Скриена сексуалност, јавен линч

За трансексуалците, кои се дефинираат како лица кои чувствуваат дека се заробени во тела на спротивниот пол во Македонија не се зборува. Не се зборува ниту за дискриминацијата што ја доживуваат откако ќе се откријат пред светот. Остануваат без работа, без егзистенција, а средината посакува да ги нема. Една од нив е Андреа Јакимовска, некогаш сопруг и татко на две деца, сега самосвесна жена која се обидува да го добие родителското право.

Анализа на Весна Коловска

“Јас не се плашам. Јас се борам со целата држава. Имам сили, не се плашам. Не се плашам од никого, не се плашам ни да умрам. Не се плашам ни некој по пат да ме убие. Нека се обиде, да видиме како ќе излезе“.

Вака зборува 39-годишната Андреа, за која родното Жилче не може да прифати дека сега провокативната црнка со мини здолниште и високи потпетици е некогашниот полицаец Цоци.

Имала свој живот, сопруга, две деца и пријатели се додека не се одлучила и јавно да ја прикаже својата личност и  сексуалност како жена. За сопругата и децата  тоа било вообичаено бидејќи со години го гледале дома во женска облека.

„Нон-стоп живееја со мене. Јас си ги сакам, тие ме сакаа. Се што посакале во моментот што можело да им се удоволи, им се удоволувало. Јас бев трн во око на околината уште како дете. Порано носев каубојки и им сметаше зашто ги носев, и тоа во лето. Селово ни е многу убаво, само народот, за жал, не го бива“. 

Додека снимавме во паркот во Жилче застана автомобил и возачот ни се обрати:

„По ова интервју да отидете кај мајка му и татко му да прашате како живеат“, рече возачот. Андреа на тоа возврати:

„Вие да си заминете, пријава имате пуштено за делото што сте го признале во полиција. И немој да ми се мешаш во животот, гледај си работа„.

Возачот се претстави како Кољо Николовски, претседател на селото.

„Тој треба да си го бара местото каде што ќе биде прифатен„, рече Николовски.

Сакате да се исели од тука?, прашавме.

„Не, не сакам јас да се исели, ама да си го најде местото, да не го иритира народот овде. Тоа е целата работа„.

Имате поплаки од жителите?

„Апсолутно да. Само погледнете го, дали ова личи на нешто?! Село е, ај да е Скопје не се знаеме“ , на став е Николовски.

Циркуска претстава за јавноста

Вакви се реакциите веќе пет години, откако Андреа за прв пат се појавила во женска облека, од кога вели, не престанале навредите, омаложувањата па дури и физичките напади. Неодамна дури била исфрлена од обезбедувањето на тетовската болница, иако отишла на контрола, со упат.

„Тие мене ме фрлија, ме удрија со летва по бубрезите и тројца ме фрлија толку брутално што можев да загинам. По мермерни скали, а јас во штикли. Тоа го снимив, а поретходно им кажав дека ги снимам. Тој случај го пријавив во полиција и тој случај е затаен. Затоа покренав приватно обвинение“

Андреа е на суд за неколку предмети. Речиси секојдневно има работа со полицијата, без работа е, а најтешко и паѓа што повеќе од една година не и е дозволено да ги гледа сопствените деца – девојче од 14 години и момче на возраст од десет.

Коалицијата за заштита на сексуално и маргинализирани групи и дава правна помош. Ирена Цветковиќ од оваа коалиција вели дека проблем е што општеството нема место за трансексуални личности како Андреа, поради што јавно не се појавуваат.

„Излегувањето во јавноста носи одреден ризик, што не секој е подготвен да го прифати. Не дека оние што не излегле во јавност не постојат. Апсолутно постојат! И не дека јавноста мора за секој да знае. Љубопитното око на јавноста просто се претвора во око на љубоптитен гледач на одреден спектакл или циркуска претстава. Меѓутоа, тоа е еден индикатор, кој покажува дека луѓето кои се поразлични, подобро живеат скриено отколку јавно“. 

Од пред една година е донесен Закон за антидискримнација, а работи и комисија која ги прима поплаките од луѓето кои сметаат дека се дискриминирани. Од вкупно 60 претставки примени во минатата година, една десетина се однесуваат на сексуална дискриминација.

Висок службеник изгубил работа заради својата сексуална ориентација

Еден високо позициониран службеник од Министерството за надворешни работи (МНР) се обратил до Комисијата откако не бил избран за работна позиција поради неговиот  јасно искажана сексуална определба. Раководителот на комисијата, Душко Миновски  смета дека законот е на страна на дискриминираните.

„ Таму е нотирано дека не може некое лице да не биде примено доколку јасно ја каже својата сексуална определба. Ние ги третираме тие случаи доколку се охрабрат лицата. Факт е дека е многу тешко и затоа ги храбриме лицата ако имаат таков случај да го пријават. Не можеме да знаеме ако е скриено. Значи забрането е, не може!“

Меѓутоа, во практиката не е така, е ставот на Ирена Цветковиќ, која вели дека државата е така уредена, што реално личностите како Андреа нема каде да се обратат.

„Тие се охрабруваат да доаѓаат единствено во невладините организации, кои што пак, не можат да ја заменат државата. Не можеме да помогнеме – едноставно ни се врзани рацете. Не може да им понудиме работа. Не може да им дадеме социјална помош, лекување. Просто не може една  невладина организација или десет или сто да заменат држава. Понекогаш имам чувство дека власта ги чува невладините како алиби и бара невозможна мисија од нив“.

За Андреа не е невозможно живеењето како жена и без егзистенција, но невозможен и е живтот без своите деца. По Велигден ја очекува операција. Не за вистинска трансформација од маж во жена, со операција на промена на полот, туку ќе донира бубрег на 16 годишно девојче.

„Сакам еден бубрег да ми остане за мене, не дај Боже ако затреба за децата, тој бубрег ќе го чувам за нив. Јас ќе го извадам, ќе прекинам да живеам. Тој орган ќе го чувам за моите најмили деца. Ако треба и срцето„, вели Андреа.


Во Србија годишно се вршат по околу 40 операции за промена на пол

Во Македонија не се вршат операции за промена на полот. Доколку некој се реши тоа да го направи, треба да плати од 20.000 до 30.000 евра за операција надвор од државата. Фондот за здравство не плаќа за ваквите операции, бидејќи се сметаат за естетски, а не како последица на здравствен проблем. На операцијата и’ претходи двегодишна хормонална и психотерапија. Македонија законски се’ уште го нема инкорпорирано мислењето на Светската здравствена организација дека трансексуалноста е нарушување кое што бара соодветно лекување. За илустрација, во соседна Србија годишно се вршат по околу 40 операции на промена на полот, а од почетокот на годинава се на товар на државата. Македонските трансексуалци кои се решиле на промена на полот, најчесто се обраќаат до белградските доктори. 


 

AddThis Social Bookmark Button