Политиката е наша религија?!

Со години во Македонија се зборува за блискоста меѓу политиката и двете најголеми верски заедници Македонската православна црква МПЦ и Исламската верска задница ИВЗ. Од ИВЗ признаваат дека имало партиско мешање при изборот на поглавар. Политичарите формално се против оваа пракса.

Душко Арсовски се обиде да дознае кој врз кого влијае 

Повик за петочна пладневна молитва во џамија во Скопје. Ова е дел од ритуалот на посветените исламски верници. Се чини дека политиката е последно нешто на кое мислат додека влегуваат во храмот. Но, серија случувања во Македонија упатуваат на тоа дека религијата и политиката се тесно поврзани. Оние со кои разговаравме имаат поделени мислења.

„Не, не, верата е сама за себе, нема ништо со политиката и верата значи да ги почитуваш сите, идеите на другите.“

„Да, малку да, но и ние еве овде во џамијава, верниците си разговараме за политичарите коишто не се во ред и дека си ги гледаат своите интереси  народот не ги интересира воопшто. Тоа е главно и нема што да се каже повеќе кога се се гледа…“

Сосема е можно и економската состојба да влијае врз тоа се да биде манипулирано, зашто економската состојба во земјава е катастрофална. Во моментот се е од сиромаштија“

Петок како ден има исто значење и за христијаните.

На другиот дел од градот, група православни верници одат на литургија. По завршувањето, прашавме неколкумина дали чувствуваат мешање на политиката во религијата и обратно.

„Сигурно дека се меша и обратно и верата во политика кај секој народ постои вера, кај секој народ постојат политичари кои ја водат власта, така што сигурно дека се меша“

„Јас не одам многу често во црква, но такво нешто не сум почувствувала“

„Мое мислење е дека кога политиката ќе се замеша во верата најчесто настануваат конфликти, настанува раздор меѓу граѓаните, а тоа не би требало да се случува“

Поистоветување?

Верските заедници се особено интересни за политиката, бидејќи имаат големо влијание врз граѓаните, а со тоа добиваат гласови кога ќе дојдат избори, оценува Јакуп Селимовски поранешен поглавар во Исламската Верска Заедница.

„Има верски заедници кои се поистоветуваат со системот, кои се поистоветуваат со нацијата, кои сметаат дека се еден од столбовите  на националната етничка заедница и на тој начин профитираат во однос на денационализацијата. И тие верски заедници процесот го имаат завршено некаде околу 90 проценти, додека кај нас трае 15 отсто, последиците се тие, очигледни се, меѓутоа суштествено е да ја задржиме исламската верска организациона слобода„

Отец Стојко од Црквата Света Богородица во Скопје не се согласува со ова.

„Тоа не смее да се случи. Подвоеноста тоа треба да го гарантира. Не може верски службеници или лидери да бидат во служба на некоја владејачка или опозициска партија во државата“

Во Македонија со години се зборува дека изборот на верските поглавари не поминува без амин на политичарите кои се на власт.

Селимовски признава дека има притисоци.

„Политиката настојувала да изврши свое влијание во изборот на верски лидери и тогаш имаше обиди да се вовлечат некои структури не само политички, кои си земаат за право да мислат дека се моќни и влијателни да ги решаваат проблемите во исламската заедница„


(Не)навивачко однесување

Отец Стојко смета дека е класична злоупотреба на црквата доколку некој пропагира политички ставови во верски објект.

„Како граѓанин секој човек има право на свое мислење, тоа го предвидува демократијата и слободата, но како свештеници во никој случај не смееме навивачки да се однесуваме и да ја злоупотребуваме црквата .“


Аполитичност

Во Уставот се вели дека верските заедници треба да бидат аполитични, но не може да се каже дека влијанието на политика врз верските заедници не постои или не се чувствува секојдневно.


 

Со ова се занимава и науката.

Универзитетскиот професор и поранешен претседател на Комисијата за односи со верските заедници, Цане Мојаноски, вели дека оваа врска има историски корени во Западна Европа. Тамошните конзервативни партии настанале на традициите на католичката црква. И во современиот контекст, според него, блискоста постои.

„Политичарите имаат потреба од моралниот авторитет на верски лидери во одредени акција. Секогаш кога ќе настанат конфликтни ситуции во определно општество се мобилизираат сите сили. Политиката, исто така ги поттикнува и верските лидери. “

Од друга страна, колкава е блискоста, оценува Мојаноски, може да се види дека верските лидери најчесто се наоѓаат во кругот на моќните политички фигури.


Цане Мојаноски

„ Тие покажуваат особен интерес за дневно политички прашања и често пати може да чуете некои тела кои се изјаснуваат "за" или "против" определена политика или законско решение за кое сметаат дека дел од концептот за грижа за нивните верници“ , вели тој.


„Во нашиот современ контекст Црквата ви е конзервативна структура. Објективно идеолошката матрица на конзервативните партии е поблиска до определени религиски системи и структури, посебно за прашањето на абортусот. По прашањето на националните митови кои се исто така дел од концептот на конзервативните политички идеологии. “, посочува Мојаноски.

Науката нема одговор дали можеби влијанието на религиозните заедници врз верниците е мало, па затоа тие бараат поддршка од политичките структури кои по својата форма се поорганизирани.

Игра со оган

И некои пратеници гледаат врска меѓу политиката и религијата.

Гордан Георгиев од опозициската СДСМ кажува конкретен пример.  

„ Црквата не успеа да сфати дека на долг рок овој вид кокетирање кој што краткорочно може да и донесе поени и некои бенефиции е ужасно штетно за  македонските религиозни граѓани. “

Сузана Салиу од Демократската Унија за Интеграција (ДУИ) гледа опасност во тоа.

„ Доколку се обидуваме да ја политизираме религијата или нашите длабоки убедувања, мислам дека тогаш Република македонија се обидува да си игра со оган“

Александар Спасеноски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ предлага:

„ Прво верниците треба да ги осудат своите верски лидери бидејќи природата на верската работа не е да бидат верските заедници замена за политичките партии. Меѓутоа  од друга страна и граѓаните да влијаат на своите политички водачи да се воздржат од интервенции во религијата“

Македонија не е излоран случај. Професорот Мојаноски смета дека на Балканот е особено изразена врската политика- религија како резултат на создавањето нови држави кои имаат потреба од градење на сопствен идентитет.


Врховен верски лидер со врховна политичка моќ

Во Православието и во Исламот, во историјата но и денес, постојат примери на цели системи во кои и водачите на земјите се со верски карактер. Поглаварот на кипарската православна црква Макариос беше претседател на оваа островска држава во два мандати од 1960 до 1977 година. Во Иран по револуцијата во 1979 година исламските закони се доминантни правни акти на државата, а врховниот верски лидер има контрола над политиката, судството, медиумите, надворешната политика. 


 

 

AddThis Social Bookmark Button