Кој е концептот за семејство кај младите Албанци?

На 17 мај во Албанија е најавено да се одржи настан кој би го зголемил вниманието за правата на луѓето со поинаква сексуална определба од таа на мнозинството. Овој настан отвора дискусија за менувањето на општествените норми кај Албанците, за кои се сметаше дека се поконзервативни. Но, дали албанското општество се променило во целина?

Анализа на Назим Рашиди

Кога Клодиан Чела се изјасни за својата сексуална определба во албанската верзија на познатата програма Big Brother, која ја следеа рекорден број на Албанци во регионот, па и пошироко, предизвика силна реакција кај јавноста. Но, и отвори дискусија за хомосексулноста и албанското општество.

Имаше силни реакции за Чела, дури и протести против него, но јавноста и го поддржа на некој начин. И покрај силните реакции, албанското општество стави до знаење дека се менува и дека има поинакви сфаќања за институцијата семејство.

На 17 мај во Тирана е најавен настан за сенсибилизирање на правата на тој дел од населението, односно на луѓето со поинаква сексуална определба од таа на мнозинството.

ЛГБТ

Џени Карај е раководителка на Алијансата за ЛГБТ популацијата и вели дека има промени во албанскиот менталитет, но и додава оти има уште многу што да се направи.

“За разлика од претходните години, сега почнаа промени кои се однесуваат на перцепцијата на прашањата за ЛГБТ популацијата, но се уште има уште многу работа. Се забележуваат промени од медиумски аспект, младите генерации се поотворени. Имаме континуирана комуникација со дел од заедницата на Косово и во Македонија. Дел од нив дури доаѓаат и учествуваат во активностите кои се реализираат во Тирана”, вели Карај.

Семејства без мажи

Концептот за семејството кај Албанците исто така се менува. Социолозите тврдат дека расте бројот на парови што живеат заедно, но има и жени кои се решаваат да станат мајки  без воопшто да се венчаат.

Такви сфаќања има и Анита Латифи.

“Лично мислам дека храбри се жените кои го преземаат товарот и на двата родители. Се разбира дека сум наишла на негодување од страна на мајка ми која вели дека едно здраво дете треба да расте со двата родители, но времињата се менуваат и често размислувам за ова”, вели Анита.

Заедно без брак

Јелмаз Дервиши е водител на една програма и тој вели дека постарите и младите генерации имаат различни сфаќања за семејството и за општеството, но, новиот начин на живеење го опфатил и албанското општество во Македонија.

“Сега е време кога младите се многу отворени за својата сексуалност, за својата љубов. Сега модерните парови живеат заедно, нешто кое до пред неколку години беше табу тема, и истите мораа да се венчаат”, коментира Јелмаз Дервиши.

Традицијата и модерното

Но, не секој се согласува со новите концепти за семејството, општеството или пак за отвореноста за сексуалната определба.

Ова е една снимка на еден оџа која масовно кружи  низ социјалните мрежи. За едни тоа се смета како нешто хумористично, а за други пак, како правилен начин на размислување.

На снимката е прикажано проповедањето на оџата против хомосексуалноста.

Социолозите велат дека овие реакции се во рамките на логиката која се проповеда во верата. Тие како и во другите земји се уште според своите норми не го прифаќаат соживотот на лица од ист пол. Ова не се прифаќа ниту во Христијанството, ниту во Исламот.

Но, и покрај традиционалните проповедања, начинот и сфаќањата на новото време се прикажуваат отворено. Ова се случува во општеството, политиката, во уметноста...како што е примерот со песната на косовската пејачка Гента Исмајли каде има експлицитни сензуални сцени...

AddThis Social Bookmark Button