Цркви и џамии како модни додатоци

Во Македонија, во последните години забележливо е интензивно градење на верски објекти- цркви и џамии, големи и мали, во фонтани, паркови и слично. Социолози коментираат дека со ова, на некој начин доминантните религии обележуваат територија. Претставници на верските заедници пак, предупредуваат дека треба да се гради според потребите.

Анализа на Душко Арсовски

Кога ќе се тргне од Скопје кон Гостивар од двете страни на патот се забележуваат десетици џамии, некои од нив во изградба, збиени по два-три објекта во едно село. Откако ќе се продолжи по патот од Кичево кон Охрид, освен џамии, се среќаваат и повеќе цркви - големи и мали, осветлени и неосветлени крстови, претежно во места каде што живее православно население. Се чини дека сликата е драстично сменета во последните години. Според социологот на религија Зоран Матевски ова укажува на едно нешто:

„ Ако градите цркви или црквички и ако на секое ридче никнуваат крстови, на некој начин вие маркирате, кажувате дека оваа територија е етнички македонска или поточно кажано, православна. Истата состојба ја имате и на другата страна. Каде мнозинството е од албанска етничка заедница, односно се припадници на Исламот. Со градење на џамии и по бројност и по архитектура, што поголеми тоа поубави, се маркира дека таа територија е албанска и дека е територија на која што имате припадници на Исламот“

Теологот и поранешан имам на Исламската верска заедница Рамадан Рамадани вели дека не се согласува со ова. Дава пример од Албанија каде по падот на комунизмот масовно се граделе верски објекти.

„По некое време и џамиите и црквите останаа празни и за период од пет-шест години тие буквално беа запуштени зашто немаа проток на верници или проток на луѓе кои би се грижеле за тоа. Мислам дека овој наш близок соседски пример би требало да биде поука да не градиме непотребни верски храмови оти тие не опстојуваат ниту на верата ниту на верниците“

Тренд во подем

Митрополитот на Пелагониската епархија на МПЦ владиката Петар, за Диверзити Медиа вели дека треба да се градат храмови а не, како што вели, на секој агол да има мали црквички што е тренд во последните години.

 

„ Ако е тоа потреба на Црквата, разбирам. Тоа да се направи таму каде што ќе има црквички во кои што ќе може да се влезе внатре, да се богослужи, да се запали свеќа. А, овие минијатурните црквички што ги прават, тоа не е наша иницијатива. Зборувам за нашата епархија, не можам да зборувам за другите“

Цркви и џамии се градат по иницијатива на граѓани или на верските заедници но, тоа е долг процес. Прво, треба да се добие локација. Камен-темелникот треба да се освети, а потоа и објектот откога тој ќе биде завршен.

Но, според Рамадани, во Македонија МПЦ и ИВЗ се бавни на овој план.

„ Треба да знаеме дека тие верски институции се поназад од желбата и од мотивот на населението па, затоа тие трчаат по иницијативата на народот, а не обратно, тоа да се направи со ред и со некаква ’контрола’ во институционална смисла“

Во случајот со МПЦ проблем се објектите кои ги градат поединци без амин од црквата, вели Владиката Петар.

„Гатачи, бајачи, видовити луѓе кои градат такви работи со кои ние потоа имаме проблем да се справиме затоа што тоа, на некој начин, е злоупотреба на верниците за приватни цели, односно некои од нив на тој начин се богатат. “

Скопската населба Аеродром нема такви. За кусо време во оваа општина се изградија неколку параклиси и минијатурини цркви. Маја Манчевска, портпаролка на локалната самоуправа вели дека тие биле граѓански иницијативи.

„Тие се изградени заради тоа што 98 проценти од населението во општина Аеродром е од православна вероисповед. Во последно време почнаа да се појавуваат некои граѓани кои изразија желба да изградат мали параклиси и досега на територијата на општината има изградено три такви. А, што се однесува на малите црквички при отворањето на фонтаните, се само макети и служат како украс“

Религија и политика, моли се и гласај?

Според социологот Матевски случаите каде општините даваат поддршка за изградба на верски објекти е пример на спрега меѓу црквата и религијата.

„ Доаѓаат локалните избори и сосема нормално е дека добар дел од гласачите се верници и оти тие гласачи треба да се придобијат за да се добијат изборите. Сосема е логична таа врска на градење на религиски објекти бидејќи имаме поврзаност на религиската и политичката елита“

Верскиот критичар Рамадани пак, има свое објаснување за оваа врска.

„Политичарите не работат за суштествено претставување на луѓето кои се порелигиозни или пак да им помогнат на официјалните верски заедници, во нашиот случај на МПЦ и ИВЗ. Па, некако сакаат да го надоместат тоа, со вака конкетни брзи акции со кои тие би укажале на својата религиозност“

Манчевска негира дека грдењето верски објекти е за да придобијат гласачи.

„Не станува збор ни за изборна кампања, ниту пак, временски се совпаѓа со изборите коишто следуваат за осум до девет месеци. Овие цркви, овие параклиси се градат веќе неколку години, што значи тие две работи не може да се поврзат. Во секој случај, општината ги поддржува сите проекти коишто граѓаните ги одобруваат и ги бараат“

Диверзити Медиа: Сакате да кажете дека општината не финансирала директно ниту еден верски објект?

„ Апсолутно не“ вели Манчевска.

Според неофицијални податоци, во Македонија има околу 1500 цркви и манастири и околу 600 муслимански верски објекти.

Анкета на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Скопје од крајот на 2011 година покажа дека повеќе од две третини од православните верници и половина од анкетираните муслимани сметаат дека имаат доволно верски објекти. Останатите одговориле дека има премногу. Но, вкрстеното испитување дало поинакви резултати. Генерално, двете заедници сметаат дека бројот на нивните верски објекти е доволен, додека за бројноста на верските објекти на другата вероисповед - мислат дека е преголем.


 

Статистиката не лаже

Околу 70 отсто од верниците не ги прочитале светите книги

Бројот на население се поклопува со бројот на верници во Македонија. Истражување на универзитетскиот професор Зоран Матевски покажало дека во земјата има помеѓу 0,7 и еден процент атеисти. Од верниците пак, 60-70 проценти се традиционални верници ја немаат прочитано Библијата или Куранот, смета Матевски.


 

Непишани правила

На 2000 верници по еден храм?

Според непишани правила, на секои 1500 до 2000 верници треба да има по еден храм, вели Владиката Петар. Во ИВЗ нема такви правила, објаснува Рамадан Рамадани.


 

AddThis Social Bookmark Button