Мобилност во Европа, мобилизација во Македонија

Европската унија постави цел со која до 2020 година 20 отсто од студентите од Европа да престојуваат на странски универзитет барем еднаш во текот на студирањето. Во Македонија тоа ниво на мобилност е под пет отсто. Во време кога општествата целосно се интернационализираат, истражувавме каде е Македонија  на европското скалило на студентска мобилност.

Анализа на Весна Коловска

Меѓу групата млади луѓе на Медицинскиот факултет во Скопје ја сретнавме Бисера Георѓиевска која лани во септември, преку студентска размена престојувала во Италија. Престојот на клиниката го нарече „драгоцено искуство“.

„Имав ментори коишто ме водеа и едуцираа низ целиот процес. Практицирав работи што тука не би добила прилика да ги направам.  Исто така, осознавање нови пријателства, запознавање различни култури зашто живееш со студенти од различни националности. Од друга страна, можеш да видиш друга држава, да прошеташ, да доживееш нови импресии и едноставно да се надградиш  животот од секој аспект. Секој што има прилика да оди на размена, му препорачувам да оди“, вели Бисера.

Нејзиниот колега Владимир немал прилика да престојува на странски универзитет. Се пријавил оваа година и се надева да замине на некоја европска клиника. Вели дека основно е студентот да има желба за надградба.

„Волја да научи и да го види светот, да ги земе тие искуства и да ги донесе назад во Македонија и да ги примени не само во својата пракса, туку во својот студентски живот и во студентското работење. На таков начин може да го подобриме квалитетот на студирањето на нашиот факултет“.

Институцијата за престојот, студентот за патот

Околу 80 студенти по медицина преку Интернационалната федерација на медицински студентски организации годинава може да заминат во 80 земји од светот. Студентите аплицираат на конкурс што го распишува Студентскиот сојуз, во соработка со факултетот. Координаторот за студентска размена Бенјамин Камбери објаснува каква е обврската на универзитетот што го прифаќа студентот.

„Како дел од организацијата вклучува сместувањето и целиот тој процес што студентот кога ќе отиде во земјата се’ да биде покриено – сместување, престој во клиниката каде ја држи практиката.  Секој студент добива сертификат со кој подоцна, кога ќе се врати во својата земја, му се прифаќа како бонус бодови за Кредит трансфер системот“.

Факултетот преку европската програма Еразмус обезбедил 35 семестри за студентите. Сепак, продеканката за меѓународна размена Даниела Миладинова, посакува тој број да е поголем, поради што се бараат и други начини на студентска мобилност.

„Факултетот контактира со институции што може да ја овозможат таа соработка, односно што може делумно да ја финансираат. Тоа е меѓу другото, Лајонс фондацијата од Австрија, која на студентите по медицина им финансира клиничка пракса во траење од еден месец. Фондацијата ги покрива средствата за престој, а студентите ќе ги покријат патните трошоци. Тоа се мали средства во однос на користа од таа пракса“.

За да може да се одвива студентската размена, потребно е да бидат потпишани договори со странските универзитети. Државниот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје има договори со 30 светски универзитети. За користење на Еразмус програмата треба да бидат регистрирани во Директортатот за образование во Брисел. Во 2009 година на списокот имало само три македонски универзитети. Годинава се 13, а на неодамна завршениот конкурс од програмата Еразмус се пријавиле 11 универзитети.

Со 335 евра на универзитети во Европа

В.д. директорот на Националната агенција за образовни програми и мобилност  Дарко Димитров вели дека на македонските студенти за размена им стојат на располагање близу 600.000 евра.

„Ова претставува 300 мобилности за престој со времетраење од три месеци до една година. Тоа значи 300 студенти би излегле и би посетиле еден семестар или една студиска година надвор од Македонија некаде во европските држави и би се вратиле со стекнати кредити што би им биле признати тука во Македонија и би се стекнале со диплома-додаток, односно со диплома саплемент“.

Грантот за студентот што го доделува Националната агенција е 335 евра месечно, додека странскиот универзитет е должен да обезбеди сместување и студирање на универзитетот. Ова е скромен износ во споредба на пример програмата Еразмус Мундус, каде стипендиите за студирање, магистрирање и докторирање се до 2000 евра месечно.

Сепак и покрај ваквите износи, интересот е слаб, вели Борчо Алексов од Министерството за образование и наука кое е задолжено за оваа програма. На информативните денови имало по одвај десетина студенти или професори. Останува и  Цепус мрежата за размена во Централна и Југоисточна Европа, каде Македонија годишно добива по околу 100 размени.

Според Алексов проблем е што дури и кога студентот ќе се врати со сертификат за Кредит-трансфер, на нашите универзитети се уште има професори кои не ги признаваат и бараат повторно полагање. Тој смета дека кај некои структури на универзитетите тешко оди менувањето на свеста за постоење нова реалност, дека треба да се овозможи настава на англиски јазик во прв и втор циклус. Со тоа, наставата ќе може да ја следат и студенти од странство.

Интернационализацијата на универзитетите станува нужност и покрај тоа што Балканот се уште се смета за прилично затворен регион. На цена се студенти  и професори со познавање на јазик, комуникација и искуство, што се обезбедува преку размената. Колку Европа полага на мобилност е фактот дека и покрај економската криза, за програмата за образование каде спаѓа и Еразмус, за периодот 2014-2018 се обезбедени 19 милијарди евра.


Регионална слика за европската студентска размена

Хрватска за размена годинава платила милион евра, ние имаме 360 илјади

Од земјите во регионот, белградскиот државен универзитет е прв по размена на студенти. Следат државните универзитети од Загреб, Нови Сад и Сараево. Загрепскиот државен универзитет годинава, само во рамките на програмата Еразмус ќе испрати 600 студенти на студентска размена во странство.

Националната агенција за образование и мобилност на Хрватска за учество во програмата годинава платила над еден милион евра. Догодина ќе треба да плати 1,3 милиони евра.

Македонија учеството на Националната агенција се уште го покрива преку претпристапните фондови на ИПА. Преку овие фондови се обезбедени околу 360.000 евра, колку што е буџетот на Агенцијата, додека средствата за програмите се обезбедуваат преку програмите и проектите на Европската унија. За правилната распределба и трошење на парите, Националната агенција одговара пред Европската комисија. Поради неправилности во работењето, Агенцијата повеќе од една година беше под суспензија од Комисијата. Од почетокот на 2011 година Европската комисија ја тргна суспензијата, откако Агенцијата исполни редица услови што беа побарани од неа.    


AddThis Social Bookmark Button