Дали Албанците ги штитат радикалните исламисти?

Албанците во Македонија неодамна протестираа по апсењата за петкратното убиство во близина на Скопје. Други протести во меѓувреме се најавуваат за следните денови. Дали Албанците ги штитат муслиманските екстремисти или пак протестите се со друг мотив?

Анализа на Назим Рашиди

Во едно од ретките аудио снимки, Фан Ноли го почнува својот говор потврдувајќи го фактот дека е свештеник. Малкумина Македонци знаат дека човекот кој најверојатно придонел најмногу за меѓународното признавање на Албанија, по прогласувањето на независноста во 1912 година, беше токму овој православен свештеник. Беше тоа Фан Ноли, интелектуалец и основач на Албанската православна автокефална црква и премиер на Албанија во 1924 година. Под негово раководство, Албанија беше примена во Лигата на Нациите, сега позната како Организација на Обединатите Нации (ООН).

Ако се анализира историјата на Албанците, може да се воочи дека таа е преполна со христијански личности. Сите тие го сочинуваат таканаречениот албански код, каде што религијата никогаш не била доминантна во националниот идентитет, што беше претставено и во повикот на албанскиот поет Пашко Васа. Тој во екот на албанската ренесанса рече дека "религијата на Албанците е албанството."

Но, последните случувања во Македонија влијаат на генерализирања според кои Албанците се муслимански екстремисти или терористи.

Дали ова има основа?

За Албанците, јазикот и културата се над религијата

Делвина Керлуку е претседател на здружението "Јосиф Багери", кое меѓу другото, ги истакнува вредностите на православните Албанци во Македонија. Таа не ги исклучува случаите за присуство на можни екстремисти, но сепак, вели дека постои големо незнаење за односот на Албанците кон религијата.

"Албанската верска реалност е еден мозаик поставен врз една силна основа. Низ историјата претставена преку дејствувањето на факторите на конвергенцијата, како што се етно-психолошките карактеристики, заедничкиот јазик и културата. Од друга страна, исто како Христијанството, така и Исламот кај Албанците остануваат народна религија која е против нетолеранција и тероризмот ", вели Керлуку.

Протести заради недоверба

Но, и покрај ваквите ставови, на протестите во Скопје имаше исламска иконографија, како и толкувања според кои Албанците ги штитат радикалните исламисти.

Башким Бакиу од Институтот за добро владеење вели дека протестите беа израз на револт против недовербата во институциите, кој не беше целосно искажан.

“Иако целта на протестите беше да се пренесе пораката за ставање крај на дискриминацијата за Албанците, начинот на кој тоа се направи изгледаше како да има верски елементи. Поради што пак, имаше индикации дека тие се организирани во една таква форма"

Други набљудувачи, во меѓувреме, изјавија дека преку протестите кои се случија пред неколку дена, Албанците за прв пат реагираа во однос на албанските субјекти, кршејќи неколку стакла во зградата на Општина Чаир. Овој можеби насилен гест, означува еден граѓански револт кон тие што се на власт. Без разлика што се Албанци, барајќи всушност функционирање на законот бидејќи според нив, тој се спроведува селективно.

“Довербата во институциите, посебно кон МВР е многу слаба. За ова постојат и аргументи. Дури и логични аргументи. Албанците биле казнувани или притворани, за подоцна да се прогласат за невини. Ова е причината за сиот сомнеж и за протестите по одредени случувања”, вели Бакиу.

Албанците "немаат фобија кон Христијанството"

Керлуку од здружението "Јосиф Багери" вели дека реториката користена овие денови е слична на онаа од поранешна Југославија, каде што на секаков начин се настојувало Албанците да се претстават како исламисти, што пред другите би се протолкувало и како антиевропски. Но, реалноста, како што вели таа, е сосема поинаква.

"Корените може да ги најдеме и во Косовската битка кон крајот на 14 век, каде што Албанците беа дел од христијанската Алијанса против навлегувањето на исламот во Европа. Дека Албанците немаат никаква фобија од Христијанството докажуваат и добрите односи меѓу различните религии. Како и зачувувањето на верските објекти, црквите и манастирите од страна на Албанци муслимани," вели Керлуку.

Недоверба и кон политичката елита

Најавени се и други протести на Албанците. Главно, тие се адресираат до институциите кон кои постои недоверба, но и кон политичката елита. Граѓанскиот дел од општеството е разочаран од тие што се на власт, затоа што веќе неколку дена немаат објаснување за тоа дали Албанци навистина се осомничени и дали тие реално се дел од убиствата.

Тие се разочарани од опозицијата која избрза да го искористи верските чувства за политички интереси, не давајќи целосно образложен одговор дали Албанци биле или не биле вклучени во инцидентот.
Во меѓувреме, она што ги обединува речиси сите и оние што протестираат и оние кои се на власт, како и оние во опозиција, е тоа што сите бараат откривање на сторителите на грозоморното убиство, па дури тие и да бидат Албанци.

AddThis Social Bookmark Button