Недовербата во институциите, причина за тензии

Нa неодамнешните протести во Скопје, по апсењата за петкратното убиство јавно се искажа недоверба во институциите. Реакциите за таа недоверба се различни. МВР е воздржано, додека албанската партија на власт - ДУИ се обиде да ги аргументира случувањата. Kако треба да се дејствува за активностите на институциите да не се гледаат со предрасуди од етнички аспект?

Анализа на Назим Рашиди

Протестот организиран пред околу една недела од страна на млади Албанци, меѓу другото, во својата суштина ја имаше и недовербата во институциите.

Постои голема недоверба дека уапсените лица се сторители на петкратното убиство. Освен тоа, постои и недоверба дека мотивите на ова убиство имаат каква било врска со Исламот.

Зошто се скептични Албанците?

Сефер Тахири е аналитичар.

„Албанците историски имале недоверба кон државните институции. Посебно кон полицијата и судството, зашто полицијата дејствувала и ги надминувала овластувањата одредени со закон, додека пак судството често донесувало одлуки што не се основани врз факти и сведоштва за одредени казни, како што беше случајот Сопот, a и неколку други случаи“ – вели Тахири.

Во меѓувреме, сите анкетирани учесници на протестите го осудија убиството и бараат апсење на, како што велат тие, вистинските сторители, без разлика кои се.

Но, каква би требала да биде реакцијата на институциите во една таква ситуација?

Од една страна постои лутина затоа што се мисли дека е направена неправда, a од друга страна се бара решавање на случајот.

Решението е во професионализмот

Тахири вели дека народот сеуште не видел докази, освен изјавите дадени од високи службеници дека постојат убедливи факти кои ги ставаат обвинетите во средиште на убиството. Според него, од голема важност е враќањето на довербата во институциите и предлага:

„Како прво, почитување на презумпција на невиност. Второ, државата треба да обезбеди правична застапеност на албанците во сите органи на судството, обвинителството и на МВР. Само на тој начин, со почитување на хоризонталната, а не само на вертикалната  застапеност може да постои некаква доверба во институциите“ вели Тахири и додава дека во секој случај треба да се избегнува политизацијата.

Од друга страна, полицијата повтори дека стои зад дадените изјави. Сличен вокабулар употреби и јавниот обвинител.

Во меѓувреме, ДУИ, којa беше на мета на протестите, се обиде да ги аргуметира акциите на институциите.

Недостаток на професионализам

Toa уште еднаш го покренува прашањето зошто всушност аргуметите треба да бидат на етничка линија. И зошто овие дискусии и образложенија за преземените акции не доаѓаат од самите лидери на институциите со припадници на заедниците, без разлика дали тие се од една етничка група, а сомнежот доаѓа од друга?

Новинарот Боби Христов вели дека треба да се смени менталитетот на водење на институциите.

„Со начинот на кој се менаџираат институциите, со вработување на партиски луѓе, со доаѓање на власт и нивно отпуштање по промена на власта, не може да очекуваме ништо друго освен реакциитe што ги видовме. Eден вид на протести од албанската страна, a од македонска страна други протести од сосема поинаква природа“, вели Христов.

Судејќи според аналитичарите, реакциите на политичките субјекти оставаат впечаток дека тие повеќе се грижат за припадниците на својот етникум не водејќи сметка за делигитимизација на институциите. Нема внимание и чувствителност за несаканите реакции, иако поради нив, проблеми ќе има самата држава.

Kако реагираат институциите во други држави кога се презамаат акции што може да се сметаат за чувствителни.

Британскиот пример

Зоран Стевановски, новинар што живее во Лондон, го објaснува британскиот пример. Тој вели дека во случај на деликатни операции, полицијата секогаш е во комуникација со локалното население. Професионалната полиција е поделена од политичката власт, постојано внимава да остане професионална, a набрзо ќе ги искаже и своите критики кон власта.

“Ќе се оддржи годишната конференција на синдикатот на полицијата. На оваа конференција свој говор ќе имaат Министерката за внатрешни работи Theresa May, претставници на опозицијата, a најавено e и дека претседателот на синдикатот ќе и укаже на Министерката оти нејзината политика на штедење ќе ја намали ефикасностa на полицијата”, вели Стевановски.

Во последно време неколку организации и институции организираа обуки и семинари за медиумите, за тоa како истите да известуваат без навреди.

Се проценува дека еден таков концепт можеби треба да се употреби и во другите институции. Да им се посочи на луѓето дека превземените акции не се однесуваат на целата заедница. Toa би било особено важно за оние институции за кои довербата на народот е од посебна значајност.

 

AddThis Social Bookmark Button