Добриот глас овде не се слуша

Во последната година беа убиени неколку Македонци во Австралија.  Деновиве им се суди на уште двајца за вмешаност во трговија со дрога. Меѓутоа, наспроти ваквите вести, во македонската јавност малку се знае за успешните млади Македонци во Австралија кои полека ја менуваат структурата на најголемата македонска колонија во странство. 

Анализа на Весна Коловска

Триесетиедногодишниот  Стефан од австралискиот град Перт е успешен инженер чија специјалност се водоводните системи. Ова е барана професија во сушниот запад на Австралија.  Во ноември минатата година, Стефан ја доби наградата за најуспешен млад инженер. Тој е припадник на новата генерација на образовани Македонци, кои завршиле факултет во Австралија и ја смениле структурата на македонските иселеници.

„Има доста инженери што се како мене, потоа такви што се занимаваат со техничко цртање. Повеќето се вработени во градежништвото или имаат мали бизниси. Има помал процент од Македонци што се многу успешни тука, што имаат многу пари, што имаат компании  и што се високо профилирани“ изјави  Стефан, кој иако како многу мал  дошол во Австралија, за себе вели дека главно ги прифатил македонските вредности, затоа што како што вели, се добри вредности.

Перо Трифуновски е електроинженер од Сиднеј и е припадник на средната генерација. Според него, од Македонците кои се доселиле последните 10-15 години речиси 70 – 80 отсто се определуваат за факултет, затоа што и нивните родители се високообразовни. 

„Останатиот дел од младите луѓе, скоро сто отсто, наоѓаат работа.  Или еден дел се запишуваат на курсеви за разни занаети и што е многу важно, никој не останува без работа ако не продолжи со факултетот. Дури оние кои одат на факултет, во слободното време наоѓаат некоја работа за да бидат независни или да не се товар на родителскиот буџет“

Старите – жртва за новите

Овие млади генерации од родителите успеале да добијат добра основа за денес да имаат подобар живот. Ова е ставот на Тоде Кабровски, кој е долгогодишен наставник по македонски јазик и координатор на наставата во Австралија.

„Младата генерација овде живее многу полуксузно, одат во поскапи ресторани,  патуваат надвор од Австралија. Трошат повеќе, а тоа зависи од тоа колку родителите им спечалиле, но се добри Македонци. Нивните родители кои дошле пред 30-40 години, работеле напорно и инвестирале, така што оваа нова генерација живее многу подобро од нивните родители“. 

Меѓу Македонците има академици, доктори на науки и познати бизнисмени.  Тројца политичари од македонската заедница во изминатите години успеале да се изборат за градоначалнички места во австралиски општини. Има и доста успешни млади луѓе кои се на втори или трети позиции во големи меѓународни компании, а кои се познати во мал круг на луѓе.

Неодамна е формирана лекарска асоцијација на Македонци во Австралија, која успеала да собере донации и да купи скап апарат за една од болниците во Сиднеј.  Сепак, според Стефан, тој број на познати успешни млади луѓе е недоволен за да се зборува за македонската заедница.

„За жал, нема толку многу како што би требало да има. Знам дека има многу паметни Македонци тука, само можеби им е тешко да го постигнат тоа што го сакаат или можеби не знаат како да станат попознати. На пример, јас лани добив награда „Најдобар млад инженер во индустријата за вода во западна Австралија“. Тоа е доста високо достигнување, само што за тоа знаеја моите пријатели и таа вест не одекна. Не знаеме да направаме тоа да стане „голема работа“.

Изолирани случаи

Затоа пак, по правило, лошите вести побрзо патуваат од добрите. Веста дека на двајца Македонци во австралискиот град Перт им се суди за трговија на дрога вредна близу четири милиони евра, се проследи со внимание во Македонија. Пред еден месец пак, во Вологонг, беше убиен младиот Дарко Јанчески пред очите на неговите родители. На ист начин лани во септември во семејната куќа во Илавара е убиен Сашо Ристевски. На два дена пред Божиќ Ник Тодоровски, припадник на група моторџии, настрада во престрелка и во позлатен ковчег беше испратен во родителскиот дом во Сиднеј. Наши соговорници во Австралија велат дека овие луѓе се познати по својата семејна историја меѓу 80-илјадната македонска заедница.

Тоде Кабровски кажува за вниманието со кое се проследени тамошните настани.

„Македонската заедница ги прими овие вести многу жално и срамно. Пред една недела имаше вест за еден наш бизнисмен, дека го најдоа на плажа, дека се самоубил. Според бројот на Македонците што живеат на овие простори, нема многу кои се вмешани во криминални дела или се вмешани во бизнисот со дрога.

Перо Трифуновски пак, смета дека се тоа ретки, изолирани случаи.

„За кратко време се случија неколку такви настани со Македонци. Припадници на македонската заедница не се повеќе, ни помалку инволвирани во однос на другите етнички заедници, со исклучок на некои заедници кои не сакам да ги набројувам. Македонците во основа се мирен народ, кои си ја гледаат својата работа. Дошле овде за еден подобар живот “.

Официјално, во Австралија живеат над 83.000 Македонци, иако македонските организации тврдат дека тој број е многу поголем и изнесува околу милион. 

AddThis Social Bookmark Button