Неискористениот мозок на дијаспората

Во Македонија се прават напори за канализирање на интелектуалните и научните потенцијали на дијаспората. Агенцијата за иселеништво е во тек на создавање на база на податоци. Но и покрај ова, голем дел од професионалците од Македонија кои дејствуваат надвор од државата не се дел од оваа база на податоци. Еден од нив е Илир Зенку од Кичево, кој меѓу другото, менаџира операции со помош на робот на Универзитетот Илиноис во Чикаго. Тие денес се сметаат за најнапредните технолошки операции. Колку и дали може Македонија да ги привлече овие кадри за унапредување на науката и на општеството?

Анализа на Назим Рашиди

На една телевизиска емисија нобеловецот со албанско потекло Ферид Мурати, објаснува за еден од неговите пронајдоци од сферата на медицината. Пронајдок заради кој и ја доби Нобеловата награда. Тој денес има добиено десетици звања и престижни меѓународни почести. Пред неколку дена беше прогласен и за Honoris causa (почесен доктор) на Државниот Универзитет во Тетово.

На одржаната церемонија во негова чест, рече дека би сакал да даде свој придонес за унапредување на науката и во Македонија. Но, до денеска, ниедна образовна институција не овозможила разни странски научници, а посебно оние домашни, да ги споделат своите искуства со студентите во приватните или пак државните универзитети.

Нобеловецот Ферид Мурати можеби е најславниот, но не е единствениот.

Албанец од Македонија менаџира медицински операции со робот

Ова е еден специјалист во операциска сала на Државниот Универзитет во Чикаго. Операциската сала е специфична поради фактот што во неа се наоѓа една од најретките опреми во светот - робот кој ги врши хирушките зафати кај луѓето. Специјалистот објаснува дека со роботот всушност управуваат најдобрите хирурзи во светот и целиот процес наликува на една компјутерска игра.

Со овој иновативен проект раководи Илир Зенку од Кичево, кој во САД се преселил пред околу десет години. Тој е асистент на потпретседателот на Универзитетот Илиноис, Чикаго.

“Мојата улога во оваа организација е да овозможам употреба на технологијата во медицината, за едукација и за научни истражувања. Имаме неколку напредни програми, како што е програмата на роботската хирургија. Јас имам задача да се промовираат проекти од висок приоритет, како на пример роботската хирургија во медицинскиот систем на Универзитетот Илиноис”, вели Зенку.

Тој специјализирал за специфични менаџирања во медицината. А, раководи и со други важни проекти, како што е развивањето на ситни роботи кои би се внесувале во организмот исто како и лековите, во форма на капсули или апчиња, би ги извршиле потребните зафати и потоа би се исфрлиле од организмот. Или пак, промовирањето на методите за создавање посебни лекови за секој поединец одделно, врз основа на неговите карактеристики.

Но, дали тој би сакал да го сподели своето искуство добиено при менаџирање на проекти од медицината со лекари од највисок светски ранг во Македонија? Одговорот на Зенку е потврден, но во исто време тврди дека тврди дека се уште не се создадени можности за такво нешто.

“Мислам дека е потребно уште многу работа за сето тоа се направи на еден поорганизиран начин. Нам ни останува многу малку слободно време и не може да се занимаваме со административни работи. Би било многу добро доколку оваа енергија од надвор се администрира поефикасно, за да може да го дадеме и ние нашиот придонес”, смета Зенку.

Овој случај го покренува прашањето колку всушност овдешните авторитети имаат информации за поединците во светот кои се успешни во разни области и кои може да придонесат за унапредување на науката и општеството во државата?

Од Агенцијата за иселеништво при Владата на Република Македонија велат дека заедно со Министерството за надворешни работи почнале со идентификација на научниците од Македонија кои дејствуваат во целиот свет.

Интерес за дијаспората само за избори

Васил Наумов, директор на Агенцијата вели дека има случаи кога разни универзитети поканиле претставници од дијаспората да предаваат во Македонија. Но, признава дека има уште многу работа за тоа да се оствари во пракса.

“Ова е еден отворен процес и ние работиме за пошироко опфаќање на иселениците научници. Посебно од аспект на нивно вклучување на универзитети како редовни професори или периодично или пак, како им одговара ним и на универзитетите”, вели Наумов.

Но, освен за интереси за време на избори, кога за прв пат на последните парламентарни избори гласаше и дијаспората, претставници на дијаспората тврдат дека немало некој постојан интерес за достигнувањата на нашите иселеници во земјите во кои тие дејствуваат.

Државните образовни институции пак, велат дека главно секогаш се заинтересирани за привлекување на професионални кадри.

Но, Катерина Колозова, една меѓународно призната авторка од полето на филозофијата, а посебно за родовите прашања, на која Универзитетот Колумбија наскоро ќе и објави две книги, вели дека образовните и административните институции треба да го сменат пристапот на вреднување на кадрите. Затоа што, според неа методите понекогаш се фокусираат само на техничките страни, додека пак на влијателните странски универзитети има поинакви методи на вреднување.

“Наместо некој на технички начин, без многу размислување да го третира академскиот успех како едно техничко прашање, треба да се овозможи еден класичен процес на вреднување во кој членовите на една комисија би вршеле вреднување на академската работа”, коментира Колозова која исто така потенцира дека треба да се внимава за начините на кои  се вреднуваат достигнувањата во сферата на егзактните, но и на хуманистичките и на општествените науки. 

Во Македонија неколку млади научници, посебно од сферата на информатиката постигнале меѓународни успеси. Исто така, имало и случаи кога разни институции повлекле успешни поединци кои работеле надвор од државата и ги ангажирале во владини проекти. Но, поректи се случаите кога овие поединци се ангажирани за подигнување на научното ниво и знаења во универзитетите. Нешто што како резултат би имало долгорочни придобивки за сите.

AddThis Social Bookmark Button