Петкратното убиство – теорија на заговор или терористички акт?!

Речиси половина месец по убиството на петтемина кај Смилковци, сторителите и натаму се на слобода. Министерството за внатрешни работи побара време и трпение за истрагата, која според експертите ќе биде успешна само доколку сите служби работат заедно. И додека јавноста е преплавена со толкувања од теории на заговор до сценарио за дестабилизација на Македонија, Диверзити медиа праша неколку експерти од земјата и странство што стои зад убиствата.

Анализа на Весна Коловска

Нема случајности во петкратното убиство, беше првиот коментар на разузнавачот Горан Петровиќ, кој бил шеф на српската Служба за државна безбедност во време на убиството на премиерот Зоран Ѓинѓиќ. За него ова е многу интересно геостратешко подрачје, но повеќе не е интересно за некои држави, блокови и воени сојузи, туку за светот за криминалот и тероризмот.

„ Моето лично мислење е дека зад ова не стојат некои политички, воени или безбедносни интереси на одделни држави или меѓународни организации,  туку пред се’ интересите на организираниот криминал и тероризмот. Луѓето што ги изведуваат акциите се во таа функција  -  тие се професионалци за криминал и убивање, за тероризам, за диверзии. Тоа е нешто на што службите за безбедност мора да внимаваат.“

На просторите каде што се случија неколку граѓански војни, смета Петровиќ има се - авантуристи, платеници, паравојници  кои се остаток од нерешените регионални прашања. Според него, конфликтите не завршиле со решавање на споровите, туку со интервенција на меѓународната заедница, додека тие проблеми останале под тепих. 

Обид за ескалација

За политикологот од Косово Кренар Гаши, убиството не може да се остави надвор од сигурносните регионални контексти.

„ Иако не сум приврзаник на конспиративните теории, сепак не треба многу да се размисли дека еден таков акт ако бил замислен, не тргнува од националните интереси на Македонија. Не е од интерес на Албанците од Македонија,  ниту пак на тие од Косово. Поради тоа, треба да се види кои странски интереси би имале полза“.

Тогаш, оправдано е прашањето дали убиството е со цел Македонија да се соочи со наметната криза која ќе води кон дестабилизација, е ставот на професорката по Кризен менаџмент на Филозофскиот факултет во Скопје, Марина Митревска.

„Оттука може да ја прифатиме едната претпоставка, дека убиството е обид за избувнување, ескалација или враќање на вооружениот конфликт во 2001 година “.

Српскиот разузнавач Горан Петровиќ нема дилеми дека Косово е епицентар на се’. Како што вели, таму е идеологијата, луѓето кои имаат заеднички интереси и кога е за нив „врело„ во Македонија преминуваат во Албанија, потоа во Косово, па во Црна Гора и едноставно играат „криенка - миженка“ со државите и нивните безбедносни структури. За Кренар Гаши гледањето на Косово како „дежурен виновник“ е неоправдано.

„ Србија ова го прави бидејќи се спротивставува и е отворено против независноста на Косово. Некои кругови во Македонија се обидуваат  да го обвинат Косово бидејќи тоа е најлесно и тоа одзема вниманието од отсуството на вкупен напредок во државата. Додека на кругови од меѓународниот фактор им е едноставно да го обвинат Косово бидејќи ЕУ на пример, со Косово нема дури ни договорени односи.“

Од Косово се огласи „Ослободителната војска на окупираните албански територии“, со ултиматум до МВР да се повлече од „окупираните и колонизирани албански територии“.

Прстот вперен кон безбедносните служби

Разузнавачот Зоран Митевски за неделникот „Фокус“ за косовската организација вели дека е таканаречената Нова АНА, која во 2001-та делувала и во Македонија, поточно во кумановско, во чии рамки работи Илирида на Невзад Халили со околу 300 припадници.

Огласувањето на екстремистичките организации, според професорката Митревска, треба да се земе со резерва.

“Но, и како порака до нашите безбедносни институции за поголема контрола. Пред се’ на границата со Косово – само тој дел би го издвоила. Пред се’ тоа се институциите кои се задолжени да работат во делот на превенција и рано предупредување“.

Убиството на петтемина го разниша кревкиот соживот во Македонија, поради што, нашите соговорници сметаат дека од голема важност е да се најдат сторителите. Го прашавме Горан Петровиќ дали е тешко да се пронајдат.

„ Никогаш не е тешко. Која било служба во која било држава не се среќава по прв пат со ваква ситуација и со вакви групи и идеологии.  Па, така и вашата служба како и српската или која било. Има илјадници луѓе што делуваат во тој домен и со една солидна полициска истрага во надградба од службата за безбедност, може многу брзо да се стесни кругот на сторителите.“

Пред неполн месец Скопје беше домаќин на регионална конференција на која претставници на Интерпол, тајните и граничните служби и полицијата гордо го објавија десетгодишниот јубилеј од граничната соработка. Јавноста се прашува колку е силна таа заложба во време кога Македонија се соочува со нова сериозна криза. 

AddThis Social Bookmark Button