Врби на глава

Проектот „ три врби во Вардар“ вреден 250.000 евра и натаму предизвикува интерес во јавноста уште пред да биде целосно завршен. Дебатата ја поттикна цената, но и фактот што во реализацијата не е консултиран Шумарскиот факултет. Експертите советуваат каде не треба да се греши за таа жива скулптура да трае подолго. Во случајот, бидејќи се прават вештачки услови, животниот век на врбите значително ќе се скрати.

Анализа на Душко Арсовски

Неколку европски држави, меѓу кои и Македонија, се обединија околу платформата „Речни градови на Европа“ со која се настојува реките на стариот континент да останат недопрени и што подостапни за сите граѓани. Кампањата се води преку конференции, документарни филмови, како на пример тој за невидливата река во Лвов, во Украина. 

Партнер од Македонија е Ценарот за светска култура Есперанца. Роберт Алаѓозовски од оваа невладина организација смета дека тоа што се случува со реката Вардар е во спротивност со принципите на платформата. Како пример го посочува поставувањето на скулптурата „три живи врби“ .

„Тој проект е доста екстравагантен и егзибиционистички. Овој тип на проекти имаат проблем од еколошка природа. Доколку врбите се засадеа на некое нераззеленето крајбрежје на Вардар тоа е во ред. Меѓутоа да се чепка во речното корито и да се изведуваат бетонски конструкции за внатре да се постави проект што условно би бил од една таква зелена природа, тогаш се постигнува спротивен ефект“, вели Алаѓозовски.

Надлежните и авторката на скулптурата не зборуваат за овие аспекти. Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска во име на нарачателот на проектот, деновиве објасни дека се’ било законско.

„Долго време се работеше, имаше објавено тендер за добивање на фирма што е специјализирана за самите бушотини што се правеа, бетонски плочи, арматура и тн. Така што мислам дека не треба да се гледа негативно, туку напротив да се гледа во една позитивна насока бидејќи уметничката вредност на авторите треба да ја цениме и да ја почитуваме“, рече таа.

За уметничките аспекти се договаравме да разговараме и со авторката на оваа дело Искра Димитрова. Таа најпрво прифати, а потоа се премисли, со објаснување дека е презафатена со завршувањето на градежните работи на скулптурата. Претходно, во писмо до јавноста кажа дека идејата била да се создаде споменик како почит кон вегетацијата во Скопје.

„Сакав да создадам нешто што на градот би му дало свој израз и автентичност, а сето тоа на еден посовремен начин. Во проектот, бетонот како суров, урбан материјал го спротивставив на романтичниот аспект на врбите. Притоа, водев сметка тие да не го попречуваат погледот на Камениот мост, бидејќи тој е еден од главните симболи на Скопје, а сепак да дадат доза на веселост на урбаниот пејзаж“, напиша Димитрова.

Бетонот ќе зјае на лето

Алаѓозовски кој е и критичар на уметноста има свое видување за скулптурата на Димитрова.

„Да ја поставите врбата во еден ваков простор има, на пример, една хипер-реалистична нота. Обично ваквите проекти се концептуални, се конструкција. Со тоа се стимулира некаква надојденост на Вардар. Но тука проблемот е кога Врадар среде лето ќе падне толку ниско, па таа бетонска конструкција околу врбите ќе остане соголена и на некој начин нема да успее да го постигне ефектот на прикриеност и на убавина“, смета тој.


Природата веќе има скулптура кај Демир Капија

Среде Вардар на неколку километри од Демир Капија, на остаток од бетонски носач за мост расте врба. Ова е прва жива скулптура што е авторство на природата, вели професорот Јане Ацевски


 

На таа можност укажуваат и експерти од Шумарскиот факултет кои меѓу првите реагираа зошто не биле консултирани при создавањето на скулптурата. Професорот дендролог Јане Ацевски за Диверзити медиа објаснува дека во светски рамки е нетипично врби да се поставуваат во средина на река.

„Затоа што зависи од типот на реката. Вардар е брза река, во средина е главното струење каде што постојано се носат наносни материјали, дрвја, отпадок и така натаму, па жардињерите би биле под постојан удар на овие водени струи“, вели Ацевски.

Тој кажува дека животниот век на врбите е сто години и дава неколку совети каде не треба да се греши во одржувањето на садниците.

„Особено во период на вегетација од почеток на април, па се до крајот на октомври, треба постојано да биде под вода- не буквално да плива во вода туку постојано да има дотур на свежа вода“, посочува Ацевски.

Но, Димитрова во писмото укажува на краток период за одржување на садниците.

„Скулптурата предвидуваше дупчење на шипови, изградба на бетонска конструкција, засадување на врбите, нивно одржување во тек на две години, како и обложување на коцката со инокс“, рече таа.

Врбите во жардињери со пократок животен век

Го прашавме професорот Ацевски дали со тоа што врбите ќе растат во жардињери ќе им се скрати животниот век?

„Па секако, ваштачкиот начин на одгледување го скратува векот на траење и треба да се истрае и не смее ниту една сезона да се пропушти, ниту еден фактор да се занемари затоа што кој било од овие фактори дали влагата, дали воздушно водениот режим во почвата или светлината - ако се занемарат ќе дојде до исушување на дрвниот вид“, порача тој.  

Скулптури од живи врби, но не во река, во светски рамки се своевиден уметнички правец. Дебатата за ова уметничко дело во Македонија најмногу се води околу вредноста на проектот од 250 илјади евра што. Скулптурата е дел од проектот „ Скопје 2014“ . И Димитрова е изненадена од реакциите.

„ Ваков публицитет на мое дело досега не сум доживеала, а особено ме зачудува фактот што се зборува за дело кое сe уште не е ни реализирано, како да се пишува за одредена театарска претстава, следејќи ги пробите, или како да се пишува критика за филм кој сe уште се снима“, рече таа

Учеството во проектите од јавен интерес се чини на уметниците им излегува низ нос. За неколку дела се водеше и политичка расправа, а економисти оценија дека непотребно се трошат пари во време на криза. Во случајот со Димитрова повеќе излегува „ врби на глава“ отколку „ врби во Вардар“ .

AddThis Social Bookmark Button