Граѓани Албанци против политичари Албанци

Неколку анкети за поддршка на политичките субјекти во Македонија покажуваат дека голем дел од граѓаните немаат доверба во политичките партии или пак се неодлучни за кого да гласаат. Оваа реакција е поврзана и со некои случувања на локално ниво кои од владините претставници го зголемија  незадоволството. Се зголемува и албанската граѓанска опозиција кон албанските претставници во Владата заради начинот на кој тие владеат. Во медиумите беше дискутирано и за можноста за организирање на граѓаните. Дали е можно такво нешто?

Анализа на Назим Рашиди

Туристите и локалното население се освежуваат во и покрај водите на реката Црн Дрим во Струга. Но, Струга, во овие летни денови не е во фокусот само поради туризмот, туку и поради еден настан кој досега предизвика реакции само на социјалните мрежи. Ниеден орган и институција не може да даде точни објаснувања како можело без трошка милост, да се руши џамија изградена во 16 век, која меѓу другото се смета за културно наследство.

Реакциите за овој настан се само дел од низата реакции во овој град предизвикани од растечкото незадоволство за начинот на управување со него.

Во медиумите се појави известување дека токму поради лошото менаџирање, разни интелектуалци може да промовираат политичка иницијатива чие јадро би биле самите граѓани.

Според Алберт Хани, кој се издвојува како еден од иницијаторите на оваа граѓанска иницијатива во Струга, на таков чекор би се одело поради недовербата во политичките партии и како тие одбираат соодветни кадри.

„Самата мисија на овие активности ќе биде доволна за да предизвика совесност кај политичките партии. Тоа треба да се случи што побрзо, за да има простор за квалитетот, вредностите, интелигенцијата и капацитетот кој го имаме. Ние сме заложници на една генерација, на една групација на луѓе кои решаваат за нашата иднина” вели Хани.

Челници кои ги навредуваат Албанците

Реакции и смеа, но, според некои коментари на социјалните мрежи, и „навреди“ кон самите граѓани предизвика и оваа изјава на градоначалникот на Општина Сарај, Беким Мурати.

„Денес сум дел на пошумувањето со пастрмка на реката Треска“.

Иако оваа изјава можеби беше еден моментален лапсус, сепак во фокус ги стави дискусиите за тоа кои се критериумите според кои политичките субјекти ги одбираат нивните кандидати за различни функции. Се повеќе се поставува прашањето како се вреднува професионализмот, можностите, достоинството и кредибилитетот на еден кандидат?

Сефер Тахири, кој работел на анализа за функционирањето на албанскиот граѓански сектор во Македонија вели дека тој може да влијае токму со притисокот за зголемување на професионалното ниво на политичките претставници. И тоа без разлика дали тие се дел од владејачката партија или пак доаѓаат од опозицијата.

„Тука се набројуваат професионалната подготвеност, нивото на образование и компетенциите за одредени професионални задачи со организациските, менаџерските, комуникациските вештини, итн. Овие, без разлика дали се работи за албанскиот или пак македонскиот блок, малку се земаат предвид, вели Тахири и додава:

“Како резултата на ова, имаме ситуација во која политичките претставници употребуваат несоодветна реторика. Разлика не постои, бидејќи и Владата и опозицијата немаат систем на критериуми според кои би избрале кандидати за различни функции“.

Уништување на старите идеали

 

Во овие жешки денови реакции и гнев имаше и во Тетово поради недостигот на вода за пиење. Веќе неколку години наназад градот се соочува со овој проблем, но освен разни ветувања решение се уште нема. Група граѓани се обидуваат да организираат протести за барање на одговорност од надлежните институции. Но, дали може овие ракции да се развијат и артикулираат во граѓански политички организирања кои би се соочиле со политичките партии?

Селадин Салиху, професор во Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) изрази скептицизам дека влијанието може да биде големо. Но, сепак вели дека може да има некакво влијание.

„Имаме уништување на старите идеали и на некој начин недостиг на замена на овие идеали. Во овој општествен дисбаланс може да се случи и една минимална иницијатива да постигне нешто незамисливо за општеството. Имаме една граѓанска реакција за да не се дозволи мешање на политиката во оние сфери кои треба да бидат автономни. За почеток, добро е да има такви иницијативи, но не мислам дека претставуваат голем предизвик и закана за двете политички партии во албанскиот блок, затоа што тие имаат политичка структура и финансиска моќ“, вели Салиху.

Како се приближуваат локалните избори, кои треба да се одржат следната година, се зголемува и бројот на анкети кои покажуваат колкава поддршка од граѓаните имаат политичките партии. Но, најголем показател е тоа што голем број на граѓани немаат доверба во политичките партии или пак се неодлучни за кого да гласаат. Вклучувајќи ги и разните реакции на граѓаните, се организираат и разни протести, како оној на политичките затвореници или друг за европски вредности, сите би требало да бидат аларм за политичките партии за начинот на кој ги селектираат своите кадри. И пред се аларм за воспоставување на одговорноста, по растечките критики од страна на граѓаните. Недовербата и разочараноста од нив е очигледна.

AddThis Social Bookmark Button