Македонците "ги шијат" Италијанците

Македонските граѓани пијат повеќе еспресо од Италијанците, покажува истражување спроведено неодамна, во кое се анализирани 20 најфреквентни локали во Скопје. Познавачите велат дека побарувачката на кафе е во постојан пораст, а причината за тоа е што на пазарот постојано се појавуваат квалитетни брендови на кафе. Макробиотичарите препорачуваат да се пие само турско кафе и тоа по една шолја на ден.

Анализа на Душко Арсовски 

Звукот на машина за еспресо е секојдневие за Дејан кој работи во популарно кафуле во центарот на Скопје.

„ Најчесто трошиме по два-три килограми кафе еспресо на ден. Преку викенд можеби и повеќе од тоа. Најчесто се бара еспресо, макијато и нес-кафе. “

Диверзити Медиа Продакшн: Колку кафиња сте направиле најмногу во една смена?

„ Зависи…за викенд сигурно има над 100 кафиња во една смена.“

Ова веројатно е добра илустрација колку македонските граѓани ја сакаат популарната топла напивка. Истражување од Мокадор Кастелари Италија спроведено на Западен Балкан покажува дека овде се пие 5,3 килограми еспресо по глава на жител годишно, што е повеќе од Италија, земјата каде тоа е патентирано уште во 1903 година.

 

Се повеќе вкусови кафе

Застапникот на Мокадор за Македонија Зоран Јанакиев, објаснува дека причината за тоа е што се менува културата на пиење кафе.  

Очигледно е дека од година во година во Македонија и во земјите од Западен Балкан полека навлегуваат нови брендови кафе, конкретно на еспресо и тоа предизвикува кај луѓето да осознаваат нови начини, нови вкусови и нови начини на подготвка и пиење кафе“


Македонија пред Италија

Во Македонија се пие 5,3 килограми кафе по глава на жител годишно. Во Италија 5,2 килограми. Лидер на Западен Балкан е Босна и Херцеговина со 6,1 килограми, а најмалку се пие во Албанија нешто над еден килограм по глава на жител годишно. Во европски рамки најголеми потрошувачи на еспресо се Норвежаните - секој пие по 10 килограми годишно.

Извор:Мокадор Кастелани


Истражувањето е направено врз 10 брендови присутни во Македонија во 20 локали каде најмногу се троши еспресо. Јанакиев дополнува дека се’ уште, генерално, приматот го има турското кафе, но последните четири-пет години се доближува и еспресото. И таквиот тренд, според него, ќе продолжи.

Диверзити медиа праша неколкумина скопјани кои уживаа во кафулињата на сонце деновиве колку често пијат кафе. 

„ Па, секојдневно. Омилено ми е макијато. Пиењето е навика која потоа преминува во зависност“

„ Кафе пијам три пати неделно и корисно е. Тоа е навика“

„ Пијам секој ден и мислам дека е повеќе навика. Најомилено ми е студено макијато“

„ Пијам секој ден, најчесто макијато. Кафето е навика и мислам дека е повеќе штетно отколку корисно “

Во здравствените кругови има спротивставени мислења дали кафето е штетно или не. Приврзаникот на здравата храна, Тања Неделковска која повеќе години води ресторан со макробиотска понуда кажува зошто оваа напивка не е во менито на љубителите на здравата исхрана.

„ Кафето, да кажеме на макробиотски јазик, има екстремна ’јин’ енергија и ќе ни ја наруши рамнотежата што ние се трудиме да ја постигнеме во организмот во текот на денот“, вели Неделковска.

Здраво е по едно турско на ден

Сепак таа кажува дека кафето помага во современиот, стресен начин на живот. Тања препорачува по едно турско кафе дневно кое, како што вели, е добар стимуланс за нервниот систем. 

„ Не со додавање на млеко, не еспреса, капучина, макијата со различни шлагови што се додаваат, зборувам за она најкласичното-кафе и вода да се свари, со засладувач или без засладувач кој како си го пие, ама да биде 100% Арабика, тоа е чисто кафе“

Јанакиев не се согласува со ова зашто е љубител на добро еспресо. Вели дека репер за добро кафе е начинот на пржење - да има што е можно најмалку влага. Второ, како што вели, важно е од кој дел од светот доаѓа зрното - Арабика кое го дава силниот вкус и зрното - Робуста кој го дава кремастиот дел на кафето. Вкусовите се различни во зависност од процентот на Арабика и Робуста, објаснува овој познавач на кафето.

„ Еден час по конзумирањето квалитетното кафе се чувствува во устата и натаму, нема никакви болки во желудникот и на крајот на краиштата талогот којшто останува два-три часа по конзумирањето треба и понатаму да содржи доза на влажност и да биде лесно при миење“

Независно дали е навика или потреба, дали е корисно или штетно, кафето во светот е добар бизнис. Лидерот во конзумирање кафе - Соединетите Американски Држави за увоз годишно одвојуваат над четири милијарди долари за да ја задоволат потрошувачката од 400 милиони шолји кафе дневно.

Цената на килограм кафе на светските берзи е два и пол долари. Ресторантска шолја кафе, според истражување на магазнот Форбс, чини од два долари во Буенос Аирес до фантастични 10 долари во Москва. Во Скопје засега може да се најде и за еден и пол долар. 

AddThis Social Bookmark Button