Дефибрилатор за буџетот, инфаркт за компаниите

Во последните две – три години сите македонски граѓани мораа да ги променат своите лични документи. Откупуваа државното земјиште, обврзани се задолжително плаќање радиодифузна такса, а за 50 евра ќе ги откупуваат и семејните гробни места. Државата постојано воведува нови давачки, што граѓаните го толкуваат како обид да си ја наполни касата. Дали новите давачки донесоа и подобар квалитет на животот?

Анализа на Весна Коловска

Плачот на новороденчето за мајките е најсреќниот момент во животот. И потоа, во стилот на Вуди Ален – доаѓаат трошоците. Меѓу бројните трошоци што го тенчат семејниот  буџет, на дел од македонските мајки им стигна и обврска за плаќање на персонален данок за породилното боледување. Фондот за здравство го исплатил надоместокот со доцнење од неколку месеци, па тоа се совпаднало со платата на мајките, бидејќи тие во меѓувреме се вратиле на работа.

Управата за јавни приходи оценила дека е боледувањето е дополнително примање и од мајките побара да си го платат данокот. Некои платиле, бидејќи со државата нема играчка, други одлучиле да бараат правда. Нивните права ги застапува адвокатот Оливер Вуксановиќ, според кого, законски стои и можноста за кривична пријава против Фондот за здравство бидејќи данокот е обврска на Фондот, како исплаќач на личните примања.

„Граѓаните што имаат ваков проблем имаат две можности - едната е да покренат индивидуална тужба пред Управниот суд, доколку не се поминати 30 дена од добивањето на решението. Жалбата поднесена против решението на Управата за јавни приходи им е одбиена од Министерството за финансии.  Втората можност е да се покрене граѓанска тужба. А, доколку некој од нив веќе платил данок, за враќање на парите, односно за стекнување без основа на Фондот за здравствено осигурување“.

Граѓаните ќе си ги плаќаат "бесплатните" електронски книшки

„Се можеш да заборавиш само данок не„ – со ова мото Управата за јавни приходи ги потсетуваше граѓаните да поднесат даночна пријава. Дали мотото важи и за државните институции, како што е на пример, Фондот за здравство?

Беше најавено дека замената на здравствени легитимации со електронски ќе ја плати државата од буџетот, преку проектот вреден над 10 милиони евра. Сега секој осигуреник треба да плати по две евра. Тоа значи дека четири милиони евра ќе се влеат во државната каса. Сепак, ова нема да важи за сите, вели министерот за здравство Никола Тодоров.

„Ќе има две цени. Едната ќе биде за сите граѓани, а друга ќе биде повластена, за пензионери и за социјално загрозени граѓани. А, еден дел од граѓаните се целосно ослободени, односно оние што се ослободени, како што се приматели на социјална помош. Се одлучивме на овој чекор за да набавиме два акцелелатора – еден кој што ќе биде инсталиран во Штип, а вториот во Битола“.

Граѓаните што случајно ги сретнавме на улиците во Скопје се чувствуваат измамени од владиниот потег.

„Мислам дека не е во ред, треба да си размислат и да си ја повлечат одлуката. Треба да не известат и ако веќе планираа да се наплаќа требаше да кажат на почеток, а не отпосле да ја донесат таа одлука“, вели еден млад скопјанец.

Друг потсетува на нискиот стандард: „Во Македонија постојат и доста социјални случаи, семејства кои одвај „закрпуваат“ крај со крај, така што и едно евро во петчлено семејство за здравствена книшка се пет евра. Мислам дека тоа не е во ред“.

Тодоров им пиша и на компаниите со над сто вработени дека од први јуни треба да набават апарати за реанимација, односно дефибрилатори. Тоа е апарат што лекарите го употребуваат во случај кога срцето ќе престане да чука и кога срцевиот мускул се реактивира преку електрошок. Петмина вработени во секоја таква компанија треба да се обучат и сами да дадат помош. Обуката од четири до шест часа во организациите на Црвениот Крст е бесплатна, но апаратите кои чинат од 1.500 евра до 5000 евра треба да ги платат компаниите.

Реакции: Давачките водат кон пропаст

Прв се побуни Текстилно – трговскиот кластер. Венцо Филипов е член на Управниот одбор.

„Идеите се добри, но дали времето и моментот се погодени тоа да го правиме?! Ние имаме многу поголем проблем од овој.А ко немаме таква машина, може да изгубиме еден или два живота.  Може да изгубиме стотици животи кога ќе ги оставиме на улица ако финансиски изгубиме и банкротираме. А, се движиме во тие правци“.

Некои бизнисмени велат дека пак ќе настрадаат вработените, бидејќи компаниите преку намалување на бројот на работници под сто ќе го избегнат купувањето на апаратот. Филипов прогнозира дека дефибрилаторите ќе ја следат судбината на фискалните каси.

„Компаниите ќе мора да набават вакви апарати што ќе го обременат и онака кревкиот капитал. Овој закон ќе ги опфати најниско профитабилните сектори, како што е текстилот. Дали ќе опфати електроника или во информатиката со по пет вработени?! Ќе обремениме категорија на луѓе со најниски примања со уште една давачка“.

Богати или сиромашни, на нога или во инвалидски колички па, дури и луѓе со маски за кислород чекаа во ред бидејќи сите граѓани имаа обврска за замена на личните карти со биометриски. Се уште нема податок колку пари влегоа во државниот буџет од замената на овие лични документи. Според еден податок, од биометриските пасоши во државната каса влегле 27 милиони евра.

Со законска измена за 50 евра за имотен лист, граѓаните во трајна сопственост ќе ги добијат семејните гробни места. Претходно плаќаа за дворните места, кои беа на користење од страна на државата, а сега се нивна сопственост.

Управата за јавни приходи лани се пофали дека ја завршила годината со за 10 отсто повеќе даночни приходи од проектираното. Затоа, во духот на мотото на акцијата на УЈП  - „се можеш да заборавиш, само долгот кон државата не„.


 

Кумановци плаќаат данок за преработка на отпадни води

Државата не е единствената на која граѓаните „не смеат“ да должат. Некои од деловните банки, покрај прилично високите камати, наплаќаат меѓу 30  и 500 денари за опомена за неплатена обврска. Износот зависи од периодот на долгување. Други земаат по 50 денари за документ испратен по пошта.

Општините исто така воведуваат свои давачки. На пример, општина Куманово наплаќа по осум и пол денари данок за преработка на отпадните води, додека некои општини како Град Скопје, наплаќаат по 100 денари за одржување на гробните места. 


 

AddThis Social Bookmark Button