Постои ли дух во шише?!

Последните дивеења по автобусите и меѓуетничките тензии освен што предизвикаа интерес на медиумите и немир кај јавноста покажаа и нешто друго. Дека граѓаните знаат да го кажат својот критички став со духовити коментари на социјалните мрежи. Оние што се активни на Твитер велат дека ова не е со некаква агенда. Психолози оценуваат дека духот кај луѓето постои, но е намален под притисок на стресниот начин на живот. Изборот за уживање во хумор е ограничен.

Aнализира Душко Арсовски

„ Скандалозно! Во ранец на средношколец од АСУЦ пронајдени плишано мече и наполитанки. “ Оваа порака се најде на Твитер во шпицот на тепачките по градските автобуси и на улиците во Скопје. Некој нашол начин со духовита забелешка да искаже протест за одредени појави и да го сврти вниманието.

Новинарот Жарко Димитриоски е еден од поактивните во ваквата комуникација со одлична бројка од безмалку 2000 следбеници на неговиот Твитер профил. Вели дека оваа заедница на социјалните мрежи нема агенда.

„ Си кажуваат што си мислат. Немаат некоја скриена порака во тоа, не се трудат да променат нешто, да преземат некаква акција, туку се едноставно искрени луѓе кои што она што ќе им дојде на памет, си го кажуваат и притоа сакаат да си се дружат “

Искрениот Жаре деновиве напиша - "Уживајте овој Велигден во Дубаи за само 700 евра!" - јас да имав 700 евра и овде ќе уживав...

К-15 направија бренд со своето исмејување на лошите појави во Македонија користејќи ја телевизијата како медиуми. За шегите на социјалните мрежи Бубо Каров вели дека има поделено мислење оти, според него, нашите граѓани не се доволно технички заокружени.

„ Мислам дека многу пати тоа може да се злоупотреби и да има погрешен ефект. На пример, еден коментар кој е сосема добронамерен, а е духовит да биде погрешно разбран и напротив, наместо да биде разбран како една духовита забелешка, да се појави осветољубива реакција од друга страна“

Хумор против агресија

Општо познато е дека хуморот е здрав во ситуации на напнатост, но треба да се употреби, анализира психологот Ана Чучкова.    

„ Неизразувањето позитивната енергија се свртува кон негативна енергија, агресија. Сведоци сме на агресија најмногу кај младите коишто агресијата ја покажуваат на улиците“

Актерот Марјан Георгиевски направи вистински бум со своите епизоди стенд-ап комедија "закачени" на Интернет. Во последно време често настапува во живо по клубови. Вели дека хуморот е силна алатка некои работи да се сменат, ама луѓето не го сфаќаат така.

„ Турбо фолк, секс и политика-тие работи поминуваат само како хумор, другото не го гледаат, не им е интересно. Доаѓаат луѓето зашто тоа им е актуелно, а не затоа што сакаат да слушнат нешто или сакаат нешто да сфатат со тоа што ќе им го пренесам. Го гледаат како еуфорија….леле, дојде па да го видиме во живо! Ништо посебно и затоа ми е многу жал“ вели Марјан и додава дека главна тема на која работи во моментот е состојбата во здравството.

К-15 е повеќе хумористично-сатиричен проект и нема намера нешто да промени зашто во нашата средина тоа не е можно вели Бубо Каров. И дава илустративен пример.  

„ Како ја наведнуваш главата, така ти се витка и кичмата. Како ја виткаш кичмата така ти се пупи задникот. Ако почнам да раскажувам понатаму знаете што следува и потоа кога се ќе се заврши ќе падне кубурата. И кога ќе не прашаат зошто ти е кубурата, ќе кажеме за секој случај или за не дај Боже.“

Шегобијци, ама не на своја сметка

Тогаш, дали генерално сме мајтапчиски народ како што сме мислеле или е тоа заблуда? Каров има своја дефиниција. 

„ Се работи за тоа да го надитриш односно, да го зезнеш пријателот, непријателот. Ако треба да направиме некоја општа дефиниција, не може да речеме дека сме некој многу духовит народ. Ние знаеме да направиме шега, но не шега на сопствена сметка“

Духовитоста страда зашто нема креативност поради стресно живеење, но и под напливот на ТВ сериите, оценува Чучкова.

„ Не може да ги избегнеме и буквално сме окупирани од нив, кои што не дозволуваат размислување и креативност, туку бегање од секојдневните проблеми и уживање во нечиј туѓ живот “

Колку и да изгледа свежо и надежно и стенд-ап комедијата може да потклекне, скептичен е Георгиевски.

„ Ќе биде доцна по пет години. Сега во каква состојба е стенд-ап комедијата ќе биде хаос. Исто како кај новинарите- поделени личности, политички личности кои функционираат и прават хумор само на една сметка“

Психологот Чучкова има свое објаснување зошто состојбата на духот е таква.

„ Во Македонија владее една социјална депресија за која не гледам волја кај луѓето да ја коментираат и да се борат. Германија преживеа една таква депресија, Америка исто така. Треба да се случи нешто ново, свежо да излезе за да ни даде надеж и мотивација да продолжиме напред“

Додека да се појави новото, секој на свој начин ќе се лекува од колективната депресија. И секако со смеење.

„ Јас најчесто се смеам на глупоста. Тоа значи дека многу често се смеам и ако добро се разбравме, нека ми простат нашиве, ама навистина многу често се смеам. Ако не се разбравме, уште подобро“, вели Бубо Каров.

AddThis Social Bookmark Button