Сиртаки во ритам на Тешкото

На пет дена до парламентарните избори во Грција, втори во рок од два месеци, во светските медиуми повторно се појавуваат апокалиптични сценарија за можна граѓанска војна доколку земјата излезе од еврозоната. Експерти за безбедност коментираат дека ова нема да се случи, туку дека тоа е надворешен притисок врз гласачите, да внимаваат за кого ќе гласаат. Прогнозите се дека неонацистите нема да го повторат успехот од мајските избори. Оваа ситуација не влијае врз македонските туристи кои и годинава во голем број ќе летуваат во Грција.

Анализа на Душко Арсовски

Грчото сиртаки и ова лето ќе има ритам на Тешкото. Прво, затоа што во недела се парламентарните избори како втор обид да се формира Влада која ќе треба да ја извлече земјата од сегашниот банкрот. И второ, заради многуте македонски граѓани кои уште отсега ги запоседнаа плажите на Егејско море, додека западноевропејците ги откажуваат аранжманите.

Странски медиуми и невладини организации пишуваат за нови можни социјални немири кои би довеле до граѓанска војна во земјата која сега живее од странска помош во милијарди евра. За возврат, спроведува драстични мерки на штедење. Безбедносна криза од такви размери би имала ефект и врз регионот.

Аналитичарот за безбедносни прашања Благоја Марковски вели дека тоа нема да се случи.  

„Тоа може да биде во превентивна смисла давање знак на населението дека е сериозна кризата во Грција и дека од тој аспект треба многу сериозно да се пријде кон парламентарните избори кои што следат“

Последните анкети даваат предност на конзервативната Нова Демократија која сепак, според нив, нема да обезбеди мнозинство за формирање Влада. Истото се случи и на изборите на шести мај, на кои втора беше коалицијата на радикалната левица Сириза, а трет ПАСОК. Сите тројца лидери се обидоа, но, не успеаја да формираат Влада.

Не сакаат антикризни мерки, а ја сакаат Еврозоната

Каков и да биде епилогот, Марковски смета дека главниот збор ќе го има меѓународната заедница зашто тоа е практика на Балканот. 

„Незадоволството кај населението, и тоа не само во Грција, на власт ги донесува радикалните структури. Кога ќе бидат избрани, под притисокот на меѓународната заедница тие мора да го менуваат својот став. Така очекувам и во Грција, без оглед кој ќе ги освои парламентарните избори, ќе мора да работи според правилата кои ги поставува Европската унија и меѓународната заедница “

Димитрис Котаридис, новинар на атинската телевизија Антена не верува во мрачни сценарија по изборите.

„Се зависи од тоа каква ќе биде економијата по изборите. Не мислам дека на крајот ќе се вратиме на драхмата. Мислам дека грчкото општество ќе гласа за иднината. Не очекувам да имаме идеолошки улични судири помеѓу левицата десницата или нацистичките групи. Грција ќе остане во еврозоната, но, ќе остане и големата криза во општеството“

Дописничката на националната телевизија од земјава Канал 5 од Атина, Сања Ристовска смета дека денес во Грција е поразлично од пред една година, кога имаше улични нереди. Таа објаснува оти Грците се трпеливи, а единствен страв им е да не излезат од еврозоната, што е неизбежно ако се откажат од мерките што ги наметнаа кредиторите.

„Не сакаат антикризни мерки, не сакаат меморандуми, но, сепак сакаат да останат во Еврозоната и најмногу што ги плаши е да не случајно Европската Унија одлучи да ги избрка. Е, дури тогаш би можеле да разговараме за некои такви немири“

Котаридис дава илустративен пример до каква состојба се доведени Грците.

„Она што го направија е што ја убија средната класа во Грција која беше единствената која плаќаше даноци, ја помагаше Владата. Пред неколку дена немавме лекови за болните од рак, па можеше да се види како стотици постари пациенти чекаат ред да дојдат до лекови, што е неверојатно за европска и за секоја друга држава“

 

Кризата ги исплаши Германците, но не и Македонците

Општата криза нанесе удар врз туризмот како носечка стопанска гранка која учествува со 15 проценти во бруто домашниот производ на Грција. Веста дека Грција може да се врати на драхмата ги натера традиционалните германски туристи да откажат стотици илјади резервации во само 10 дена.

Елени Андреадис од Асоцијацијата на хотелиери на Халкидики оценува дека голем удел во тоа имаат светските медиуми кои даваат искривена слика.

„За нас беше вистински предизвик да го надминеме овој негативен публицитет којшто во најголем дел е предимензиониран. На пример, кога се споменува загриженост за безбедност на туристите, а нема ниту еден единствен инцидент и сè фунцкионира како и обично. “

Андреадис сепак вели дека гостите од Македонија не се откажуваат и дека, според неа бројот на аранжманите е зголемен споредено со лани.

Грчката современа трагедија кулминираше во 2010 кога беше откриено дека неколку Влади ги ‟штимале„ статистичките податоци за економијата, за да ги задоволат критериумите на евро зоната. Буџетскиот дефицит со години бил во недозволен минус, а јавниот долг достигнува до 130 проценти од БДП и ја носи земјата пред банкрот. Земјите од еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд одобрија пакет од 260 милијарди евра за спас на Грција која за возврат треба да спроведе строги мерки на штедење, да крати работни места, како и плати на администрацијата. 

Но, како што вели новинарот Котаридис, ова што се случува ги отрезнило Грците оти луксузниот живот којшто повеќето од нив го живееле со години бил лажен и на туѓа сметка. 

 

AddThis Social Bookmark Button