Теоретски богати, практично гладни

Црните сценарија според кои Македонија ќе остане без храна и вода, за дел од експертската јавност се нереална проекција. Последиците од климатските промени се очигледни, но како што велат, македонското земјоделство си пати и од ненаучен и популистички пристап во креирањето на земјоделската политика. Додека Сонцето пржи во мај, а статистиката покажува дека зависиме од увозната храна, анализираме дали само климатските промени ја заматуваат сликата за Македонија како фабрика за храна која ја посакува Европа.

Анализа на Весна Коловска

Кога од Солун ќе тргнете кон Битола, ве пречекуваат непрегледни зелени полиња засеани со жито. Грците не пропуштиле да обработат ни педа земја, па зелените посеви како ракавица ги обвиткуваат дури и десетината постојки за производство за струја. Во најголемата политичка и економска криза со земјата која се соочува, се чини единствената грижа од која е таа ослободена е храната. Годинава во Грција ќе ја има во доволни количини.

За разлика од Грција, според власта, Македонија ќе остане со една третина помалку жито од лани. Ако во минатата година се потрошиле 104 милиони долари за увоз на жито, тоа значи дека годинава ќе се потрошат најмалку 130 милиони долари. Министерот за земјоделство Љупчо Димов вината ја фрли на сушата и климатските промени.

„Проблем претставува комбинираниот ефект на климатските промени врз приносот на земјоделските култури, кој е значителен во областите каде се прогнозира  недостаток на вода за наводнување, а кој ќе ги намали приносите и до 50 проценти“.

Ова се дел од проекциите за периодот до 2050 година. Но, и се дел од втората национална комуникација што Македонија ја подготви за Обединетите Нации. Земјоделството, според овие проекции ќе биде значително погодено од климатските промени.

Земјоделски апсурди

Сепак, според Искра Стојковска од невладината Фронт 21/42, која е специјализирана за оваа област, поголемо влијание имаат и ќе имаат метеоролошките непогодности.

„Во голема мера овие превидувања се направени врз испитани и проверени модели. Зборувам за предвидувањата и моделите од Националната комуникација. Сепак е точно тоа дека ништо од тоа не мора да се случи на тој начин. Доволно е некаде да имаме некоја посериозна ерупција на вулкан, па тоа да ја смени глобалната клима“

На ставовите дека климата ги преполовува приносите се спротивставува професорот на Факултетот за земјоделство и храна Васко Златковски, според кого проблем е несоодветната прераспределба на земјоделските култури по региони.

„Да се сведе производството на пченица на оние локалитети каде што таа дава оптимални приноси – 5.500, 6000 килограми по хектар. Тоа е Пелагонија, тоа е западниот дел од државата каде што пролетта не е сушна. Дури и во мај знае да падне дожд, немаме појава на јужен ветар кој за 15 дена ќе исуши се’ и квалитетното зрно кога треба да се налее, да го исуши за пет дена. Треба да се постигне правилна прераспределба на културите, а таму каде што постојат услови на жешки лета да се фаворизираат култури кои не бараат толку многу вода, кои рано ја завршуваат вегетацијата и кои што може успешно да бидат продадени на пазарите“

Златковски вели дека македонското производство на храна се соочува со неколку апсурди, како што е на пример, постоењето на неколку големи системи за наводнување, а кои земјоделците не ги користат бидејќи немаат свои приклучоци до нивните земјишта. Или државата и оваа година ќе одвои 130 милиони евра за субвенции, без стратегија што сака да развива од производи.

„Треба да видиме како и кои култури на државата може да и донесат значаен девизен прилив, стимулирани од субвениции кои претходно биле земени од граѓаните преку даноци, за да се вратат назад преку извозот. Само така Македонија ќе постигне одржлив развој на земјоделското производство. И само така ќе успее да избегне од она што денеска претставува – суровинска преработувачка основа за индустриите на другите држави“

Американски проект за македонско прилагодување

Житото е вториот производ на листата на увозна храна, веднаш по месото.  Иако тоа традиционално се одгледува во Македонија, од година во година се намалуваат засеаните површините. Државниот завод за статистика забележал дури 50 процентно зголемување на пренамена на земјоделското земјиште во градежно, за изградба на згради и на патишта. Проблем е што од 500.000 хектари обработливо земјиште, 135.000 хектари главно државно земјиште останало необработено. Оваа година поради сушната пролет се проценува дека лебот што ќе го купуваме ќе биде главно од увезено жито.

Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) преку Мрежата за рурален развој во Македонија почна тригодишен проект за прилагодување на земјоделството кон климатските промени. Преку проектот вреден милион и триста илјади долари ќе се вршат тестирања за тоа кои култури, во кој дел од државата најдобро успеваат во услови на климатски промени.

Директорот на проектот Петар Ѓоргиевски најави повеќе мерки што ќе се применуваат:

„Една од таквите мерки ќе биде мучирањето. Тоа е една агротехничка мерка, инкорпорирање на биомаса во самата почва за задржување на влагата, начини на кроење на овошките и на лозите. Исто така, поставување на таканаречени УВ-мрежи кои производството го заштитуваат од негативните сончеви влијанија“

Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) на ОН проценува дека цената на храната во светот и натаму ќе расте поради високите цени на житните култури, кои пак се последица на помалите приноси и сушата. Најсиромашните земји и земјите во развој, во која група спаѓа и Македонија ќе бидат директно погодени, бидејќи ќе треба да издвојат дополнителни средства за надоместување на потребните количини на жито и на житни преработки.  

AddThis Social Bookmark Button