Врски за на шалтер, ама и за во репрезентација

Во македонската фудбалска селекција се влегува со плаќање обвини неодамна поранешен репрезентативец. Оние кои го следат македонскиот спорт велат дека сомнежи постојат ама нема докази. Фудбалската федерација почнала да ги испитува обвинувањата, а актуелниот селектор и неговиот помошник најавуваат приватни тужби. Последните случувања ги ставаат во втор план слабите резултати на репрезентацијата која е 98. во светот.

Анализа на Душко Арсовски

Навивачката еуфорија што ја предизвикаа ракометната и кошаркарската репрезентација никако да дојде од најдобрите фудбалери. На слабите резултати во последните квалификации се придодадоа и обвинувања дека за да се влезе во најдобриот тим треба да се плати. Спортскиот новинар Драган Николовски вели дека ова не е ново.

"Од скапи часовници или можеби луксузна гардероба како благодарност за место во националниот тим, преку тарифа за настап, за повик до процент од некој направен трансфер. Тоа се главно можните варијанти што се вртат. Се разбира дека никој никогаш тоа не може да го докаже затоа што никој никогаш за тоа не заборува јавно ако бил вклучен во нешто такво.“

Поранешниот повремен репрезнтативец Панче Ќумбев кој 7 години играше во полската лига одлучи јавно да го каже своето искуство.

„Кога бев во Полска ми се јави еден човек од тогашната управа, не директно да ми бара пари, туку ми бараше подароци во вид на часовници, костуми и такви работи. Меѓутоа јас стриктно одбив и реков дека додека е таква ситуацијата во нашата репрезентација нема никогаш да заиграм за неа. Меѓутоа сега да спомнувам имиња е малку невкусно зашто мислам дека тој човек веќе не е во Федерацијата. “

ФФМ се заканува со дисциплинска 

Македонскиот интернационалец во Романија Баже Илијоски неодамна директно ги прозва сегашните први луѓе на репрезентацијата Џон Тошак и Бобан Бабунски незадоволен од начинот на кој е направен изборот на репрезентативци.

„Кои се критериумите за нас кои што играме фудбал и тоа  стандардно во многу поквалитетни првенства. Освен еден критериум кој што ми е познат, а тој е да си платам пари за да играм, а тоа сепак нема да се случи, другите ми се непознати. Ова вие што го правите е тотално нереспектирање и омаловажување на нашиот труд како фудбалери“, напиша на својот Фејсбук профил Илијоски.

Во Фудбалската Федерација на Македонија велат дека до сега ниеден фудбалер или родител на дете фудбалер не пријавил ваков случај, но последните обвинувања ги сфатиле сериозно. Портпаролот Зоран Николовски за Диверзити Медиа вели дека е почната постапка.

„Ќе мора и да ги потврдат своите изјави и со факти во спротивно ќе бидат предадени на дисциплинската комисија која ќе превземе соодветни мерки. Исто така имам информација дека селекторите Џон Тошак и Бобан Бабунски приватно прибираат докази и ќе поведат приватни постапки со цел да не се наметнува недокажано мислење и се намалува кредибилитетот на нив како селектори на ФФМ и на фудбалот во Македонија.“

Изборот на фудбалерите го прави селекторот со својот помошник.но слабите резултати ги подгреваат сомнежите. Новинарот Николовски вели:

„ Претпоставките најчесто се темелат врз основа на некои чудни избори на играчи, главно на фудбалери кои настапуваат во странство кои нашата јавност не ги познава или била многу малку уверена во нивните квалитети. И кога на тоа ќе се додаде непишаното правило кое се почитува како светост во репрезентативниот дрес обврзно да има фудбалери од албанска етничка заедница целата приказна изгледа уште позамаглена. “

Ќумбев има свое објаснувње.

„ Се ми личи дека нашата фудбалска репрезентација повеќе личи на менаџерска агенција. Можеби малку нашиот менталитет е таков но факт е дека многу играчи играле за репрезентацијата а не заслужувале. Е сега по кој канал дошле тоа е прашање кое треба да го испитаат надлежни институции. Меѓутоа факт е дека во последниот случај јас половина од репрезентативците не ги ни познавам.  “

За поранешниот селектор Ѓоре Јовановски ова се озборувања.

„ Се додека не сум видел јас опипливо или да сум го почуствувал никогаш не било моја работа да се занимавам со шпекулации. Треба да се почитува одлуката на селекторот. Негов е изборот, обврската и одговорноста. “

Битка за превласт во ФФМ

Обвинувањата за можен поткуп во фудбалската репрезентација доаѓаат во период кога дел од општинските фудбалски сојузи бараат смена на преседателот на Федерацијата Харалмпие Хаџиристески. Членот на Управниот одбор на ФФМ Иван Анастасовски гледа поврзаност.

„ Секогаш има луѓе кои се опоненети на актуелните раководства и на стручните тела што ја водат репрезентацијата и можеби го користат тоа како средство за да наметнат една негативна енергија.

 Новинарот Николовски не се согласува со ова.

„ Имам впечаток дека не произлегува сето тоа од таму бидејќи обидите на групацијата којашто сега настојува да го урне легитимитетот на претседателот Хаџиристески се можеби нај чисто, најправилно и најсоодветно изведени до сега. “

Го прашавме Јовановски дали македонскиот фудбал има системска грешка, а ова што се случува со репрезентацијата е резултат на тоа?

„ Стојам на тоа дека нашиот фудбал ќе оди надолу и надолу. Првиот проблем е во клубовите. Тие немаат стратегија што сакаат. Се’ додека се игра на вакви стадиони, се’ додека нема инфраструктура никогаш нема да успее. Не е се’ во парите туку и во главите. “

За само две години Македонската фудбалска репрезентација отиде од една во друга крајност. Во 2010 беше 46. на ранг листата на ФИФА што е историски најдобар пласман. На крајот на 2011 го допре дното кога беше 103 во светот. Според последната листа е на 98 место и е најслабо рангирана од земјите во регионот. Двете последни пријателски средби со Португалија и Ангола кои завршија со реми, се чини за нијанса го поправаат сивилото.

 

AddThis Social Bookmark Button