Сврти на Охридски договор, паркирај кај Епопеја на ножот

Градот Скопје ќе менува имиња на близу триста улици. Намерата е новите имиња да ја отсликаат повеќенационалната македонска реалност. За новите имиња не гласаше најголемата македонска опозициска партија СДСМ, а помалите етнички заедници побараа поголема застапеност на имиња од нивниот етникум.  Промените се најавуваат во време на кревки меѓуетнички односи и се толкуваат како обид за превласт на еден етникум над друг.

Жолчна десетчасовна расправа му претходеше на усвојувањето на листата со 290 предлози со нови имиња на улиците, мостовите и на плоштадите во Скопје. Сегашните имиња како "Кумровец", "Црвена Армија", "Бихаќка", ќе бидат заменети со "Ангел Сматракалев",  "Хасан Приштина" или  "Киро Глигоров".  Најголем дел од усвоените предлози, близу 200, се на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, околу 50 на ДУИ, додека петнаесетина се на заедниците на Турците, Бошњаците, Србите, Црногорците и на Ромите.

Исклучени малите етнички заедници

Помалите етнички заедници сметаат дека со новиот список се задоволуваат  апетитите на двете најголеми заедници – македонската и албанската. Милорад Орландиќ од Заедница на Црногорците во Македонија вели дека непријатно биле изненадени со бришењето од списокот на името на "Василие Ѓуровиќ", еден од нејзините припадници.

„Уште потешко е што за бришењето дознавме од дневниот печат и тоа од кажување на експерт од Институт за национална историја, според кој Ѓуровиќ не сторил ништо особено за Македонија за некоја од улиците да го има неговото име. Со оваа изјава создадена е непријатна ситуација кај припадниците на црногорското малцинство во Македонија,  бидејќи Ѓуровиќ е еден од најистакнатите организатори на студентското движење во Македонија од 1936 до 1939 година, народен херој и човек соборец на Орце Николов и Даме Груев“, вели Орландиќ.

Затечена е и бошњачката заедница во Македонија. Елвир Садиковиќ  од Бошњачкиот форум побара поголемо учество во донесување на одлуките.

„Доколку официјалните институции го пласираат концептот за соживот и мултикултурализам во Македонија сметаме дека покрај двете поголеми етнички заедници во земјава би требало да се слушнат и останатите помали заедници, односно нивните предлози и совети да бидат земени предвид при донесување такви одлуки“,  вели Садиковиќ.

Двете заедници сметаат дека промените се случуваат без да се консултира јавноста и сите етникуми. На тој начин, според нив,  поголемиот дел од малите етнички заедници е потполно исклучен од јавниот живот, особено од процесот на одлучување. Но, освен помалите етнички заедници, за промените не беа прашани ниту обичните граѓани, жители на улиците што ќе се преименуваат. 

Многумина од нив по прв пат слушаат за личностите чии што имиња во иднина ќе ги носат нивните улици. Ги прашавме скопјани дали се за промена на имињата на улиците.

Граѓаните поделени

„Не сум за промена на имињата, зошто ова е Македонија, Скопје, не може да се промени ништо. Како што било сто години досега, така и да остане“, вели една граѓанка.

„Јас би сакал да живеам на улица „Хасан Приштина“, затоа што сум Албанец и сакам да биде така“, вели друг жител на главниот град.

За трети пак, изборот на некои имања е нелогичен: „А што им фали на сегашните имиња?

Ми пречи промената и не сметам дека некоја скопска улица треба да се вика на пример, ’Стив Џобс’. Мене Стив Џобс не ми значи ништо во мојот секојдневен живот за да живеам на таа улица“, е реакцијата на друг жител на Скопје.

Но, има и такви за кои преименувањето не претставува проблем: „Нека има и "Даме Груев" и "Ибрахим Ругова", да биде по волја на сите луѓе што живеат тука, не сум против никого“, е ставот на еден скопјанец.

Друг пак, смета дека „каде една националност е мнозинство, така треба да се именуваат улиците, ако сакаме заеднички да живееме“.

„Да има и "Гоце Делчев" и "Хасан Приштина". Не треба да се противи ни младината, ни власта, никој. Зошто да се противат?!“, вели тој.

Табли со објаснување

Историчарот Владо Поповски, кој е член на комисијата за промена на имињата изјави дека на почетокот на секоја улица преку легенда испишана на табла ќе стои објаснување за секое име. Тој вели дека при изборот се труделе да бидат усвоени имиња на лица кои би биле високо прифатени од страна на општествената заедница.

„На пример, ромската заедница предложи три имиња – едно име за плоштад, две имиња за улици. И тоа се личности за кои сметам дека сите граѓани би ги прифатиле, или пак не постои причина да не ги прифати, освен ако непоправливо страда од стереотипи.“, смета Поповски.

За него, можеби, многу поголем притисок  има кај мнозинските заедници, бидејќи „објективните факти секогаш се доживуваат субјективно“.

„Јавноста кај Македонците е партиски поделена. Таа исто така е оптоварена и со одредени идеолошки концепти“, вели Поповски.

Неговиот албански колега Скендер Хисени е на став дека заедниците во Македонија малку знаат едни за други, вклучително и за историските личности. Тој смета дека сите заедниците биле вклучени, со тоа што од нив побарале предлози.

“Новите имиња сите треба да ги чувствуваат како свои и целта не е да се предизвика незадоволство или негативна реакција“.

Математика, логика...политика

Дел од интелектуалците, пак, имаат поинакво мислење за преименувањето на улиците, пред се’, поради актуелниот и политички и историски момент во кој тоа се случува. За професорот Рубин Земон од институтот Евробалкан, Македонија се гледа само низ призмата на биетничноста.

„Под плаштот на мултикултурализмот голем број на личности од другите немакедонски и неалбански заедници во Македонија, кои што дале огромен придонес во развојот на Македонија, се игнорирани“.

Преименувањето на улиците пак, за Стево Пендаровски, професор на Американ колеџ, е школски пример за лошо менаџирање.

„Политичките партии пред да излезат пред камера и да собираат поени кај „своите“, треба да се сретнат со „другите“ и потоа со заеднички предлог, за вака сензитивни работи, да излегуваат пред камери. За да го решиш проблемот, нема да ти помогне само ако математиката биде на твоја страна. Мораш да имаш и политика и логика, мораш да имаш еден однос кон различниот со кој живееш во ист град“.

Опозицијата најави дека ќе ја оспори одлуката пред Уставниот суд. Отпадна и предлогот на СДСМ за имињата да се оди на референдум. Списокот е пред македонската Влада, која според законот ќе треба да го одобри. Списокот содржи имиња од една десетина од над 2800 улици во Скопје. За новите предлози во некое друго време, со некои нови луѓе.  


Советничкиот материјал од над 80 страници содржи предлог од 293 имиња. За секое име има кратко објаснување на  македонски и албански јазик зошто е значајно за македонската историја. Пред три години, комисијата под водство на историчарот Иван Кантарџиев не успеала да ја стесни листата од 800 имиња, по што постапката за преименување на улиците била запрена. Усвоената листа, според објаснувањето на предлагачите, е со намера да  се рехабилитираат или има дават на значење на луѓе  - неолиберали кои биле неправедно запоставени во претходниот систем, за кои малку се знае. Исклучени се сите предлози од конфликтот од 2001 поради емотивноста и свежите сеќавања од тој период. 

Предлози повлечени од првичната предлог листа :"Манастир Зрзе", "Македонски лав", "Голи оток" и "Пиреј", е прифатено е да се додаде името "Атанасије Урошевиќ".

Дел од сегашни улици што  треба да добијат нови имиња: Кумровец, АФЖ, Јужноморавски Бригади, Црвена Армија, Социјалистичка Зора, Бихаќка, Октомвриска Револуција, Козара, Шумадиска, Титовелешка, Црноок, Донбас, Пајак, Домазетовска, Дете Татуличе, Саладор Аљенде, Хо Ши Мин, Палмиро Толјати 


AddThis Social Bookmark Button