Деца криминалци и на седум години

Страв завладеа помеѓу повозрасните штипјанки, откако неколку старици беа нападнати и силувани во сопствените домови. Малолетникот кој се обиде и силуваше неколку постари жени има неполни 14 години. Пензионерите бараат институциите да ги заштитат. Во судот и во полицијата тврдат дека имаат врзани раце, бидејќи се ограничени од законот.

Анализа на Весна Коловска

Сите медиуми во државата јавија за насилството и силувањата на стари или немоќни жени од Штип. Во период од шест месеци се случија шест вакви дела, или во просек по едно силување на еден месец. Насилници се двајца малолетници. 

Граѓаните на Штип се зачудени и исплашени.

„Страшно е за старите луѓе. За младите не е убаво што го работат тоа“, изјави една постара штипјанка.

Нејзиниот сосед рече: „Жена дома не смееш да оставиш. Стара баба или мајка - никако!“

Друг постар штипјанец беше загрижен: „Оставаме жени, деца на милост и немилост“.

Вестите за силувањата се прераскажуваат во Здружението на пензионерите. Претседателот Миле Василев бара поголема заштита за старите лица.

„Тоа е загрижувачка работа. Пензионерите и старите лица се изложени на опасност, претежно од малолетници. Ние мислиме дека за тоа треба да се преземат соодветни мерки за старите луѓе да бидат заштитени“.  

Најстарата силувана жена има 83 години. Ја силувало дете кое само што наполнило 13 години. Додека течела постапката низ институциите, според портпаролката на штипската полиција Снежана Санева,  детето нападнало и се обидело да силувало уште две старици.

„Законот за малолетничка правда ги штити малолетниците и во рамките на своите законски надлежности, полицијата е таа што може само да ги идентификува сторителите и да поднесе соодветен поднесок. Конкретно во случајот со малолетникот, во периодот додека да биде спроведена судската постапка, тој веќе изврши три кривични дела“.  

Најстрога, но најнеуспешна казна

Во криминалното досие на ова дете има пет дела обид за силување или силување на старо или немоќно лице. Последниот полов напад го извршило откако избегало од поправно – воспитниот дом во Скопје, каде поминало само пет дена од изрекување на мерката.

Според законот, упатување во воспитно – поправен дом е најстрогата мерка за малолетници, објаснува судијата Стојан Михов.

„Во воспитно – поправниот дом има тимови кои што ќе работат да создадат услови малолетникот во иднина да не се однесува на таков начин. Доколку се успее, во ред. Ако не се успее, доколку малолетникот го повтори делото како полнолетно лице, тогаш се преземаат ригорозни мерки  - ако е до 21 година, може да му се изрече казна затвор до 10 години“. 

Во ромската населба во Штип, каде живее детето, сите го знаат по прекар. Од пред некоја година семејството се доселило од Виница, по што мајката починала. Сестрите се омажиле со 13,14 години, додека таткото довел млада помајка.

Центарот за социјална работа наишол на отпор кај семејството, иако според директорката Наталија Панова, семејството е пресудно во заздравувањето на криминално застранетото дете.

„Семејството е тоа кое нуди потпора, поддршка за  враќање, меѓутоа, во некои случаи може да се случи и обратен ефект, семејството да го поттикнува и сето тоа детето го прави од револт од ситуација во која се нашло во семејството“. 

Семејствата и државата дезорганизирани

Последните години, според криминологот Стеван Алексоски се симна границата на старост на малолетници кои вршат криминално дела. Дури 40 отсто од сторителите на криминал се деца меѓу седум и 14 години, кои законот ги казнува со укор или упатување во дисциплински центри кои не постојат во Македонија.

„Тоа зборува дека можеби живееме во општество каде системот на вредности се’ уште не е поставен како треба, семејството не ја игра примарната улога како треба, а институциите во системот поради дезорганизацијата не си ја исполнуваат улогата поради која постојат. Ние може да се пофалиме дека имаме добар закон за малолетничка правда, меѓутоа, за жал, во пракса тој не заживеа“.

Професор Алексоски вели дека овој пораст на малолетнички криминал науката го препишува на продолжениот транзициски период во општеството.

„Самото постоење на рецесијата, економска, морална криза, се одразува негативно и во аномијата на личноста кои се’ уште не се созреани, ниту на емоционален ниту на интелектуален или социјален план. Ако тргнеме од тоа дека само една четвртина од сторителите на криминални дела потекнуваат од службенички семејства, додека  три четвртини од работничко – земјоделски семејства. Тоа зборува дека тоа се пред се’ од семејства со низок социо - економски и образовен статус, што не можат да му обезбедат одредени потреби и не претставуваат авторитет за детето. Така, тие идентификацијата ја бараат кај нивните врсници„.

Каде е проблемот? Во семејството, институциите, или во самата личност на детето криминалец кое психолозите го опишуваат како личност со дефектен карактер што се манифестира низ појава на психопатски однесувања со изразено насилство, бруталност и немање на чувство на вина...Што и да е во прашање, постарите штипјанки живеат во страв некое насилно дете да не затропа на нивната врата.


Изолирани случаи

Осуда на целата заедница

Институциите не сакаат да потенцираат, но факт е дека малите силувачи во сите случаи се деца од ромски семејства. Двете ромски невладини организации со кои контактиравме,  „Черења„ и Здружение за правата на Ромите, се оградуваат и ги осудуваат сторителите. Во „Черења“ изјавија дека дејствувањето на поединци ја оцрнува целата заедница, која е подеднакво на удар од насилниците. Во Здружението за правата на Ромите велат дека силувачи не можат да бидат под нивна заштита.

Едното од овие деца (13 годишникот) нема никакво образование и никогаш не одело на училиште, додека петнаесетгодишниот има завршено две одделенија. 


 

 

AddThis Social Bookmark Button