемите во светот. Од првиот ден од кога е направен „Спортипал„, идејата е да се пласира низ целиот свет бидејќи тоа е пазарот. Спортските апликации не се голем пазар. Се вртат околу 20 милијарди годишно. И во тој голем пазар, тоа е само една нишка. Немаме комплекс на ниска вредност, токму спротивно, нашите мотиви се дека сме доволно интелигентни, паметни и квалитетни да се натпреваруваме со кој било во светот“, смета Дачевски.

Специјални ефекти за Холивуд, робот за Индија

Специјалните ефекти на кои работеше тимот на македонската компанија ФХ3Х му ја донесе најзначајната награда Оскар на холивудскиот цртан филм „Ранго„. Прилепски Микросам изработи робот за индиска компанија и последните години со своите производи целосно е ориентиран на светскиот пазар. Иако, како што вели претседателот на Кластерот на информатички и комуникациски компании Игор Бимбилоски, тоа се ретки примери.

„Не може да очекуваме дека сите компании ќе работат за надворешниот пазар, меѓутоа има неколку компании од Македонија кои добро котираат на странските пазари и голем дел од своите продуктни портфолија ги пласираат таму. Всушност, тие на некој начин може да создаваат кластери за извоз од Македонија„.

Стратегијата за извоз на македонски ИКТ продукти ќе биде една од темите за која ИТ секторот ќе преговара со македонската Влада за десетина дена. Иако за компаниите како Криејшан пал, според Глигор Дечевски државата создала доволно добра клима со ниските даноци, но со забелешка дека Владата треба да ги забрза меѓудржавните договори за избегнување на двојното оданочување. Тој вели новите софистицирани универзитетски лаборатории во кои вложи државата, може да бидат од корист и за приватниот бизнис.

„На лабораторијата на Машински факултет во Скопје успеавме да создадеме еден држач за мобилен телефон за велосипед и прототипот го направивме на нивниот 3Д печатач. Претпоставувам дека во Европа има уште два-три такви 3Д печатачи. Дури кога го покажавме во „Сони Ериксон“, тие имаа желба да купат еден за нив, затоа што полесно и побрзо би можеле да ги прават прототипите на телефоните и на различните додатоци“.

Македонската ИКТ индустрија ја сочинуваат над 900 компании и засега успева да создаде пет отсто од приходите во државната економија. Предизвик за младата индустрија е здружувањето за заеднички извоз во странство и секако, да го задржи квалитетниот и образован кадар во време кога европските пазари се отвораат за ИТ работна сила.   

AddThis Social Bookmark Button