Предлог за родова еднаквост во албанската химна

Во име на родовата еднаквост, народниот правобранител на Република Албанија, на прославата на 100 годишнината на албанската држава предложи да се измени еден стих на националната химна. Предлогот, иако признава правобранителот е само идеја, во фокусот на интерес на јавноста ја стави еднаквоста на жената со мажот во албанското општество. Така, каква е улогата на албанската жена денес?

Анализира Назим Рашиди

Предлогот за смена на албанската химна произлезе за време на една телевизиска програма, поточно на емисијата насловена "Tonight" со Илва Таре, во која албанскиот омбудсман Игли Тотозани предложи измена на химната.  

Наместо зборовите „вистинските мажи не се плашат... „ да пишува, односно да се пее „ жени и мажи не се плашат...„ Ова е предложената измена.

Но, постои ли во албанското општество толку голем сензибилитет за да може да се направи измена на државната химна во полза родовата еднаквост? 

Помеѓу постмодерното и феудалното

Делина Фицо, активист за правата на жените од Тирана ја прифаќа идејата. Таа посочува оти во земјата има голем напредок во законодавството како важна основа за правна еднаквост. Но, вели дека сепак не сите слоеви на општеството прифаќаат една таква еднаквост.

„Во албанското општество има соживот помеѓу постмодерното и феудалното. Ако одиш на пример во некое село ќе видиш сурова реалност„, вели Фицо.

Флора Бровина е лекарка која за време на режимот на Слободан Милошевиќ била киднапирана од српски сили и осудена на затвор во времетраење од една и пол година. Моментно е актуелна пратеничка и основач на партиска парламентарната групa на жените. Таа вели дека жените дале голем придонес, но не прифаќа дека нивните партиски активности им служат само на жените. 

„Не се согласувам дека сум имала голема улога за жената, тоа е пред се за општеството. Не сум се чувствувала на кој род припаѓам. Тогаш кога жената нема да мисли на кој род припаѓа, ќе се чуствува еднаква„, смета Бровина.

"Мека" сила

Аделина Марку која е дипломат и колумнист и која често во нејзините колумни има и референци што ја одразуваат женската сексуалност вели дека можеби сега е време во политиката да се вметне една "мека" сила, која би можела да донесе поголем напредок.

 
„Жените треба да имаат улога како во семејствата, да ги соединат децата кои се скарани помеѓу себе. Децата се мажите во нашето албанско општество. Постојано се скарани„, вели Марку

Пејачката Туна во нејзините песни отворено изразува феминизам, но и сензуалност како јака изјава за женската сила. Изјави даваа и околу 50 професионални жени кои се собраа во центарот на Скопје и кои во рамки на една телевизиска програма ги изразија своите мислења за улогата на албанската жена во општеството.

Еве дел од нив: 

"Мислам дека жената заслужува повеќе и треба да напредува. Но, треба да биде и поупорна„, вели поетесата Пунторие Зиба.

"Дојден е нашиот ден. Ние можеме, знаеме и успеваме, ако сакаме„, вели директорката на Културниот Информативен Центар, Сермине Пурини.

"За жал, во нашето општество улогата на жената не е толку вреднувана„, вели Лулјета Клица, преведувач.

„Не се виновни само мажите, треба и жените да придонесуваат„, вели Зана Мустафа, фармацевт.

„Не е важен бројот, туку квалитетот. Може да е една, ама да вреди„, вели новинарката Ѓултене Реџалари.

Албанците имаат бројни и херои и хероини

Еден странски документарец евидентираше еден интересен факт - дека Албанците покрај херои, имаат и бројни хероини. Тука се спомнува Кралицата Теута уште од време на Илирите, потоа Доника Кастриоти – сопруга на Ѓерѓ Кастриоти – Скендербег, Елена Ѓика – писател, научник, публицист и дипломат која го промовираше албанското прашање на светската арена во 18 век. Сестрите Севасти и Парасќеви Ќириази, првите личности на преродбата и посебно на формирањето на првото албанско училиште. Шоте Галица, најхаризматичната личност на Качачкото движење во Косово, Гонџе Бојаџиу, хуманистка и добитничка на Нобеловата награда за мир и во помодерните времиња, космологот Лаура Мерсини, што е реткост за оваа професија и во светски рамки, како и во полето на уметноста Рита Ора, која беше на прво место на Британската Топ листа, успех овој што не го постигнал ниеден Албанец досега.

Но и покрај позитивните примери и индивидуалните успеси, уште еднаш се потврдува улогата на жената - помеѓу патриjархатот и нејзиниот ангажман во општеството. Крајностите во развојот, но и на притисокот врз неа биле и се уште се присутни, па токму поради тоа, се проценува дека треба да добие поголема институционална поддршка. И особено, да се постигне еднаквост во руралните региони. Сепак, се оценува дека последните дебати, како тие на пример, за промена на националната химна покажуваат напредок и сензибилитет за родовата еднаквост во албанското општество.   

AddThis Social Bookmark Button