Дали невладините потрфлија со меѓуетничките односи?

По низа случувања и инциденти, во последно време, меѓуетничките односи се занишаа, иако за нивно подобрување веќе со години се залагаат невладините организации. Дали тоа значи дека нивната работа го немаше соодветниот ефект?

Назим Рашиди анализира

На една конференција за невладини организации меѓу другото се зборуваше и за подигнување на свеста на граѓаните за меѓуетничките односи и реалноста присутна во Македонија. Оваа средба што се одржа во Охрид беше како и многу други од овој тип организирани изминативе неколку години, на кои присуствуваат претставници од разни етнички групи и невладини организации што ги претставуваат нивните интереси. На дискусиите постои разбирање, но тоа не се рефлектира во општеството.

Затоа пак, неколку инциденти, како тие на навивачите на Европското првенство во ракомет, тепачките во автобуси или училишта, или пак убиството на двајца млади од страна на припадник на Полицијата, влијаат толку што за кратко време меѓуетничките односи се разнишани. 

Улогата на НВО

Која беше улогата на невладините организации во изминатиот период? Дали нивните напори немаа  успех?


Сретен Коцевски од Институтот за развој на заедницата од Тетово вели дека е многу јасно оти не е доволно само дејствувањето на граѓанските организации. Како и дека постои потреба за една постојана институционална заштита.

"Духот на соживот и меѓусебно разбирање и соработка мора да се вгради и да биде дел од наставните програми на училиштата и институциите чиј составен дел се голем број на луѓе. Тоа треба да биде формален дел од системот", вели Коцевски.

 
"Раката" на политиката

Гоце Лубиновски и Шуип Марку од Центарот за одржлив развој во Дебар велат дека политиката е таа што ја намалува улогата на граѓанскиот сектор.

"Тука се меша една рака, една лоша рака што не е дел од невладините организации. Политички партии, можеби партии што сакаат да го задржат рејтингот на партијата, или пак партии што немаат гласови, а сакаат да влезат во политиката па, си поигруваат со овие чувства "


"Во моментот граѓанскиот сектор е во клештите на политиката. Меѓу опозицијата и власта. Денес е многу тешко да се биде неутрален, бидејќи добиваш удари и од едната и од другата страна и тоа ти создава потешкотии во работата ", велат Лубиновски и Марку.

Неодамнешните етнички тензии поттикнаа и чисто граѓански реакции против зголемувањето на нетолеранцијата. Таков беше и мировниот марш одржан неодамна. Но, набљудувачите велат дека последните случувања покажуваат дека етничките односи треба да бидат под постојана грижа и пред се, институционална реакција кога се случуваат вакви феномени.


Граѓанскиот сектор во нова фаза

Зоран Богдановски е координатор на новите постдипломски студии за развој на граѓанскиот сектор при Универзитетот на Југоисточна Европа, што наскоро ќе бидат отворени. Тој вели дека ако не постоеше граѓанскиот сектор, неодамнешните тензии можеа да преминат во поделикатни ситуации. Сепак, тој вели дека за да биде поефикасен, граѓанскиот сектор треба да премине во една нова фаза и затоа е создадена потреба за развивање на овие студии.

"Оние што ќе ги следат овие студии, ќе се оспособуваат да размислуваат за развој. Како да ги поврзат интересите на општеството, бизнисот и Владата и како да направат позитивни промени во општеството", вели Богдановски.

Според набљудувачите, освен што покажаа колку кревки се односите меѓу заедниците, инцидентите покажаа и што може да предизвика несоодветната реакција на институциите. И затоа се бара постојано внимание од сите општествени чинители.

AddThis Social Bookmark Button