Неоткриена скриена камера

Светските телевизиски канали како National Geographic и Discovery имаат голема публика и во Македонија. Нудат програма која е вистински спас од притисокот на домашните медиуми полни со политика и сапуници. Но, досега на нив не се појавиле кадри за македонските природни убавини. Неодамнешната промоција на двата документарци во странска продукција за рисот и за пеликаните од Македонија, се чини за прв пат даваат шанса да се открие скриената страна на земјата. Зошто домашните продуценти не се заинтересирани за ова?

Анализа на Душко Арсовски

На National Geographic се прикажува возбудлив документарец за кобрите во Индија. Овој телевизиски канал стана препознатлив благодарение на програмата која, меѓу другото, го пренесува светското природно богатство до широка публика.

И Македонија има што да покаже но, тоа е невидливо вели писателот и драматург Јордан Плевнеш. Го напиша романот „ Осмото светско чудо“ врзан за идејата да се гради лулка на светот на Галичица која, според него, е меѓу најендемските планини во светот со 3800 растенија. Македонија, вели, е светска велесила според бројот на ноќни пеперутки. 

По принципот "камера на рамо" ќе тргнеме низ Македонија, ќе ги откриваме феномените, а потоа ќе посветиме специјални филмови за секоја од тие теми. Тоа е нашата идеја“, планира Плевнеш.

Плевнеш како ректор на Универзитетот за аудио визуелни уметности во Скопје планира да создаде квалитетни тимови од сниматели и од креативци кои ќе ги филмуваат природните убавини. Тоа сега речиси го нема во Македонија.

Скриеното е достапно само за мал круг на луѓе. Меѓу нив е Ѓорги Иванов од Македонското еколошко друштво кое безуспешно се обидувало да привлече приватни продукции за да ги снимаат нивните експедиции.

„Од моето досегашно искуство, мислам дека културното наследство е многу попромовирано од природното наследство, а во Македонија и двете ги има во изобилство. Ако ние со нашите напори се обидеме да ги споиме, мислам дека ќе привлечеме многу странски продукциски куќи кои би се заинтересирале да дојдат, да филмуваат и потоа и да го презентираат“, вели Иванов.

Германски документарец за македонскиот рис

Мразот е пробиен.

Приказните за рисот од Маврово и за пеликаните од Преспа, проекти на Македонското еколошко друштво, деновиве добија филмска верзија. Авторката и режисерка од Германија Корнелија Фолк направи документарци кои ќе бидат прикажани пред европската телевизиска публика.

„Луѓето повеќе знаат за Амазон отколку за соседните држави.

Балканот долго време во медиумите беше присутен поради војните и многу е тешко да го преместите фокусот на други теми и да ги убедите луѓето во нешто друго. Овде има природни убавини кои се отворени и би ги натерале луѓето да дојдат да ги видат“

Мала улога во филмовите имаше продуцентската куќа Партес. Косопственикот Небојша Илијевски оценува дека домашните продуценти не се заинтересирани за вакви проекти зашто се плашат оти нема кому да ги продадат.

„Социолошкиот аспект во земјата, тој постконфликтен период некако не влече на теми кои што допираат до социјалната сфера, а не до оние кои се барани од каналите како што се Арте, Нешнал Џиографик и Дискавери“, вели Илијевски и објаснува како функционира овој бизнис во Македонија:

„Тој продукциски и медиумски пазар, почнувајќи од филмската индустрија е комплетно паразитски, сите чекаат на Македонскиот филмски фонд за да добијат пари за да направат филм…Повеќе е нагласен во оваа друга сфера бидејќи во телевизиите никој не е подготвен да ивестира во таков вид на програма “

За документарна продукција треба тим со кондиција

Македонската телевизија од минатото лето ја емитува серијата репортажи „ Талкачи“ во која се откриваат непознатите убавини на земјата. Авторката Катерина Групче вели дека идејата успеала иако за вакви проекти, како што вели, тешко е да се состави тим со добра кондиција.

„Тоа беше најинтересно. Сите велеа дека е приватна продукција затоа што не виделе такво нешто на МТВ и не им беше јасно кој ѓавол може да не’ натера ние да се качуваме. На луѓето не им е јасно дека тоа можеш од љубов да го правиш“


Во Македонија, авторите од сопствен џеб плаќаат за кајче

„На пример Ѓаволскиот ѕид во светиниколско за којшто речиси никој не знае во Македонија не може да се оди со обично возило. Мора со џип да се качиш и оттаму да пешачиш уште три часа за да дојдеш до тоа место. И се случува ние да платиме за џипот. Или, на пример, во Охрид за кајчето. “, вели Катерина Групче.


„Талкачи“ е меѓу првите две најгледани емисии на МТВ што покажува дека публиката сака ваква програма.

„Треба да им се каже на филмските продуценти или на телевизиите дека не може да го потценуваат квалитетот на публиката. Ако им прикажувате „ Телетабиси“ таа ќе сака да ги гледа, ама само за момент. Но, ако им дадете малку повеќе, таа исто би го прифатила. Ова треба да се сфати како едукативна програма. “, го пренесува Корнелија Фолк искуството од Западна Европа и додава дека динамиката на производство квалитетна програма многу често зависи од парите зашто тоа е скапа продукција.

Кај нас, како што оценува Плевнеш, тоа не е случај.

„Во Македонија сведоци сме на еден период во кој што голем број на проекти се врзани на ниво на една пропагандна машинерија која нема никакво значење, а сумите што се издвојуваат за тоа се огромни“

Според последната анализа на Советот за радиодифузија, за телевизискиот пазар во Македонија за 2010 година, од првите 100 најгледани програми, 40 биле филмови и серии, а 35 биле од забавната и музичката програма. Останатите најгледани отпаѓаат на преноси од спортски натпревари и на емисии со информативна содржина.

 

 

AddThis Social Bookmark Button